Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 10/11.7.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 11.07.2020 - 20:45

Во денешниот времеплов одбележуваме два настана од историјата на астронаутиката – лансирањето на првиот телекомуникациски сателит и падот на американската вселенска лабораторија Сајлаб. Покрај ова го славиме и денот на раѓањето на Никола Тесла.

 

10.07.1962Лансиран е првиот орбитален телекомуникациски сателит TELSTAR

Со лансирањето на првиот орбитален телекомуникацискиот сателит TELSTAR во 1962 година, транс-атлантските телевизиски, но и останати комуникации станаа реалност.

Сателитот е произведен во АТ&Т Bell Laboratories, и два дена по лансирањето од Cape Canaveral испратил телевизиски сигнал кон станиците за следење од двете страни на Атлантикот – од Земската станица Ендовер во Мејн (Аndover Earth Station, Maine) до Телекомуникацискиот центар Племер-Боду во Бретања, Франција (Pleumeur-Bodou Telecom Center, Bretagne, France).

Сателитот бил со приближно сферична форма, должина од 876,30 mm и тежина од околу 77 килограми. Димензиите биле усогласени за да соодветствуваат на можностите за товарење на една од ракетите Делта на НАСА. Телстар 1 поставен во елиптична орбита со на висина од приближно 5933 километри во апогеј, а 952 во перигеј. Неговата надворешна површина била покриена со соларни ќелии со можност да генерираат 14 вати електрична енергија за функционирање на сателитот. Биле изградени шест земски станици за комуникација со Телстар, во САД (Andover Earth Station во Andover,Maine), Велика Британија (Goonhilly Downs во југо-западна Англија), Франција  (Pleumeur-Bodou во северо-западна Франција), Канада (Charleston,Nova Scotia), Германија (Raisting,Bavaria) и Италија (Fucino, Abruzzo). BBC имал задача на интернационален координатор.

Телстар претставува прва приватно спонзорирана вселенска мисија и е дел од мултинационален договор меѓу AT&T (American Telephone and Telegraph Company), Лабораториите Бел Телефон (Bell Telephone Laboratories) и НАСА од САД, GPO од Велика Британија и Националната ПТТ (National PTT) на Франција, чијашто цел била да се развијат експериментални сателитски комуникации преку Атлантскиот Океан.

Првичниот ентузијазам за сателитски телефонски повици спласна откако се дозна дека поради должината на патот на преносот од нешто над 40 200 километри, сигналот се пренесува со доцнење од половина секунда.

Освен тоа поради карактеристичната орбита којашто не била геосинхрона, преносот на сигнали бил ограничен на 20 минути на секои 2 и пол часа, бидејќи во тој интервал сателитот бил над Атлантикот. И како ова да не беше доволно, Телстар 1 стана жртва на Студената војна. Имено, поради американските и руските атомски експерименти на големи височини, и зголемувањето на радијацијата, биле оштетени кревките транзистори во неговите уреди.

Во ноември 1962 година, по реализација на 400 телефонски, телеграфски, факсимилни и телевизиски преноси, Телстар 1 веќе не функционирал. Биле направени обиди за негово рестартирање, но  на 21 февруари 1963 година сите обиди се запрени и сателитот официјално е пензиониран”. (Д. М. / З. И.)

 

10.7.1856 Роден е Никола Тесла, српско-американски изумител

Никола Тесла (1856-1943) бил еден од најзначајните изумители, визионер кој е најпознат по неговите придонеси во дизајнирањето на современите системи за напојување со наизменична струја и Теслиниот калем. Тој оставил зад себе околу 300 пронајдоци и откритија. Бил почесен доктор на петнаесет универзитети во Европа и Америка.                      

Тесла е роден како етнички Србин во селото Смиљан, округот Лика, во Aвстро-унгарското царство (денешна Хрватска). Го започнал основното училиште во Смиљан, а го завршил во блискиот Госпиќ. Во 1870 година се преселил во  Карловац за да посетува средно училиште. Училиштето го завршил за три години, во 1873 година. Набргу по враќањето во родното село заболел од колера. Лежел во кревет девет месеци и повеќе пати бил близу до смрт. Татко му, во момент на очај, (кој првично сакал Никола да биде свештеник како него) ветил дека ќе го испрати во најдоброто инженерско училиште, ако се опорави од болеста.

Во 1875 година, Тесла се запишал на Политехниката во Грац, со добиена стипендија. За време на својата прва година, никогаш не пропуштил предавање, добил највисоки можни оценки, положил девет испити  (скоро двојно повеќе отколку што се барало), започнал српски културен клуб, па дури и добил писмо за пофалба од деканот на техничкиот факултет до неговиот татко. За време на својата втора година, Тесла дошол во судир со професорот Poeschl околу Gramme динамото, кога Тесла посочил дека комутатори не се потребни. На крајот на втората година, Тесла ја изгубил стипендијата и станал зависник од коцкање. Кога дошла испитната сесија за трета година не бил подготвен и побарал продолжување на студиите, но неговото барање било одбиено. Не добил оценки за последниот семестар на третата година и никогаш не дипломирал на универзитетот. Во декември 1878 година, го напуштил Грац и ги прекинал сите односи со семејството за да го скрие фактот дека го напуштил факултетот. Се преселил во Марибор, каде работел извесно време. Двајца чичковци на Тесла собрале доволно пари за да му помогнат да го напушти Госпиќ и да оди во Прага, за да продолжи да студира (1880). Пристигнал предоцна за да се запише на универзитетот Чарлс-Фердинанд; тој никогаш не учел грчки јазик кој бил задолжителен предмет; не го знаел чешкиот јазик, како друг неопходен предмет.

Во 1881 година, Тесла се преселил во Будимпешта, Унгарија, за да работи во телеграфска компанија, “Будимпешта Телефонска размена”. Наскоро добил друга работа во Париз (1882) во компанијата “Континентал Едисон”. Започнал да работи во тогашната нова индустрија, задолжена за инсталирање на системи за осветлување. Во овој период се стекнал со големо практично искуство во електротехниката. Менаџментот го забележал неговото напредно знаење во областа на инженерството и физиката и наскоро го насочил на дизајнирање и градење на подобри верзии динама и мотори. Исто така, го испраќале да ги реши инженерските проблеми во другите единици на „Едисон што се граделе низ Франција и Германија. Во 1884 година, менаџерот на Едисон, Чарлс Бачелор (Charles Batchelor), кој ја надгледувал инсталацијата во Париз, бил вратен во САД за да раководи соEdison Machine Works” (производствена единица во Њујорк) и побарал Тесла да дојде со него. Во јуни 1884 година, Тесла емигрирал во САД. Како и во Париз, работел на проблеми на инсталации и подобрување на генератори. Работел кратко време во компанијата на Едисон пред да започне самостојна работа. Наскоро по напуштањето на компанијата, работел на патентирање на лачен систем за осветлување. Со помош на партнерите за финансирање и рекламирање на неговите идеи, формирал лаборатории и компании во Њујорк за развој на низа електрични и механички уреди.

Во 1887 година, Тесла развил индукционен мотор што работи на наизменична струја (Alternating current - AC), формат на електроенергетскиот систем, кој брзо се ширел во Европа и САД, заради неговите предности во долгиот, високонапонски пренос. Моторот користел полифазна струја, што создава ротирачко магнетно поле за да го сврти моторот (принцип за кој Тесла тврдел дека го замислил во 1882 година). Овој иновативен електричен мотор, патентиран во мај 1888 година, бил едноставен самостоен дизајн на кој не му требало комутатор, со што се избегнувало искрење и скапото одржување поради постојано сервисирање и механичката замена на четкичките. Неговиот наизменичен (AC) индукциски мотор и сродните полифазни AC патенти, лиценцирани од „Вестингхаус Електрик во 1888 година, му заработиле значителна сума пари и станале камен-темелник на полифазниот систем што таа компанија го продавала. Тоа било навистина плодна година за Тесла, во прв ред, поради комплетниот двофазен систем за дистрибуција на електрична енергија заедно со системот на трансформатори кои дозволуваат многу мали губитоци при преносот на далечина.
Обидувајќи се да развие пронајдоци што може да ги патентира и да ги пласира на пазарот, Тесла спровел низа експерименти со механички осцилатори / генератори, електрични цевки за празнење,рентгенската и радарската технологија. Тој, исто така, изградил безжично управуван чамец, еден од првите изложени дотогаш. Станал добро познат како пронаоѓач и ги покажувал своите достигнувања на познати личности и богати покровители во неговата лабораторија, а биле забележани и неговите јавни предавања. Во текот на 1890-тите, Тесла ги следел своите идеи за безжично осветлување и дистрибуција на безжична електрична енергија во светот, во неговите експерименти со висок напон, со висока фреквенција на напојување во лабораториите во Њујорк и Колорадо Спрингс. Во 1893 година, ја навестил можноста за безжична комуникација со неговите уреди. Тесла се обидел да ги искористи овие идеи во практична употреба во неговиот недовршен проект Wardenclyffe Tower, интерконтинентална безжична комуникација и предавател на моќност, но му било прекинато финансирањето пред да може да го заврши. По ова експериментирал со низа пронајдоци во 1910-тите и 1920-тите со различни степени на успех. Трошејќи поголем дел од своите пари, Тесла живеел во разни хотели во Њујорк, оставајќи ги зад себе неплатените сметки. Починал во Њујорк на 7 јануари 1943 година.

Делото на Тесла паднало во релативен заборав по неговата смрт, се до 1960 година, кога Генералната конференција за тежини и мерки ја именувала SI единицата за густина на магнетниот флукс “Тесла” во негова чест.

До сега на страниците наЕмитерчитателите многу пати можеа да се запознаат со Никола Тесла и неговите дела преку написите од нашите соработници како на пример: Никола Тесла - Пронаоѓач од соништата (2/2006), Тесла и неговите ривали (9/2006), Големиот визионер и изумител Никола Тесла (12/2006), Неверојатниот Тесла (1): 120 години од првата јавна презентација на радио пренос (3/2013), Неверојатниот Тесла (2): 125 години превласт на Теслиниот систем на полифазни струи (7-8/2013), Никола Тесла - човекот од иднината и т.н. Уште повеќе со помош на нашите упатства можеа и сами да го изработат популарниот Теслин трансформатор за генерирање на високофреквентни и високонапонски електрични осцилации (Емитер 3/2006,4/2006,7-8/2007).

Популаризација на Никола Тесла е најмалку што можеме да направиме, за сето она што тој го направил за нас. (Д. М.)

 

11.7.1979 – Денот кога Скајлаб падна на Земјата

Скајлаб беше напуштен во 1974 година кога беше поставен во ниска орбита на Земјата. Бустерите на вселенската лабораторија останаа без гориво, а еден од жироскопите веќе не работеше. Очигледно беше дека Скајлаб треба да се врати на Земјата, она што фалеше беше соодветен план од НАСА.

Тие се решија со помош на спејс-шатл да го истуркаат Скајлаб на повисока орбита, каде станицата требаше да добие ремонт и да започне повторно да се употребува. Но кон крајот на 1978 година, спејс-шатлот сè уште не беше подготвен за мисии во вселената. Враќањето на Скајлаб назад на Земјата во 1979 година стана сè поизвесно и понеодложно.

Новиот план вклучи промена на ориентацијата на Скајлаб, за да може повторно да влезе во атмосферата во време коешто ќе и одговара на НАСА. Скајлаб ќе навлезе во атмосферата и ќе се распадне над празниот океански простор.

На 11 јули 1979 година, НАСА ќе испрати команда за Скајлаб да започне со падот. Тие предвидуваа дека Скајлаб повторно ќе навлезе во атмосферата и ќе се распадне безопасно над Индискиот Океан на 810 милји југоисточно од Кејптаун, Јужна Африка. Но поради грешка во пресметките, Скајлаб навлезе во атмосферата една орбита порано и се распадна над јужниот дел на Западна Австралија. Жителите на градовите Есперанс и Раулина пријавија дека слушнале карактеричен прасок од пробивањето на звучниот ѕид и посведочиле величествен огномет при падот станицата којашто се распарчила на ситни делови што паѓале околу нив. За среќа, при инцидентот немаше жртви. (Н. С.)

Клучни зборови:
Сателитот Telstar 1

Сателитот Telstar 1

Никола Тесла

Никола Тесла

Тесла со својот magnifying transmitter, Колорадо Спрингс, 1899 година

Тесла со својот magnifying transmitter, Колорадо Спрингс, 1899 година, на фотографијата направена за неговата статија за списание. Оваа фотографија била двојна експозиција; Тесла всушност не бил во просторијата кога уредот работел