Сите досегашни пресметки на потребниот степен на колективен имунитет од вакцинирање и прележување се темелеа на вредноста на базичниот репродукциски број на корона вирусот R0=2,6. Сите главно ја занемаруваа ефикасноста на вакцините, па се сметаше дека при стапка на колективен имунитет од 65 до 70% (од прележување и вакцинирање комбинирано), епидемијата би била сузбиена. Но, дали е навистина така?
Сите досегашни пресметки на потребниот степен на колективен имунитет од вакцинирање и прележување се темелеа на вредноста на базичниот репродукцискиот број на корона вирусот R0=2,6. Сите главно ја занемаруваа ефикасноста на вакцините, па се сметаше дека при стапка од 65 до 70% на колективен имунитет, од прележување и вакцинирање комбинирано, епидемијата би била сузбиена.
Всушност, поточната формула за потребната стапка на колективен имунитет гласи:
SKI = (1-1/R0)/Ef, каде што:
SKI е потребната стапка на колективен имунитет;
R0 е базичниот репродукциски број на епидемијата во отсуство на превентивни и рестриктивни мерки и нулта прележаност;
Ef е ефикасноста на вакцината.
Ќе воведеме едно упростување, така што ќе сметаме дека и ефикасноста при прележувањето (развиен имунитет од прележување) изнесува исто толку.
На дијаграмот даден подолу е прикажан потребниот степен на колективен имунитет за разни вредности на базичниот репродукциски број R0 (на хоризонталната оска) и разни вредности на ефикасноста на вакцината (фамилија криви со разни бои, каде што ефикасноста Ef служи како параметар).
Забележуваме дека колективен имунитет од старите варијанти на вирусот (при R0=2,6) е можно да се постигне, но доколку ефикасноста е само 60 %, би требало да се вакцинира или да прележи целокупното население (100 %, на ординатата). Доколку се користи вакцина со ефикасност од 90 % (жолтата крива), степенот на вакцинираност со прележаност би требало да изнесува најмалку 68 % (пресек со првата црна вертикална линија).
Меѓутоа, работите драстично се влошуваат доколку го земеме за разгледување британскиот или јужноафриканскиот тип на вирусот, чијшто базичен репродукциски број во отсуство на мерки изнесува приближно R0=4 (втората црна вертикална линија). Како што гледаме, со ефикасност од 60 % или 70 % не може да се постигне колективен имунитет со вакцинирање дури ни со 100 % опфат.
При ефикасност Ef = 80 % (пресек на сивата линија со втората вертикална линија), потребниот степен на вакцинација, дополнет со прележување, би требало да изнесува неверојатни 94 %! Дури вакцина со ефикасност од 95 % (при исто толкава ефикасност, т.е. создавање имунитет од прележување – темносината линија) би овозможила колективен имунитет, под услов да се вакцинира и да прележи најмалку 80 % од популацијата.
Јасно е дека вакви високи стапки на вакцинација не можат да се постигнат ниту на доброволен, ниту на принуден начин. Според тоа, заклучуваме дека по вакцинирањето на педесетина проценти од населението, епидемијата ќе продолжи (иако со забавено темпо) во наредните 2-3 години, сè дури не се разболат и прележат уште триесетина проценти од невакцинираното население. Да подвлечеме уште еднаш, ова важи под претпоставка дека ефикасноста изнесува 95 %.
Според тоа, паѓаат во вода сите надежи дека епидемијата во Македонија можеме да ја сузбиеме со вакцинирање на 300 000 лица. Секако, таа бројка би била добредојдена, но ни од далеку доволна, па остатокот ќе биде дополнет со разболување и прележување во разни пролетни и есенски бранови.
Сето тоа би важело во отсуство на какви било мерки и потпирање исклучиво на имунитет стекнат со вакцина. Добрата вест е што колективен имунитет може да се постигне и при пониски стапки на имунизација, под услов да се продолжи со примената на досегашните превентивни мерки.
Инаку, да се потсетиме дека комбинирањето на прележаните и вакцинираните не се врши со просто собирање. Тоа прашање беше претходно обработено во “Определување на потребната стапка на вакцинираност против ковид-19”