Кога на 3 јануари 2022 година кометата Леонард, широка околу 1 километар, ќе помине најблиску до Сонцето, тоа ќе биде врвот на патувањето долго 40 000 години. Но пред оваа грутка од вселенска прашина, карпи и мраз да пристигне во оваат точка, две од вселенските летала чијашто мисија е да го набљудуваат Сонцето, ја снимија кометата во приод.
Анимираната слика подолу е снимена со телескопот SECCHI/HI-2 на леталото Solar Terrestrial Relations Observatory-A на НАСА, кој ја набљудува кометата од почетокот на ноември. Оваа анимирана “слика со разлика“ е создадена со одземање на тековниот кадар од претходниот со цел да се истакнат разликите помеѓу нив. Овој тип слики со разлика се корисни за набљудување на суптилните промени во јонската опашка на Леонард, трагата од јонизирани гасови што “истекува” од јадрото на кометата. Забележливo е сè поголемото издолжување и сјајност со текот на клипот.
Таканаречена 'слика со разлика' на кометата Леонард
Видеото подолу, снимено помеѓу 17 и 19 декември оваа година од SoloHI (Solar Orbiter Heliospheric Imager), соларниот орбитер на ESA/NASA Solar Orbiter, ја прикажува кометата Леонард како дијагонално се провлекува низ видното поле, со Млечниот Пат во позадина. Во горниот десен агол видливи се и Венера и Меркур, додека Венера изгледа посветла и се движи од лево кон десно. Во моментите кога е направена оваа серија снимки, соларниот орбитер се движи странично покрај кометата, откривајќи повеќе детали од нејзината опашка. SoloHI ќе продолжи да ја набљудува кометата сè дури таа не го напушти неговото видно поле на 22 декември оваа година.
Кометата Леонард беше откриена во јануари оваа година од страна на Грегори Ленард, кој ја забележал на фотографиите направени од опсерваторијата на планината Лемон во Аризона, САД. Најблискиот приод до сонцето кометата ќе го направи на 3 јануари 2022 година. Тогаш таа ќе помине на оддалеченост од 90 милиони километри од Сонцето, што е нешто повеќе од половина од растојанието помеѓу Земјата и Сонцето. Ако кометата не се распадне, нејзината траекторија ќе ја однесе во меѓуѕвездениот простор, и таа никогаш повеќе нема да се врати во посета на Сончевиот систем.