Меѓународниот тим од вселенски истражувачи во соработка со Центарот за вселенски летови Годар на НАСА, открија досега непознати органски молекули на Марс. Откритието е направено со помош на нов експеримент изведен со помош на роверот Кјуриосити (Curiosity). Резултатите од истражувањето се објавени деновиве во списанието Nature Astronomy.
Марс е можеби најистражуваната планета во Сончевиот систем, по Земјата. Само НАСА досега има испратено девет орбитери и шест ровери на нејзината површина, делумно со цел да се истражи можноста за постоење на вонземски живот. Во таа насока планетата досега е фотографирана со повеќе разни видови камери, а последниве години и роверите кои пристигнаа безбедно на површината од Црвената планета, копаа во нејзината почва за да соберат примероци за анализа. Целта на оваа напорна работа е да се дознае повеќе за хемискиот состав на почвата во внатрешноста но и во близина на површината, а поконкретно, да се види дали таа содржи органски молекули. Се смета дека ако бидат пронајдени, органските молекулу би можеле да пружат доказ за живот, постоечки или некогашен, на оваа планета. Роверите и претходно пронајдоа органски молекули на Марс (види “Пронајдени органски молекули на Марс” и “Што по откривањето на органски материи на Марс?”), но овие примероци не беа достатни за да се утврди дали биле произведени или користени од жив организам. Па така, потрагата продолжи. Дупчалката на роверот Кјуриосити се расипа во 2017 година, па неодамна контролниот тим на Земјата одлучи да спроведе сосема нов вид експеримент, којшто претходно не бил направен со роверот.
Земање на примероците
Роверот Кјуриосити со себе носи и инструмент наречен Анализа на примероци на Марс, низа од садови во коишто се сместуваат примероци од почвата додека се анализираат. Низата е составена од вкупно 74 садови. Притоа сите, освен девет од нив, во поголемиот дел од времето се празни. Останатите девет содржат хемикалии – реагенси што се користат за спроведување на други видови експерименти. Поради неисправноста на дупчалката, тимот на НАСА се реши да вметне примероци од почвата во садовите исполнети со реагенси и потоа да ги анализира елементите што се ослободиле при хемиските реакции. Истражувачите пронашле во почвата органски молекули – бензоева киселина (C6H5COOH) и амонијак (NH3), кои никогаш претходно не биле видени на Марс. Иако новиот експеримент не обезбеди доказ за постоење на живот, сега или некогаш на Марс, тој покажа дека има и други, нови начини за тестирање што можат да се употребат во потрагата по живот на Марс, но и на други планети.