Во денешниот времеплов ги славиме родендените на брилијантниот Густав Кирхоф, кој ни овозможи основно разбирање за функционирањето на електричните кола и за спектроскопијата, и на јапонскиот физичар Лео Есаки, пронаоѓачот на, хм, есакиевата диода. Покрај ова се сеќаваме на делото на генијот Михајло Пупин и на шведскиот физиолог Рагнар Артур Гранит...
12.3.1824 – Роден е Густав Кирхоф, германски физичар
Густав Роберт Кирхоф (Gustav Robert Kirchhoff ) е германски физичар којшто придонел за основното разбирање на електричните кола, спектроскопијата и емисијата на зрачење на црно тело.
Роден е на 12 март 1824 година во Кенигсберг, Прусија, денешен Калининград во Русија. Дипломирал на Универзитетот Албертус во Кенигсберг во 1847 година на одделот за математичка-физика. Истата година, се преселил во Берлин и работел како предавач на Универзитетот во Берлин.Три години подоцна го прифатил местото на вонреден професор по физика на Универзитетот во Бреслау, денешен Вроцлав во Полска.
Во 1845 година Кирхоф ги формулирал своите закони во електротехниката засновани на принципот за зачувување на енергијата и начелото за зачувување на електричната енергија, уште додека бил студент. Проширувајќи ја теоријата на германскиот физичар Ом, ги генерализирал равенките што го опишуваат протокот на струја низ електрични спроводници. Денес тие се фундаментални во оваа област и овозможуваат пресметка на струите, напоните и отпорите на електричните мрежи. Првиот закон на Кирхоф е дека алгебарскиот збир на струите во мрежата на проводници кои се состануваат во една точка (или јазол) е нула. Вториот закон е дека во затворено коло насочените збирови на напоните во затворениот систем се нула. Оваа студија ја завршил како семинарска вежба, а подоцна станува негова докторска дисертација. Повеќе за овие закони во “Школа за електроника: Кирхофови закони” – Емитер 4/2007)
Кирхоф бил повикан на Универзитетот во Хајделберг во 1854 година и таму работел до 1874 година, каде соработувал во спектроскопската работа со Роберт Бунсен (Robert Bunsen). Заедно го создале спектроскопот, кој Кирхоф го употребил за идентификување на елементите во состав на Сонцето, покажувајќи во 1859 година дека Сонцето содржи натриум. Открил дека кога светлината поминува низ гас, гасот ги апсорбира оние бранови должини што би ги испуштил доколку се загрее. Тој го искористил овој принцип за да ги објасни бројните темни линии (линиите на Фраунхофер) во сончевиот спектар. Инаку ова откритие ќе означи почеток на новата ера во астрономијата.
Придонел многу на полето на спектроскопија со формализирање на трите закони кои го опишуваат спектралниот состав на светлината што ја емитираат сјајните објекти, надградувајќи се врз откритијата на Дејвид Алтер (David Alter) и Андерс Joнас Ангстром (Anders Jonas Ångström). Во 1862 година бил награден со медал Рамфорд за неговите истражувања на фиксните линии во сончевиот спектар и за инверзијата на светлите линии во спектрите на вештачката светлина.
Во 1861 година Кирхов и Бунсен ги откриле цезиумот и рубидиумот. Во 1875 година прифатил да ја води катедрата за теоретска физика на Универзитетот во Берлин до крајот на својот живот. Во 1884 година станал странски член на Кралската холандска академија на науките и уметностите.
Кирхоф починал на 17 октомври 1887 година. Погребан е на гробиштата во Шонеберг, Берлин. (Д. М.)
12.3.1925 – Роден е Лео Есаки
Реона Есаки исто така познат како Лео Есаки (Leo Esaki) е јапонски физичар кој ја споделил Нобеловата награда за физика во 1973 со Ивар Јевер (Ivar Giæver) и Брајан Џозефсон (Brian David Josephson) за неговото откритие на феноменот електронско тунелирање. Објаснето со прости зборови, електронското тунелирање претставува феномен при којшто електроните се наоѓаат на места каде, според законите на класичната механика, не би требало да бидат.
Есаки е роден во Осака, Јапонија. Студирал физика на Токијскиот универзитет каде дипломирал во 1947 година, а докторирал во 1959. Истражувањето за кое бил награден со нобеловото признание било спроведено во 1958 година. Во 1960 се сели во САД каде работи во IBM. Потоа бил член на управниот одбор на IBM за Јапонија, а од 1992 година претседател на Универзитетот во Цукуба (Јапонија). Ги истражувал својствата на полуспроводниците, како и појавата на суперспроводливост.
Есаки е познат и по неговиот пронајдок – есакиевата диода, којашто го експлоатира феноменот на електронско тунелирање. Имено, т.н. тунелска или ескиева диода, го користи квантниот тунелски ефект, кога електроните ја минуваат енергетската бариера. Оваа полуспроводна диода има посебни својства и е првиот активен полуспроводнички елемент во микробрановата техника. (Н. С.)
12.3.1935 – Починал Михајло Пупин
Михајло Пупин е прочуен физичар, великан во областа на физиката и електрониката, научник и пронаоѓач, кој дал особен придонес во развојот на телекомуникациите, радиотехниката и радиологијата. Бил редовен професор по физика и математика на Универзитетот Колумбија во Њујорк, го пронашол системот на повеќекратна фотографија и ги открил секундарните рендгенски зраци. Човештвото најмногу го задолжил со решението на проблемот на телеграфски и телефонски пренос на далечина. Имено, најголемо откритие му се пупиновите калеми, кои овозможиле телефонско поврзување на големи растојанија.
Како крајно сиромашен, 1874 година пристигнал во САД. Упорно работел и учел, и во 1883 година дипломирал на тогашниот Колеџ Колумбија. Специјализирал на Кембриџ, Англија, а потоа и во Берлин, а 1889 година докторирал под менторство на Херман Хелмхолц со студијата за “Осмотскиот притисок и неговата врска со слободната енергија”.
Бил извонреден предавач, а двајца негови докторанти станале нобелови лауреати (Миликен и Лангмјур). Одиграл значајна улога при формирањето на границите на Југославија во 1918 година. По смртта на неговата мајка, за време на неговиот престој во Германија, Михајло Пупин основал фондација за помагање при школувањето на деца од Србија и од Македонија. Бил претседател на Њујоршката академија на науките и е еден од основачите на Друштвото на физичари на САД. За автобиографското дело “Од мигрант до пронаоѓач“ награден е со Пулицеровата награда во 1924 година. Лабораторијата за физика на Универзитетот Колумбија го носи неговото име и е прогласена за историски споменик на САД. (Т. С.)
12.3.1991 – Починал Рагнар Артур Гранит
Рагнар Артур Гранит (Ragnar Arthur Granit) е шведски физиолог кој, заедно со Џорџ Волд (George Wald) и Алдан Хартлајн (Haldan Hartline) во 1967 година, ја освојува Нобеловата награда за медицина и физиологија за истражувањето на електричните и хемиските промени во внатрешноста на окото кога тоа е изложено на светлина. Гранит ја предложил теоријата на доминатор-модулатор како објаснување за видот во боја. Според оваа теорија само три вида на рецептори за боја реагираат на различни, точно определени опсези од светлинскиот спектар, додека останатите нервни влакна се одговорни за понатамошно стеснување на опсегот од спектарот. (Н. С.)
13.3.1986 – Мајкрософт излегува на берзата
Речиси единаесет години по основањето, Мајкрософт започнал со тргување на акции на берзата NASDAQ. Првичната цена на акцијата била поставена на 28 американски долари за акција, заработувајќи речиси 61 милиони долари во рок од еден ден. Така ако на 13 март 1986 година со 21 долар сте купиле удел во оваа компанија, вашата инвестиција заклучно со 2012 година би вредела приближно 4.000 долари. (И. З.)