На денешен ден се навршуваат точно сто години од легендарното затемнување на Сонцето при коешто една научна експедиција за првпат обезбеди директен доказ што ја потврдува Општата теорија на релативитетот. Потврдата на теоријата на Ајнштајн му донесе статус рок-ѕвезда и тоа не само во научните кругови.
Во далечната 1919 година, едвај неколку месеци по завршувањето на Првата светска војна, една британска експедиција се упатува кон тропските краишта од каде ќе има најдобри услови за набљудување на претстојното целосно затемнување на Сонцето. Нејзината цел е да пресуди чија теорија за гравитацијата е точна – онаа на Ајнштајн или онаа на Њутн!
Веројатно се прашувате каква врска има едно затемнување на Сонцето со гравитацијата? Па да тргнеме со ред.
Теоријата на Ајнштајн предвидува дека патеката по којашто светлината од ѕвездите допира кон Земјата, минувајќи крај Сонцето претрпува мало закривување под дејство на неговата гравитација. За тестирање на оваа теорија тој предложил фотографирање на небото за време на целосно затемнување на Сонцето, кога ѕвездите од сончевото опкружување би станале видливи во времетрање од неколку минути. Тој се надевал дека на овие фотографии ќе може да се забележи благо отстапување во позицијата на ѕвездите на небото споредено со фотографиите од истото парче небо ноќе, кога Сонцето не се испречува помеѓу нив и Земјата.
Според општоприфатената стандардна Њутнова теорија за оптиката и гравитацијата, ваква промена не би требало да се јави, бидејќи светлината патува во права линија. Според Њутн, светлината нема маса па гравитацијата не би требало да влијае врз неа. Но, за разлика од Њутн, Ајнштајн сосема поинаку ја сфаќа гравитацијата. Тој предвидува дека огромното гравитациско поле на Сонцето го закривува време-просторот во неговата околина. Ова значи дека светлинските зраци поминуваат по закривена патека додека минуваат крај Сонцето. Закривувањето е сосема мало, па така при споредбата на фотографските плочи британските научници забележуваат отстапување од едвај една петинка од милиметарот!
Техничката стручност и прецизноста на научниците кои ја вршеле чувствителна проверка била огромна. Резултатите недвосмислено потврдиле дека Сонцето ја закривува патеката на светлината од заднинските ѕвезди. По ова на научното небо блеснува новата ѕвезда наречена Ајштајн.