Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 29.5.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 29.05.2021 - 18:45

Во денешниот времеплов го славиме 91-виот роденден на човекот кој ја предвиде “божјата честичка”, Питер Хигс, како и 241 година од раѓањето на францускиот хемичар и природонаучник, Анри Браконо. Исто така ја одбележуваме првата ‘посета’ на МВС со спејс-шатл, и денот кога за првпат директно беше потврдена Ајнштајновата теорија на релативноста...

 

29.5.1999 – Спејс шатлот Дискавери успешно се пристана на МВС

Дискавери беше првиот спејс шатл којшто успешно се докираше на Меѓународната вселенска станица. Секој од спејс-шатлите на НАСА беше дизајниран за изведба до 100 лета, со идеја дека на овој начин би се намалил трошокот за реализирање на вселенски летови до ниската орбита на Земјата. Но откако леталата станаа оперативни се покажа дека трошоците за одржувањето и поправките кои беа неопходни да се изведат помеѓу два лета се многу пообемни од првичните проекции. Во периодот од 1981 до 1985 година во оптек беа пуштени и се користеа четири спејс-шатл летала – Колумбија (којшто беше и прво летало од овој тип кое полета кон консмосот), Челинџер, Дискавери и Атлантис.

Од 1995 до 1998 година НАСА изведе серија вселенски летови со спејс-шатл до руската вселенска станица МИР, со цел да се стекнат соодветни знаења кои ќе можат да се употребат при конструкцијата на модулот за пристап на Меѓународната вселенска станица. Почнувајќи од 1998 година спејс-шатл леталата се употребуваа за носење во орбита на потребните компоненти за изградба на модуларната МВС, а потоа и за превоз на астронаути и намирници до и од оперативните модули од станицата.

 

29.5.1929 – Роден е Питер Хигс

Питер Вер Хигс (Peter Ware Higgs) е англиски теоретки физичар, познат по предвидувањето на честичката која го носи неговото име – Хигс-бозон.

Кон крајот на 60-тите години од минатиот век Хигс, заедно со други теоретски физичари, предложи механизам којшто на честичките ќе им придодаде маса, иако тие теоретски (и во Универзумот) постојат само како честички без маса. Основната идеја била дека сите честички стекнуваат маса во интеракција со сеприсутното поле, наречено Хигсово поле. Овој механизам е важен дел од објаснувањето на Стандардниот модел на честички и сили, бидејќи го објаснува постоењето на маса кај носителите на слабата сила, којашто е одговорна за бета-распаѓањето и за нуклеарните реакции кои се одвиваат во Сонцето.

Првите индиректни знаци за постоењето на хигсовиот бозон беа добиени во CERN, а објавени триуфално на 4 јули 2012 година, овозможија да се добие точна визија за потеклото на масата на материјата. Повеќе за хигс-бозонот и хигсовото поле во ЕМИТЕР може да најдете и да прочитате тука (Н. С.)

 

29.5.1780 – Роден е Анри Браконо

Анри Браконо (Henri Braconnot) бил француски хемичар и природонаучник познат по тоа што успеал да ја изолира гликозата, прост шеќер, директно од растителни материјали какви што се струготините, ленот и кората од дрво, со нивно вриење во киселина (во 1819 година). Претходно гликоза била добиена само како дериват на скробот.

Тој бил првиот што го пронашол фунгитенот во печурките, во 1811 година. Супстанцијата подоцна е преименувана во хитин, откако во 1830 година било откриено нејзиното присуство кај инсектите. Хитинот е еден од најраспространетите полисахариди  во природата. Во 1832 година Браконо подготвил ксилоидин” со третирање на скроб, струготини и памук со азотна киселина. Открил дека овој материјал е растворилив во дрвен оцет и се обидел од него да изработи премази, филмови и различни форми. Се работи за рано откритие кое претходи на работата на други научници кои ќе работат опити со нитроцелулозата што потоа ќе донесе до откривање на пластиката и вискозните влакна. (Н. С.)

 

29.05.1985 – Компанијата Истман Кодак воведува систем за електронско издаваштво

Компанијата Истман Кодак вовела електронски систем за издаваштво наречен Ектапринт, дизајниран за да им овозможи на компаниите да уредуваат, печатат и да ажурираат текст и илустрации за нивните публикации. Системот вреден тогашни 50 000 американски долари вклучувал делови дизајнирани од Sun Microsystems Inc., Canon Inc и Interleaf Inc, во раната верзија на она што сега му е достапно на секој корисник на компјутер за неколку стотици долари, ако софтверот се набави легално, се разбира ;) .

 

29.5.1919 – Докажана е Ајнштајновата Теорија на релативитетот

Две одделни експедиции на Кралското астрономско друштво ќе отпатуваат во Јужна Америка (Бразил и Аргентина) и на западниот брег на Африка (Камерун и Либерија). Обете експедиции ќе бидат задолжени да ги измерат позициите на ѕвездите видливи во близина на Сонцето за време на затемнувањето коешто се случува на 29 мај 1919 година. Затемнувањето на Сонцето ќе овозможи директно да се забележи превиткувањето на ѕвездената светлина под дејство на гравитациското поле на Сонцето, како што тоа претходно ќе го предвиди Ајштајн во неговата теорија.

Набљудувања на експедициите ќе потврдат дека патеката по којашто ѕвездената светлина патува до нас се превиткува во близина на Сонцето, под дејство на гравитациското поле. Ова е една од клучните претпоставки на Ајштајновата теорија – дека гравитацијата влијае врз енергијата покрај тоа што влијае и на материјата. Потврдата на теоријата е еден од клучните моменти во развојот на науката во 20-тиот век.

Повеќе за овој настан може да прочитате во Како Сонцето го катапултираше Ајнштајн во ѕвездите  (Н. С.)

Клучни зборови:
Спејс-шатлот Дискавери пристигнува на МВС

Спејс-шатлот Дискавери пристигнува на МВС (фото: НАСА)

Спејс-шатлот Дискавери пристигнува на МВС

Спејс-шатлот Дискавери пристигнува на МВС (фото: НАСА)

Питер Хигс

Питер Хигс

Питер Хигс со Стивен Хокинг

Питер Хигс со Стивен Хокинг

Питер Хигс

Питер Хигс

Анри Браконо

Анри Браконо

Затемнувањето од 29.5.1919 година ја даде првата практична потврда на Ајнштајновата теорија

Затемнувањето од 29.5.1919 година ја даде првата практична потврда на Ајнштајновата теорија

Затемнувањето од 29.5.1919 година ја даде првата практична потврда на Ајнштајновата теорија

Затемнувањето од 29.5.1919 година ја даде првата практична потврда на Ајнштајновата теорија