Рубрика: Медицина
Кафето штити од хронични болести на џигерот?!
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 22.06.2021 - 18:45

Се чини дека пиењето кафе, независно од тоа какво кафе пиете – турско, американско, еспресо, капучино, фрапе или која и да е егзотична форма на кафе – може да го намали ризикот од развој на болести на џигерот. Вака барем се тврди во студијата објавена неодамна во BMC Public Health.

Истражувачкиот тим од научници од универзитетите во Саутхемптон и Единбург, ги анализирале податоците на УК Биобанк земени од 495,585 учесници кои биле следени во период од 11 години, со цел да го следат развојот на хронични болести на џигерот во корелација со пиењето кафе.

Според студијата, уживателите во кафето имале за 21% намален ризик за развој на хронично хепатолошко заболување и за 49% намален ризик за смрт како последица на заболување на црниот дроб. Притоа најголем бенефит од пиењето кафе имале оние кои пиеле каква и да е форма на варено мелено кафе (турско, еспресо, лате) коешто содржи високи нивоа од состојките кавеол и кафестол, кои и претходно се покажале како корисни соборци во справувањето со хепатолошките заболувања при тестовите спроведени на животни.

Но, се чини дека дури и инстант-кафето коешто содржи ниски нивоа од овие состојки го носи благодетот на намалување на ризикот од болести на црниот дроб, што укажува дека можеби во игра се и други состојки или комбинација од состојки присутни во кафето при заштитата на џигерот.

Откритието е значајно ако се има предвид дека хроничните болести на џигерот се една од растечките причинители на морбидитет и морталитет во светски рамки.

На пиењето кафе честопати се гледа како на лоша навика, со оглед на раните истражувања кои укажуваа на негативните последици придружени со советите од разните здравствени гуруа и блогери кои пишуваа редови и редови за благодетите по престанокот со консумација на кафе. Но последниве години сè побројни се истражувањата кои укажуваат на ни за потенцијални благодети од пиењето кафе кое се чини дека помага при борбата со широк опсег на болести, тука вклучувајќи ги и Паркинсоновата болест, тип 2 дијабетес како и срцевите заболувања.

Авторите на гореспоменатата студија спровеле истражувањето врз основа на биолошката можност на кафето како превентивен фактор за хепатолошките заболувања. Кафеинот е непребирлив противник на рецепторот A2aA. При активација рецепторот A2aA го стимулира производството на колаген од страна на хепатичките стелатни клетки, кои се борат со фиброзата на џигерот. Но, повеќе други истражувања спроведени на животни покажаа дека и другите активни состојки на кафето, тука вклучувајќи го кавеолот, кафестолот и хлорогенската киселина, исто така штитат од фиброза.

Но пред да се впуштиме во пиењето кафе на литро треба да се напомене дека дури и авторите на студијата нагласуваат дека на добиените резултати треба да се гледа со резерва. Имено, консумацијата на кафе била пријавена како услов за влез во истражувањето, па така не биле земени предвид долготрајните промени во консумацијата. Исто така, учесниците во студијата биле претежно бели и имале повисок социо-економски стандард, што може да значи дека резултатите се должат делумно и на подобрениот животен стил. Сево ова укажува дека се потребни понатамошни истражувања на оваа тема.

Клучни зборови: