Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 23.7.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 23.07.2020 - 16:00

Во денешниот времеплов го славиме роденденот на хрватскиот хемичар нобеловец Владимир Прелог, на германскиот физичар чиешто име електроничарите сигурно го препознаваат – Валтер Шотки, како и на човекот којшто ги постави стандардите за пишување учебници за компјутерско програмирање, Дениел Мекракен. Покрај ова го одбележуваме и  денот кога беше изведен првиот во живо сателитски пренос на ТВ-сигнал, со којшто за првпат во реално време се следеа настаните коишто се случуваат на друг континент.

 

23.7.1906 – Роден е Владимир Прелог, хрватско-швајцарски хемичар, добитник на Нобеловата награда

Владимир Прелог (23.7.1906 – 7.1.1998) бил органски хемичар кој ја добил Нобеловата награда за хемија во 1975 година за неговото истражување на стереохемијата на органски молекули и реакции.

Прелог е роден во Сараево, во тоа време во рамките на Австро-Унгарија, во хрватско семејство кое работело таму. Основно училиште посетувал во Сараево, но во 1915 година, заедно со семејството се преселил во Загреб, каде го завршил основно училиште. Школувањето го продолжува во гимназија во Загреб, но набргу потоа неговиот татко добил работа во Осијек, па затоа своето образование го продолжил таму. Поминал две години во гимназијата во Осијек, каде под влијание на неговиот професор се заинтересирал за хемијата. Интересно е што неговото прво научно дело го објавил во 1922 година, како 16-годишно момче, во германското научно списание Chemiker Zeitung. Написот се однесувал на аналитички инструмент што се користи во хемиските лаборатории. Под влијание на татко му, се преселил во Прага, каде во 1928 година се стекнал со диплома за хемиско инжинерство од Чешкиот Технички Универзитет, а докторирал во 1929 година. По напуштање на универзитетот, од 1929 до 1935 година работел во лабораторијата на приватната фирма на Г.Ј. Дриза во Прага. Бил задолжен за производството на ретки хемикалии кои не биле комерцијално достапни во тоа време. Во своето слободно време вршел истражувања, испитувајќи ги алкалоидите во кора од какао.

Прелог сакал да работи во академско опкружување, па затоа во 1935 година ја прифатил позицијата предавач на Универзитетот во Загреб. На Техничкиот факултет во Загреб, предавал органска хемија и хемиски инжинеринг. Со помош на соработниците и студентите,  започнал со истражување на кининот и неговите сродни соединенија. Финансиски бил поддржан од фармацевтската фабрика “Каштел”, сегашна “Плива”. Успеал да развие  финансиски успешен метод за производство на Стрептазол, еден од првите комерцијални сулфонамиди. Во 1941 година, додека бил во Загреб, Прелог ја развил првата синтеза на адамантан, јаглеводород со необична структура којшто бил изолиран од нафтените полиња во Моравија.

Во 1941 година, среде Втората светска војна, Прелог бил поканет да предава во Германија. Набргу потоа, Лавослав Ружичка, уште еден Хрват нобеловец кој долги години работел во Швајцарија и од кого Прелог побарал помош, го поканил да го посети на пат за Германија. Тој и неговата сопруга ги искористиле овие покани да избегаат во Цирих, Швајцарија. Со помош на Ружичка, тој добил поддршка од CIBA Ltd. и започнал да работи во лабораторијата за органска хемија во Швајцарскиот федерален институт за технологија (ETH, или Eidgenössische Technische Hochschule). Прелог таму успеал да  раздели хирални енантиомери (chiral enantiomers) од Трогеровата база со хроматографска метода на оптички активна подлога (1944). Со оваа хирална резолуција, тој бил во можност да докаже дека не само јаглеродот, туку и азотните атоми можат да бидат хирален центар во молекулата, што се шпекулирало веќе неколку години.

Неговата врска со Ружичка му помогнала да се искачи на академската хиерархиска скала. Почнувајќи како асистент, станал доцент, титуларен професор, вонреден професор и во 1952 година редовен професор. Во 1957 година го наследил Ружичка како шеф на лабораторијата. Во 1959 година, добил и швајцарско државјанство.  

Главниот интерес на Прелог бил насочен кон алкалоидите. Тој нашол идеална тема во разјаснувањето на структурата на соланин; потоа ја продолжил својата работа на алкалоидите кај растението Cinchona и започнал да го истражува стрихнинот. Одредувањето на зголемениот број на стереоизомери на органски соединенија станала една од неговите важни цели.

Во 1975 година ја добил Нобеловата награда за хемија за неговото истражување во доменот на стереохемијата на органски молекули и реакции.

Интелектуалец со широка културна позадина, Прелог бил еден од 109 добитници на Нобелова награда кои го потпишале мировниот апел за Хрватска во 1991 година.

Владимир Прелог почина во Цирих, на 91-годишна возраст. Урната со посмртните останки од Прелог беше свечено проследена на гробиштата Мирогој во Загреб на 27 септември 2001 година. Во 2008 година, и во Прага е откриено негово спомен-обележје. (Р. М.)

 

23.7.1962 – Телстар 1 го пренесува првиот трансатлантски телевизиски сигнал во живо

Пред сателитите Телстар да бидат позиционирани во орбита на Земјата, телевизиските преноси во живо меѓу Америка и Европа не биле возможни. Настаните кои биле следени во живо, како крунисувањето на кралицата Елизабета Втора во 1953 година или првото лансирање во САД во 1961 година, не можеле да бидат прикажани преку океанот. Наместо тоа, телевизиските мрежи се потпирале на ленти коишто биле испраќани со авион.

Телстар 1 бил лансиран од НАСА на 10 јули 1962 година, од Кејп Канаверал на Флорида. Имал специфичен иновативен транспондер за пренос на податоци – еден телевизиски канал или мултиплексирани телефонски канали. Постоела омнидирекциска низа на мали шупливи антенски елементи околу “екваторот“ на сателитот, којашто овозможувала прием на  микробрановите  сигнали од 6 GHz. Транспондерот ја претворал оваа фреквенција во 4 GHz, ги засилувал сигналите (во traveling-wave tube) и ги пренесувал омнидирекционално преку соседната низа поголеми шуплини во форма на кутија.

На 11 јули 1962 година сателитот Телстар 1, на настан затворен за јавноста, го пренел првиот експериментален телевизиски сигнал – снимка од знаме поставено пред земската станица во Андовер, САД, до земската станица во Франција. Речиси две недели подоцна, на 23 јули во 15:00 часот, го пренел првиот јавно достапен трансатлантски телевизиски сигнал во живо. Емитувањето било овозможено во Европа од страна на Евровизија и во Северна Америка од страна на мрежите на NBC, CBS, ABC, и CBC. Првите слики испратени во живо биле Статуата на слободата во Њујорк и Ајфеловата кула во Париз. Во емисијата било планирано и обраќање во живо од претседателот на САД, Џон Ф. Кенеди, но тој сè уште не бил подготвен, па времето било пополнето со краток сегмент од бејзбол натпреварот меѓу тимовите Philadelphia Phillies и Chicago Cubs. Дури потоа сигналот бил префрлен најнапред во Вашингтон ДЦ, па во Кејп Канаверал на Флорида, во Сиетл на Светскиот саем, во Квебек и на крај во Стратфорд, Онтарио.

Таа вечер, Телстар 1 го пренел и првиот сателитски телефонски повик, меѓу потпретседателот на САД, Линдон Џонсон и претседателот на АТ & Т, Фредерик Капел.

Во август 1962 година, Телстар 1 стана првиот сателит што бил употребен за синхронизација на времето меѓу два континента, доведувајќи ја временската точност на синхронизацијата на времето во Велика Британија и во САД  на разлика од 1 микросекунда. Претходните напори биле точни само до 2 000 микросекунди.

Сателитот Телстар 1 за првпат сателитски пренел и компјутерски податоци помеѓу два компјутера. Во тестот, изведен на 25 октомври 1962 година, била испратена порака од компјутерот IBM 1401 од Ендикот, Њујорк, до земската станица во Андовер, Мејн. Пораката била пренесена до земската станица во Франција, каде била декодирана од страна на втор компјутер IBM 1401 којшто се наоѓал во Ла Год, Франција.

Телстар 1, којшто започна ново време во доменот на комерцијална употреба на технологијата, самиот стана “жртва” на Студената војна. Поради американските и руските атомски експерименти на големи височини и зголемувањето на радијацијата биле оштетени кревките транзистори во неговите уреди. Во ноември 1962 година, по реализирани 400 телефонски, телеграфски, факсимилни и телевизиски преноси, Телстар 1 веќе не бил во функција. Биле направени обиди за негово рестартирање, но на 21 февруари 1963 година сателитит и дефинитивно престана со работа. (Д. М.)

 

23.7.1886 – Роден е Валтер Шотки, германски физичар

Валтер Ханс Шотки (Walter Hans Schottky,23.7.1886 – 4.3.1976) бил германски физичар кој има голема улога во развојот на теоријата на феноменот на електронските и јонските емисии.

Роден е во Цирих на 23 јули 1886 година. Во 1892 година семејството се сели во Германија. Шотки ја завршил Гимназијата Штеглиц (Steglitz Gymnasium) во Берлин во 1904 година. Дипломирал физика, на Универзитетот во Берлин во 1908 година, а докторирал на Универзитетот Хумболт (Humboldt) во Берлин во 1912 година, под менторство на Макс Планк (Max Planck) и Хајнрих Рубенс (Heinrich Rubens), двајца многу значајни научници од тоа време, со теза под наслов: “За односот на теоретската енергетика и динамиката'' (Zur relativtheoretischen Energetik und Dynamik). Постдокторантскиот период го поминал на Универзитетот во Јена (1912–1414). Потоа предавал на Универзитетот во Вирцбург (1919–23). Шотки станал професор по теоретска физика на Универзитетот во Росток (1923–27). За два значајни временски периоди, работел во лабораториите за истражувања на Сименс (Siemens) (1914-1919 и 1927-1958).

Едно од најпознатите научни достигнувања на Шотки е неговата формула која помага да се пресмета енергијата на интеракција помеѓу одреден точкаст полнеж и друга рамна метална површина додека полнежот е на одредено растојание од споменатата површина. Интеракцијата добиена од оваа формула е позната како ПЕ слика или слика на потенцијалната енергија. Ова дело се заснова на претходните дела на Лордот Келвин за термодинамика. Денес, ПЕ сликата е една од стандардните компоненти во моделите што ја покажува бариерата за движење што ја доживуваат електроните кои се приближуваат кон металните површини.

Покрај неговите придонеси за научни пресметки и мерења, во 1915 година ја осмислил вакуумската цевка со  екран-решетка (screen grid tube), еволуција на триодната цевка.  Повеќе подобрувања во 1916 година го отвориле патот за развој на цевката со двојна-решетка (double-grid tube). Во 1919 година ја измислил тетродата, првата вакуумска цевка со повеќе решетки.

Шотки го проучувал движењето на електроните и придонел за развојот на полуспроводничките кола. Кога внимателно го проучил однесувањето на интерфејсите во полупроводничките уреди, откриено било дека тие можат да бидат посебен вид диода која подоцна ќе стане позната како Шоткиева диода. Металниот полуспроводнички спој се нарекува Шоткиев контакт. Во соработка со Еберхард Спенке (Eberhard Spenke), помеѓу 1939 и 1942 година Шотки ја разработил и објавил сеопфатната теорија за слојот на бариерата и исправувачот на точката за контакт.

Во 1918 година го патентирал суперхетеродинскиот принцип за примање на безжични сигнали. Неговото истражување за шумот што се емитува од струи на електрони во вакуумски цевки се нарекува и ефектот Шрот, или буквално, мал ефект на пукање.

Заедно со Ервин Герлах (Erwin Gerlach)  го измислиле микрофонот со лента во 1924 година. Тие осмислиле фина лента обесена во магнетно поле, која произведувала електрични сигнали. Овој концепт довел до конструкција и на звучник со лента, каде е искористена истата идеја, но во обратен редослед. Изумот, меѓутоа, не се сметал за практичен сè додека високиот флукс и перманентните магнети не биле подостапни кон крајот на триесеттите години.

Во 1936 година, Шотки бил награден со Hughes Medal од Кралското друштво за откривање на Шрот ефектот (Schrot effect) во термичката емисија. Наградата му била доделена и за измислување на екранот-решетка (screen grid) во тетродата и методот за суперхетеродински прием на безжичен сигнал. Тој, исто така, го добил прстенот Вернер фон Сименс (Werner von Siemens) во 1964 година, бидејќи на многу различни физички манифестации неговата работа им дала основа, особено за уредите кои користеле полуспроводници и цевни засилувачи.

Поради неговите придонеси, Институтот Валтер Шотки во Германија е именуван според него, како и наградата Валтер Х. Шотки.

Објавил две книги “Термодинамика” (Thermodynamik) во 1929 година и “Физика на сјајните електроди” (Physik der Glühelektroden) во 1928 година.

Починал во Прецфелд (Pretzfeld), Германија на 4 март 1976 година, на 89-годишна возраст. (Д. М.)

 

23.7.1930 – Роден компјутерскиот едукатор Мекракен

Роден е Дениел Мекракен (Daniel D. McCracken), кој го напишал првиот учебник за FORTRAN, автор на десетици книги за учење на програмските јазици Fortran и Cobol. Уште како студент по математика и хемија, Меккракен започнал да работи во Џенерал електрик во 1951 година, обучувајќи ги работниците за користење на новата компјутерска технологија. Врз основа на неговото искуство во наставата, Мекракен напишал повеќе важни учебници за компјутерско програмирање коишто во следните две и пол децении ќе се сметаат за стандардна литература при изучувањето на програмирање.Најпознат е “Водич за FORTRAN програмирање” објавен 1961 година. (И. З.)

Клучни зборови:
Владимир Прелог

Владимир Прелог

Споменик на хрватските великани меѓу кои и  Владимир Прелог

Споменик на хрватските великани меѓу кои и  Владимир Прелог 

Телстар 1

Телстар 1

Од развојот на Телстар 1 во Лабораториите Бел

Од развојот на Телстар 1 во Лабораториите Бел

Првата ТВ слика пренесена  преку Телстар 1, знамето пред земската станица во Андовер, САД

Првата ТВ слика пренесена  преку Телстар 1, знамето пред земската станица во Андовер, САД 

Валтер Х. Шотки

Валтер Х. Шотки

Валтер Х. Шотки и тетрода

Валтер Х. Шотки и тетрода

Валтер Х. Шотки

Валтер Х. Шотки

Дениел Мекракен

Дениел Мекракен

Дениел Мекракен

Дениел Мекракен

Учебникот Водич за FORTRAN програмирање

Учебникот Водич за FORTRAN програмирање