Пред околу две недели веќе ја видовте кометата Леонард низ очите на две вселенски летала. Сега, ви ја откриваме сета нејзина убавина што може да се види од површината на Земјата, се разбира под услов да имате ведро небо и соодветна опрема...
Па така, иако со телескоп лесно ќе ја пронајдете Леонард на ноќното небо, нема да сте во можност да ја видите целиот екстремно долг опаш на кометата – тој е едноставно предолг. Исто така, не би го забележале ниту со двоглед – сè уште е предолг. Ако се решите за набљудување со голо око, повторно ќе бидете разочарани – кометата и особено нејзиниот долг опаш, се премногу бледи. Ова значи дека автоматски набљудувањето од град би било бесцелно, премногу светлинско загадување за речиси било што да се забележи на ноќното небо. Но, ако изберете темна локација со низок хоризонт и имате малку поквалитетeн фотоапарат, ќе се уверите дека “чудата постојат” :).
Aко кометата ја преживее денешната најблиска средба со Сонцето, којашто се случува помеѓу орбитите на Меркур и Венера, можеби ќе имате среќа на ноќното небо да ја забележите истата или слична слика со оваа којашто направил фотографот Јан Хатенбах. Комбинирајќи две фотографии, обете направени со широкоаголен објектив, тој ја добил сликата што ви ја претставуваме како фото на оваа недела. Снимките се направени од Ла Палма на Канарските Острови, Шпанија, кон крајот на минатиот месец.
Како што споменавме и претходно, ако кометата ја преживее најблиската средба со Сонцето, она што ќе остане од нејзиното јадро ќе го напушти нашиот Сончев Систем и никогаш повеќе нема да се врати.
П. С. За сите оние што ќе се обидат да ја лоцираат кометата на ноќното небо во прилог ви нудиме и фотографија на којашто се внесени некои од карактеристичните ѕвездени формации што лесно би можеле да ги пронајдете над хоризонтот.