Во овој времеплов ги славиме родендените на австрискиот физичар Кристијан Доплер, португалскиот невролог и зачетник на неврохирургијата Антонио Мониш, и на англискиот физичар Смитсон Тенант. Покрај ова го славиме пуштањето во употреба на првиот среднобранов предавател на Радио Скопје, и раѓањето на ултрапопуларната игра Понг.
29.11.1803 – Роден е Кристијан Доплер, австриски физичар
Кристијан Андреас Доплер (Christian Andreas Doppler, 29.11.1803 – 17.3.1853) бил австриски математичар и физичар познат по принципот на промена на брановата должина на светлината или звукот кои потекнуваат извор во движење, наречен Доплеров ефект.
Роден е во Салцбург (Австрија). По завршувањето на средното училиште, Доплер студирал философија во Салцбург и математика и физика на Кралскиот технички институт во Виена, каде во 1829 година станал асистент. Во 1835 година започнал да работи на Политехника во Прага (сега Чешки технички универзитет). На 38-годишна возраст, Доплер одржал предавање пред Кралското Бохемско друштво на науки и потоа го објавил своето најзначајно дело “За обоената светлина на бинарните sвезди и некои други sвезди на небото“ (“Über das farbige Licht der Doppelsterne und einiger anderer Gestirne des Himmels“).
Во ова дело, Доплер го претпоставил својот принцип (подоцна наречен Доплеровиот ефект) според кој набљудуваната фреквенција на бранот зависи од релативната брзина на изворот и набљудувачот. Имено, тој утврдил дека очигледната фреквенција на звучните бранови од извор што се приближува е поголема од фреквенцијата што ја емитува изворот, а очигледната фреквенција на извор што се оддалечува е помала од онаа што ја емитува изворот. Овој ефект лесно се забележува, на пример, при слушање на звукот од сирените на полициско возило кое се приближува или оддалечува од нас. Доплер подоцна се обидел да го искористи овој концепт за објаснување на бојата на бинарните sвезди. Светлината од изворот што се приближува се поместува кон погорниот дел од спектарот – кон сино, додека светлината од изворот што се оддалечува се поместува надолу кон црвениот дел на спектарот. Набљудувањата на поместувањето на спектралните линии станале моќна алатка за следење на релативното движење во астрономијата.
Доплер продолжил да работи како професор во Прага, објавувајќи над 50 статии за математика, физика и астрономија, сè до 1847 година кога се префрлил најнапред во Селмекбања (Кралство Унгарија), а потоа во Виена во 1849 година. Во 1850 година бил назначен за раководител на Институтот за експериментална физика на Универзитетот во Виена.
Доплер починал во Венеција, во тоа време дел од Австроунгарската империја, на 17 март 1853 година на 49-годишна возраст. (Д. M.)
29.11.1970 – Пуштен е во редовна работа 1000 KW среднобранов предавател на Радио Скопје
На овој ден Радио Скопје се вброи во светската елита на среднобрановите предаватели со пуштање во редовна работа на 1000 KW предавател во Овче Поле.
Овче Поле е единствената поголема рамнина во централниот дел на Република Македонија со задоволителна проводливост на теренот. Фреквенцијата на емитување е 810 KHz. Антенскиот столб е со висина од 185,4 метри што претставува точно половина од брановата должина на која работи предавателот. Засилувањето во хоризонтална рамнина е 1,6 пати. Ефикасноста на антенскиот систем е 94,5 %. Производител е реномираната компанија ,,Браун-Бовери'' од Швајцарија со врвен квалитет на вградените компоненти. Предавателот е сместен во функционален објект од 960 квадратни метри корисна површина и со сопствена трафостаница. Од тој ден гласот на Радио Скопје можеше да се слушне и во одредени делови на Европа, Блискиот Исток и Северна Африка. Добиените резултати ја оправдаа инвестицијата од 11.371.850 германски марки. (Д. М.)
29.11.1972 – Атари ја најави играта Понг
Корпорацијата Атари ја најави играта Понг, една од првите видеоигри што беше популарна како за играње дома, така и во видео-аркадите. Во Понг, играчите се претставени како линии/платформи што можат да се движат нагоре и надолу во обид да ја преретнат ‘топката’ спречувајќи ја да помине во нивниот ‘гол’. И покрај мошне едноставната графика, Понг постигна огромна популарност, стекнувајќи армија посветени ‘фанови’. Компанијата Атари, основана од страна на Нолан Бушнел, во тоа време продавала видео-игри, како и компјутери на кои можеше да се играат игрите. Повеќе за играта Понг тука, а ако сакате самите да изработите конзола за играње на понг ве упатуваме да го разгледате проектот објавен во Емитер 1-2/2015 (Безвремен проект: миниПОНГ – видеоконзола со играта Понг) (И. З.)
29.11.1874 – Роден е Антонио Мониш
Антонио Гаетано де Абреу Мониш (António Caetano de Abreu Freire Egas Moniz) е португалски невролог познат како татко на современата психохирургија.
Во 1949 година ќе му биде врачена Нобеловата награда за медицина за откритието на терапевтските ефекти на лоботомијата кај одредени видови на психози. Оваа награда тој ја дели со швајцарскиот неврофизиолог Валтер Рудолф Хес.
Лоботомијата претставува хируршка процедура при којашто се прекинуваат врските помеѓу префронталниот кортекс и предниот дел од челниот резен. Мониш ја развива техниката во обид да ги развие третман за сериозните ментални нарушувања/болести.
Покрај ова Монаш ја развива и процедурата за церебрална ангиографија, која претставува контрастна инвазивна радиолошка метода за преглед на крвните садови на мозокот. Методата се состои во инјектирање на контрастно средство во каротидната или во вертебралната артерија (крвните садови на вратот), или преку специјално направени катетри кои навлегуват во некој крвен сад, по што со флуороскопија се прави рентген снимка или видеозапис на крвните садови на мозокот. Овој запис се вика ангиограм. (Н. С.)
30.11.1761 – Роден е Смитсон Тенант
Смитсон Тенант (Smithson Tennant) е англиски хемичар, познат по тоа што прв ги идентификувал елементите осмиум и иридиум.
Тенант истражувал примероци од металот платина. Платината отсекогаш им ‘задавала главоболки’ на минеролозите поради тоа што многу тешко се вадела од достапната руда и како дополнителна отежнувачка околност било тоа што металот добиен од различна руда имал различни својства. Тенант ги растворил неговите примероци во царска вода (aqua regia). Царската вода претставува мешавина од азотна и од хлороводородна киселина, којашто се користи за разложување на благородните метали.
По растворање на примероците на површината останувал црн прав. Тенант открил дека овој прав имал различни својства од платината. Понатамошните испитувања покажале дека се работи за мешавина од два сосема нови елементи. првиот елемент формирал соли кои блескале во повеќе различни бои, па Тенант овој елемент го нарекол иридиум според старогрчката божица Ирис која го симболизирала виножитото. Вториот елемент оддавал силен мирис, па тој го именувал осмиум, според грчкиот поим osme, што значи мирис. (Н. С.)