Според едно истражување, објавено во PLOS Biology, кафето ги обновува енергетските фабрики на клетките и му помага на срцето да закрепне од срцев удар. Истражувањата се направени врз глувци, од страна на тим од истражувачи при Универзитетот Хајнрих Хајне Дизелдорф во Германија.
Во текот на 10 дена, истражувачите им давале на глувците еквивалент од четири шолји кафе на ден, пред потоа да поттикнат срцев удар кај глодарите. Клетките кај глувците кои примале кофеин подобро се справиле со санирањето на оштетувањата од срцевиот удар, споредено со клетките кај глувците што не добивале кофеин. Ова се должи на тоа што кофеинот помага во внесувањето на протеинот означен како p27 во митохондриите, органелите одговорни за производство на енергијата за клетките. Зголемувањето на количините од p27 во митохондриите го зголемило и производството на енергија на органелата, а тоа им помогнало на срцевите клетки подобро да закрепнат од оштетувањата.
Протеинот p27 е присутен и кај луѓето и другите животни, што ја зголемува можноста кофеинот да помага во заздравување на срцето и кај луѓето. Вообичаено, p27 се наоѓа во јадрото на клетките, каде што учествува во контролата на делба на клетките. Неговата улога во зголемувањето на енергијата во митохондриите досега не беше позната.
Се чини дека кафето штити од срцеви заболувања, дијабетес, но и од ред други заболувања, со исклучок на ракот, а новото откритие може да даде одговор зошто помага во превентивата, вели Џудит Хенделер (Judith Haendeler) биохемичар од Медицинскиот факултет на споменатиот универзитет. Сепак, Хенделер предупредува дека пиењето повеќе кафе само по себе, без притоа да се прават други активности од коишто кардиоваскуларниот сисем би имал корист, како вежбањето и промена во исхраната, нема да направи некоја особена разлика кај луѓето. Таа понатаму предупредува дека пиењето премногу кафе или зелен чај може да внесе премногу р27 во митохондриите и со тоа да ги уништи, предизвикувајќи здравствени проблеми.