Рубрика: Медицина
Мачките може да се инфицираат со коронавирусот но не и да го пренесат на човек
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.04.2020 - 22:45

Според резултатите од едно неодамна  спроведено истражување, мачките може да се инфицираат со коронавирусот SARS-COV2, па дури и да го пренесат на други мачки. Но, она што го истакнуваат и признаваат авторите на трудот, којшто инаку сè уште чека ревизија на еден од предпринт серверите, е тоа дека нема место за паника, бидејќи ланецот на пренос се чини дека запира тука.

Имено, лабораториските истражувања биле правени врз мал број лабораториски животни коишто биле инфицирани со мошне големи дози од вирусот. Притоа ниту една од мачките не покажала симптоми на Ковид-19, а како што пишува Nature, не постојат ниту наоди дека мачките можат вирусот да го пренесат на луѓе.

Слични истражувања претходно биле направени во 2003 година, при епидемијата на САРС, болест којашто ја пренесува коронавирус сличен на предизвикувачот на Ковид-19. И тогашните истражувања покажале дека мачките можат да бидат инфицирани од тој вирус, но и дека не играат никаква улога во ширењето на вирусот.

За крај, да го повториме она што упорно го нагласуваат СЗО, Американскиот Центар за контрола и превенција од болести, и Европскиот центар за превенција од болести и нивна контрола – не постојат докази дека домашните миленици можат да го шират и пренесуваат Ковид-19. Значи, спокојно уживајте во друштвото на вашите миленици, но не заборавајте да ги миете рацете редовно и често, нешто што верувам и досега сте го правеле :)

Клучни зборови: