Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 13/14 ноември
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 13.11.2020 - 19:15

Во овој времеплов ги славиме родендените на американскиот биохемичар Едвард Дојзи и канадскиот физиолог Фредерик Бентинг, како и на првиот вештачки создаден снег. Ги одбележуваме успесите на вселенските мисии Маринер 9 и Војаџер 2, и последното вклучување на првиот транзисторизиран суперкомпјутер.

 

13.11. 1983 – Компјутерот TХ-O на МИТ е вклучен за последен пат

MIT TX-0, експерименталниот транзисторизиран компјутер, се врати во живот по трет (и последен) пат во Музејот на компјутерите во Марлборо, Масачусетс. Ова “враќање од мртвите” беше постигнато од страна на посветениот техничар што го одржуваше уредот – Џон Мекензи, професорот на МИТ – Џек Денис, кој воедно беше и одговорен за уредот, но и од голем број други корисници. TX-0 беше создаден во Лабораторијата Линколн во 1955 година како експеримент за функционалноста на транзисторизираниот дизајн и транзисторизирана копија на познатиот суперкомпјутер од тоа време Whirlwind. Во просториите на универзитетот МИТ се сели во 1956 година, каде по две години веќе се сметаше дека е застарен. TX-0 се смета за еден од најраните дизајнирани транзиторизирани компјутери. (И. З.)

 

13.11. Роден е американскиот биохемичар Едвард Дојзи

Едвард Дојзи ја дели Нобеловата награда за медицина од 1943 година заедно со Хенрик Дам, за нивната работа во врска со К витаминот. Имено, Дам го откри витаминот, додека Дојзи ја идентификуваше, изолираше, ја одреди неговата структура и синтетизираше две различни форми на К витаминот.

Интересно е што К витаминот всушност претставува група од витамини чијашто ознака потекнува од германскиот назив за нив “Koagulations-Vitamin”, поради тоа што се неопходни во процесто на коагулација на крвта. Витамините се вклучени и во врзувањето на калциумот во метаболизмот на коските. Кај возрасните недостатокот од К витамин е вистинска реткост, но кај новороденчињата овој ризик е поголем. Американската академија на педијатри затоа препорачува инјектирање на К1 витамин непосредно по раѓањето. Повеќе различни истражувања се направени во врска со откривањето на врски помеѓу К витаминот и здравите коски, алцхајмеровата болест и некои видови на рак.

Повеќе за К витаминот во ЕМИТЕР 10/2004 “Витамин К” и ЕМИТЕР 8-9/2014 “Витамин К2(Н. С.)

 

13.11.1971 – Маринер 9 стана првото летало во орбитата на некоја друга планета

Леталото Маринер 9 на НАСА влезе во орбита околу Марс и со тоа стана прво вселенско летало кое орбитира околу некоја друга планета. Сондата Маринер 9 беше конструирана за истражување на атмосферата на Марс и за испраќање слики за мапирање на површината на оваа планета. Од моментот на влегување во орбита до неговото исклучување и крајот на мисијата Маринер 9 испрати 7329 фотографии на кои се забележуваа огромни згаснати вулкани, кањони долги илјадници километри и канали што укажуваа на тоа дека во древното минато на Црвената планета, на нејзината површина текла вода. (Н. С.)

 

13.11.1946 – Произведен е првиот вештачки снег

Винсент Шефер (Vincent Schaefer) го создаде првиот вештачки снег на падините н Беркширските Планини во Нова Англија употребувајќи ја техниката за “сеење на облаците”.  Тој во природно формираните облаци прскал од авион сув мраз или јаглероден диоксид во тврда состојба со цел да добие снег. (Н. С.)

 

14.11. 1891 – Роден е Фредерик Грант Бентинг

Фредерик Бентинг (Frederick Grant Banting) е канадски физиолог, научник од областа на медицината, кој ја дели Нобеловата награда за медицина од 1923 година со шкотскиот биохемичар и физиолог Џон Џејмс Рикард Меклауд (John James Rickard Macleod) за нивната улога во откритието на инсулинот и неговата терапевтска примена. Бентин, кој во тоа време имал само 32 години, ги споделил парите од својот дел од наградата со неговиот асистент Чарлс Бест, со кого заеднички работеле на проблемот за екстракција на инсулинот и за неговата примена за лечење на дијабетес кај кучиња. (Н. С.)

 

14.11.1981 – Војаџер 2 го имаше најблиското приоѓање до Сатурн

При неговиот најблизок приод кон Сатурн, леталото Војаџер 2 се најде на оддалеченост од околу 101 илјада километри над покривката од облаци на оваа планета. Интересно е што обете сонди од типот Војаџер го посетија Сатурн на нивниот пат кон границите на Сончевиот систем и подалеку. Притоа обете летала направија серија од набљудувања и мерења на атмосферата на оваа планета и го истржија системот од прстени. Токму Војаџер 2 ја одреди температурата на различите висини/ длабочини од атмосферата, која се движи во опсег од –203ºC до –130ºC. Војаџер 2 откри и дека северниот пол на Сатурн е десетина степени постуден од околината.

Повеќе за мисиите Војаџер во ЕМИТЕР може да најдете тука, тука, тука и тука (Н. С.)

Клучни зборови:
Компјутерот TХ-O на МИТ

Компјутерот TХ-O на МИТ

Едвард Дојзи

Едвард Дојзи 

Едвард Дојзи

Едвард Дојзи 

Леталото Маринер 9 на НАСА

Леталото Маринер 9 на НАСА 

Винсент Шефер во неговата лабораторија

Винсент Шефер во неговата лабораторија

Прскање со вештачки снег

Прскање со вештачки снег

Канадскиот физиолог Фредерик Бентинг

Канадскиот физиолог Фредерик Бентинг 

Канадскиот физиолог Фредерик Бентинг

Канадскиот физиолог Фредерик Бентинг 

Војаџер минува крај прстените на Сатурн

Војаџер минува крај прстените на Сатурн