Истражувачите ја создадоа досега најголемата мапа на темна материја. За потсетување, темната материја е невидливиот материјал којшто се смета дека претставува 80% од вкупната материја во универзумот. Но, ако темната материја е невидлива како тогаш бил изведен овој потфат? Како и сè друго – со ползување на досега познатите научни факти и откритија ;)
За користењето на технниката позната како гравитациска леќа сме пишувале во повеќе наврати (види на пример, тука и тука). Просто објаснети фактите се следни – бидејќи гравитацијата го закривува време-просторот, што се должи на постоењето на материјата, астрономите се во можност да го мапираат постоењето на материјата набљудувајќи ја светлината од далечните галаксии на пат кон Земјата. Ако светлината некаде на пат од нејзиниот извор кон Земјата поминала покрај/низ некоја материја, видлива или невидлива, таа предизвикала закривување на нејзината патека. Истражувачкиот тим, којшто работел како дел од Dark Energy Survey (DES), користел вештачка интелигенција за анализа на фотографиите на 100 милиони галаксии, проучувајќи ја нивната форма со цел да се види дали тие покажуваат некакава деформација. Фотографиите биле направени со помош на телескопот Dark Energy Camera во Чиле. За да добиете подобра претстава за обемот на анализата ќе додадеме само дека во секоја галаксија има милијарди и милијарди ѕвезди, имено само во Млечниот пат, според проценките на НАСА има околу 100 милијарди ѕвезди.
Еден од регионите коишто биле анализирани при креацијата на новата мапа на темна енергија
Новата мапа, којашто ја претставува целата детектирана материја којашто се наоѓала пред набљудуваните галаксии, опфаќа една четвртина од небото на јужната хемисфера.
На мапата, која ја покажува главно темната материја, забележлива е мрежеста структура со густи купчиња материја разделени со големи празни простори.
Со децении астрономите се сомневаа дека во универзумот има многу повеќе материја од онаа што можеме да ја видиме. Темната материја, слично како и темната енергија, останува обвиткана во превезот на мистеријата, но нејзиното постоење може да се насети од непредвидливото и ‘чудно’ однесување на галаксиите – тоа што тие, на пример, остануваат групирани во кластери и тоа што нивното движење во рамки на кластерите е многу побрзо од очекуваното.
Направената мапа на темната материја во универзумот поставена врз сликата на Млечниот Пат
Новата анализа на првите три години од истражувањето на научниците од DES укажува на тоа дека дистрибуцијата на материјата низ универзумот е во согласност со предвидувањата во Стандардниот космолошки модел, којшто е барем засега најдобриот можен модел на Универзумот.
Но, како и при некои претходни истражувања, истражувачите откриле и показатели дека Универзумот е можеби неколку проценти похомоген од предвиденото, односно од она на што укажувала анализата на светлината којашто останала по Биг-бенгот.
Новата мапа е опишана во трудот објавен на веб-страницата на DES, а резултатите се очекува да бидат објавени и во месечникот на Кралското астрономско друштво (Monthly Notices Of The Royal Astronomical Society).