Во овој прв дел од празничниот времеплов ги славиме родендените на францускиот математичар, физичар, инженер и философ на науката Анри Поанкаре; на германскиот математичар и физичар Јохан Карл Фридрих Гаус; и на американскиот математичар, електроинженер и криптограф Клод Елвуд Шенон. Обележуваме точно 20 години од лансирањето на првиот вселенски турист Денис Тито, 18 години од лансирањето на iTunes, 82 години од првиот ТВ-пренос од настан, 24 години од првата заруско-американска вселенска прошетка, 13 години од смртта на швајцарскиот хемичар Алберт Хофман...
28.4.2001 – Лансиран првиот вселенски турист
Американскиот бизнисмен Денис Тито стана првиот вселенски турист. Тој беше лансиран во вселената заедно со редовната товарна мисија на Роскосмос Меѓународната вселенска станица, каде што престојуваше речиси цела недела. Ова искуство првиот вселенски турист го чинеше приближно 20 милиони долари.
Вселенската туристичка понуда започна кон крајот на 90 години од минатиот век, со договор меѓу руската компанија MirCorp и американската Space Adventures Ltd. Руската приватна компанија MirCorp нудеше престој на руската вселенска станица МИР. Приходите од аранжманот требаше да се искористат за одржување на оваа вселенска станица, а прв муштерија на MirCorp беше токму Денис Тито. Но, пред Тито да го оствари “аранжманот”, беше донесена одлука за контролирано рушење на МИР, па така аранжманот беше пренасочен и реализиран на МВС. (Н. С.)
28.4.2003 – Епл ја лансира онлајн продавницата за iTunes
Апликацијата за дигиталните медија плеери iTunes беше создадена уште во 2001 година. Нејзиното раѓање направи музичка револуција, овозможувајќи бесплатен, интуитивен и лесен начин за организирање и репродуцирање на дигиталните видео и аудиосодржини. iTunes беше развиена речиси од нула, поради тоа што користи за тоа време нестандардни интерфејси кои овозможуваа приклучок независно од оперативниот систем на корисникот. Апликацијата беше замислена да овозможи лесна комуникација со други уреди и едноставно управување со фајловите на популарниот дигитален “вокмен” на Епл, iPod, а подоцна и за паметниот телефон iPhone.
Кога во 2003 година беше лансирана онлајн продавницата iTunes, корисниците добија можност да купат или да симнат музика од интернет директно во iTunes библиотеката на нивниот уред. За само 4 години преку iTunes продавницата беа продадени повеќе од 3 милијарди песни, додека во 2010 година, во февруари, сервисот ја забележа продажбата на 10 милијардитата песна.
Денес од iTunes може да се купат и симнат и музички видеоспотови, ТВ-серии и емисии, електронски игри, подкасти како и целовечерни филмови. (Н. С.)
29.4. 1854 – Роден е Анри Поанкаре
Жил Анри Поанкаре (Jules Henri Poincaré) е француски математичар, физичар, инженер, и философ на науката. Честопати е опишуван како полимат. Впрочем, во математиката од Ерик Темпл Бел бил наречен “Последниот унверзалист”, бидејќи бил одличен во сите полиња на дисциплината таква каква што постоела во неговото време.
Како математичар и физичар дал огромен придонес во основите на применетата математика, математичката физика и небесната механика. Познат е по Поанкареовата претпоставка, која беше еден од најпознатите нерешени проблеми во математиката сè до 2002-2003 година. Поанкаре се смета и за еден од зачетниците на топологијата и предвесник на теоријата на хаосот, а воедно е и прв кој ги презентирал Лоренцовите трансформации во нивната современа симетрична форма. Тој ги открил последните релативни трансформации кои се однесуваат на брзината и ги запишал во неговото писмото до холандскиот физичар Хендрик Лоренц во 1905 година. Со тоа добил совршена инварианса на сите Максвелови равенки, што било важен чекор кон формулирањето на теоријата за специјална релативност.
Поанкареовата група, која се користи во физиката и математиката, е именувана според него. (Н. С.)
29.4.2008 – Починал Алберт Хофман, швајцарски хемичар, изумител на LSD
Алберт Хофман е швајцарски научник што прв го синтетизирал гуталот и ги објавил психоделичните својства (дејствија) на лизагричната киселина, позната како LSD, или синтетска дрога. Роден е на 11 јануари 1906 година во Баден (Швајцарија). Бил извонреден студент, кому заради малите приходи на татко му, школувањето му го овозможил нивниот кум. Во 1929 година се здобил со диплома за хемиските науки. Посебен интерес покажувал за хемијата на билките и животните за кои спровел многу важни и обемни истражувања, со кои и докторирал. Во Базел, во Сандос лабораторијата на познатата фармацевтска компанија Новариста заедно со соработникот професор Артур Стол го започнал проучувањето на лековитите билки од фамилијата на печурки, како програма на прочистување и синтетизирање на активните состојки во нивниот состав со цел да се користат како лекови. Неговиот главен придонес бил откривањето на хемиската структура на заедничкото јадро Scilla glikozida (активна главица на медитеранската лигна), при што за првпат ја синтетизирал LSD на 16 ноември 1938 година. Случајно или намерно ја пробал и така ги открил психоделичните својства на оваа супстанција добиена со намера да биде лек, но намерно или не, станала првата синтетска дрога во светот. Останатото е историја. (Т. С.)
29.4.1997 – Првата заедничка американско-руска вселенска прошетка
Петчасовната вселенска прошетка беше прва прошетка што еден американски астронаут ја презел од руско вселенско летало. При оваа прошетка, преземена на руската вселенска станица МИР, американскиот астронаут Џери Линенгер и неговиот руски колега, космонаутот Василиј Цибилјев, инсталираа нова опрема на надворешниот дел од вселенската станица а истовремено изведоа и низа други активности. (Н. С.)
30.4.1777 – Роден е Јохан Карл Фридрих Гаус
Јохан Карл Фридрих Гаус (Johann Carl Friedrich Gauss, 1777 - 1855) бил германски математичар и физичар кој дал значаен придонес на многу полиња во математиката и науката. Понекогаш познат како ,„принц на математичарите“ или „најголемиот математичар уште од антиката“. Уште како дете бил извонредно надарен за математика и своите први математички откритија ги направил додека бил тинејџер. Се вели дека на 7-годишна возраст ги воодушевил своите учители со сумирање на целите броеви од 1 до 100 речиси веднаш (откако брзо забележал дека сумата е всушност 50 пара броеви, при што секој пар има збир од 101, вкупно 5.050). На 12-годишна возраст, тој веќе посетувал гимназија и ја критикувал геометријата на Евклид. На 19 години го решил проблемот кој ги мачел математичарите уште од античко време – геометриска конструкција на 17-страна фигура хептадекагон.
Иако тој дал придонес во речиси сите полиња на математиката, теоријата на броеви секогаш беше омилена област на Гаус и тврдел дека „математиката е кралица на науките, а теоријата на броеви е кралица на математиката“. Пример за тоа како Гаус ја револуционеризирал теоријата на броеви може да се види во неговата работа со сложени броеви (комбинации на реални и имагинарни броеви).
Во областа на веројатноста и статистиката, Гаус го вовел она што сега е познато како Гаусова распределба, Гаусова функција и Гаусова крива на грешка. Тој покажал како веројатноста може да биде претставена со крива во форма на ѕвоно или “нормална“ крива, која достигнува средна или очекувана вредност и брзо се спушта кон плус / минус бесконечност, што е основно за описите на статистички дистрибуираните податоци.
Во подоцнежните години, Гаус работел заедно со Вилхелм Вебер (Wilhelm Weber) на мерење на Земјиното магнетно поле. Во знак на признание за неговата работа на полето на електромагнетизмот, интернационалната единица за магнетна индукција е позната како gauss. (Д. М.)
30.4.1916 – Роден е Клод Елвуд Шенон
Клод Елвуд Шенон (Claude Elwood Shannon, 1916 - 2001) бил американски математичар, електроинженер и криптограф познат како “татко на информатичката теорија“. Шенон е познат по тоа што ја основал теоријата на информации со обележје “Математичка теорија на комуникацијата“, која ја објавил во 1948 година.
Тој е исто така добро познат по основањето на теоријата за дизајн на дигитални кола во 1937 година, кога како 21-годишен студент на магистерски студии на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) ја напишал својата теза покажувајќи дека електричните апликации на Буловата алгебра можат да ја конструираат која било логичка нумеричка врска. Шенон придонел во областа на криптанализата за национална одбрана за време на Втората светска војна, вклучувајќи ја и неговата фундаментална работа за пробивање шифри и безбедна телекомуникација. (Д. М.)
30.4.1939 – Компанијата NBC го прави првиот ТВ-пренос од настан
Како одраз на широкиот спектар технолошки иновации изложени на саемот, говорот на Френклин Д. Рузвелт не само што е емитуван преку повеќе радиомрежи, туку бил овековечен и со ТВ-пренос заедно со другите збиднувања од церемонијата на отворање како и од другите настани на саемот. Церемонијата на отворањето и говорот на претседателот Рузвелт од 30 април 1939 година биле гледани на црно-бели телевизори со екран од катодна цевка со големина од 5 до 12 инчи. Компанијата NBC (National Broadcasting Company) користи настанот за да започне со редовни телевизиски преноси во Њујорк преку нивната станица W2XBS (денешен WNBC). Директниот ТВ-пренос од говорот на Рузвелт го следеле околу 1 000 луѓе на приближно 200 телевизори во подрачјето на градот Њујорк.
Изложбата во Њујорк е од особено значење за развојот на телевизијата. Освен првиот директен ТВ-пренос, бидејќи Дејвид Сарноф, тогашен претседател на RCA и силен поддржувач на телевизијата, во павилјонот на RCA пред посетителите на светската изложба ја претстави телевизијата како технолошко достигнување.
За да ги убеди скептичните посетители дека телевизорот не е трик, еден ТВ-приемник бил сместен во проѕирна кутија за да може да се видат внатрешните делови. Како дел од изложбата на павилјонот RCA, посетителите можеле да се видат себеси на телевизија. Презентации на ТВ-техниката има и во павилионите на Џенерал Електрик и Вестингхаус. За време на ова официјално претставување на ТВ-техниката на Светската изложба, телевизорите стануваат достапни во малопродажба во реонот на Њујорк. (Н. С.)
30.4.2004 – Sprechen Sie Sassy?
Малверот Sasser бил пуштен во интернетот, заразувајќи над милион компјутери со Windows во светот. Sasser е компјутерски црв кој влијае на компјутерите што работат со ранливи верзии на оперативните системи на Microsoft Windows XP и Windows 2000. Сасер се шири со експлоатација на системот преку ранливa порта. Тој е особено вирулентен, така што може да се шири без интервенција на корисник, но исто така лесно да се запре со правилно конфигуриран заштитен ѕид или со преземање ажурирања на системот од ажурирањето на Windows. (И. З.)