Деновиве беа објавени резултатите од меѓународниот конкурс за дизајн на РЦ модел едрилица на компанијата ArmSoar која се занимава со дизајнирање и производство на композитни односно карбонски модели едрилици во категоријата Ф3К, Ф5К и Ф3Ј. Со голема радост и задоволство ви ја пренесувам веста дека победник на конкурсот е нашиот Александар Аци Стојановски.
Компанијата ArmSoar го објави конкурсот на 1 јануари оваа година, а траеше до 31 јануари. Конкурсот се однесуваше за графички дизајн во категоријата Ф5К, и како што споменавме беше интернационален.
Во врска со динамиката на натпреварот Александар Аци Стојановски кажа: “На конкурсот учествуваа 116 дизајнери. Од тие влегов во првите три дизајни за кои потоа се гласаше. Гласањето траеше од 10 до 28 февруари , па од вкупно 467 гласа освоив 55,2 % и го зазедов првото место. Како награда компанијата ќе ми испрати модел со мојот дизајн.”
Познавајќи ги неговите дизајнерски можности, од првите сознанија за конкурсот а верував во Александар и го поддржував. А поддршка пристигна и од сите асоцијации на РЦ моделари од Македонија, но и од целиот свет.
Во мојот текст посветен на изработка на РЦ модел со 3Д-печатење, Акробатски РУ модел изработен со 3Д печатење (Емитер 7-12/2020) веќе го споменав Александар како творец на 3Д-печатениот модел Zivko Edge 540 v3 во соработка со Драган Цветановски. Чест ми е да ве информирам дека веќе со оваа техника беше изработен и втор РЦ модел – Еклипс Тренер, а ме радува што беше прифатена и мојата препорака за масовно производство на модел што би бил лесен за летање и би се употребувал како вежбовен. Но, за тоа во некоја друга прилика.
Наградите и признанијата како ова последново на Аци Стојановски,укажуваат на тоа дека имаме сили и капацитет, како и млади творци кои не штедат пари и време да излезат во јавност со свои конструкции и дизајнерски способности.