Рубрика: Медицина
Дали поседувањето домашен миленик значи и делумна заштита од SARS-CoV-2?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 19.07.2020 - 18:15

Веќе од самиот почеток на избувнувањето на првичната зараза во Вухан, внимателно се следат и се проучуваат сите можни фактори за намалување на симптомите и на новите патишта за пренос на коронавирусот. Во оваа насока, во светски рамки веќе се објавени повеќе научни трудови коишто ја истражуваат и врската на животот со домашни миленици во услови на пандемија.

Како што веќе пишувавме, во април беше објавено истражување коешто покажало дека мачките, на пример, може да го „закачат“ коронавирусот SARS-CoV-2, но не развиваат симптоми на болест, а исто така не можат и да го пренесат на човек. Слични се наодите и во трудот „Чувствителноста на куните, мачките, кучињата и на различни домашни животни кон SARS-CoV-2“, објавен кон крајот на мај месец во списанието Science, каде што се изложени резултати од истражувањето спроведено од тим од Ветеринарниот институт Харбин.

Резултатите од овие два труда се особено интересни ако кон нив се додаде и набљудувањето од лекарката Сабина Олекс-Кондор од Шпанија, која забележала дека во групата од 100 пациенти со сериозни симптоми на Ковид-19, ниту еден од нив не бил сопственик на мачка. Таа изложува хипотеза за можната врска помеѓу развој на многу поблага форма на Ковид-19 кај сопствениците на домашна мачка и подолготрајната изложеност на коронавируси, бидејќи мачките се познати резервоари за овој вид животински вируси.
Двете последни истражувања имаат сериозни ограничувања во поглед на малата бројка опфатени случаи од коишто се изведува корелацијата, кај хипотезата на Олекс-Кондор, или самиот факт дека се работи за пилот-студија во случајот на кинеските истражувачи од Харбин.

Некои реакции се позитивни, но има и голем број коментари што со скептицизам гледаат кон овие хипотези и истражувања. Така, на пример, се посочува дека коронавирусите што ги носат мачките се сосема друг вид на коронавируси коишто се шират исклучиво меѓу животните, и дека е многу тешко да се извлече корелација за некакваси евентуална заштита што би се добила од изложеноста на овие вируси. Сличен е и случајот со истражувањето на кинеските истражувачи, каде што во дискусиите се посочуваат и подоцнежни истражувања, при коишто се утврдило постоењето на антитела за SARS-CoV-2 кај свињи.
Но како што сите нагласуваат, со оглед на сè уште непознатото потекло на коронавирусот SARS-CoV-2, потребни се понатамошни и пообемни истражувања пред носењето какви било крајни заклучоци.

Сабина Олекс-Кондор хипотетизира дека поседувањето мачка, па и куче може да пружи делумна заштита од Ковид-19
Клучни зборови: