Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 1/2.7.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 02.07.2020 - 15:00

Во денешниот времеплов ја одбележуваме годишнината од смртта на Чарлс Гудјир, човекот којшто ни ја даде гумата во форма каква што денес ја познаваме. Ја одбележуваме појавата на Вокменот, како производ што засекогаш го промени начинот на којшто слушаме музика, и создавањето на SOS сигналот како код за повик за помош. Го славиме роденденот на генијалниот Ханс Бете, кој остави длабоки траги на полето на теоретската физија, и го одбележуваме првиот лет на воздушниот брод, познат како цепелин.

 

1.7.1860 – Почина Чарлс Гудјир

Чарлс Гудјир бил трговец со железарии кој се почнал да се занимава со пронаоѓаштво по пропаста на неговиот бизнис. Тој измислил вентил за надувување елеците за спасување во вода. Вентилот бил изработен од еден во тоа време нов материјал наречен индиска гума. Индиската гума била штотуку откриена како супстанција којашто се добивала со цедење и собирање на смолата/млекото од каучукови дрва во Амазон.

Насекаде низ светот инвеститорите вложувале големи пари во компаниите коишто се занимавале со гума, кои никнувале на секој чекор. Гудјир го прикажал својот вентил во една таква компанија во Њујорк, којашто веќе била во финансиски потешкотии. Причината – на повисоки температури природната гума премногу омекнувала добивајќи структура налик на желатинска смола, додека во услови на студ гумата станувала тврда и лесно ронлива. Откако ги видел големиот број вратени и неупотребливи гумени производи за чиешто производство биле потрошени десетици илјади долари, тој решил да изнајде начин да ја направи гумата корисна.

Следните неколку години Гудјир ќе ги помине обидувајќи се со да го подобри квалитетот на гумата со додадавање различни адитиви. Така на пример се обидел да ја отстрани лепливоста со додавање на прашести супстанции, но во летните горештини сите готови производи се стопиле формирајќи леплива паста. Во еден момент помислил дека конечно успеал да го фиксира квалитетот на гумата кога во неговата смеша додал азотна киселина, што резуртирало со мазен и сув производ. Користејќи го овој процес, Гудјир успеал да ја убеди владата на САД да купи поштенски торби изработени од овој тип гума. Но и оваа формула набргу се покажала како неуспешна, па договорот пропаднал.

На крајот, Гудјир се обидел како адитиви да користи и сулфур. Еден зимски ден, еден од примероците со сулфур паднал врз плотната од печка. Кога го подигнал примерокот, Гудјир забележал дека тој не се топи како останатите тест-примероци, туку дека попримил карактеристика слична на производ од кожа. Сосема случајно, Гудјир го открил процесот на вулканизирање на гумата. Во следните две години ќе се обиде да ја утврди вистинската количина сулфур и точното количество топлина коешто го максимизира квалитетот на гумата пред да достави пријава за патентирање на овој процес.

Гудјир имал мноштво идеи за употреба на гумата, но за несреќа не успеал да ги реализира за некоја поголема финансиска добивка. Лошо управувал со патентите, дел од нив ги продал за ситен ќар а голем дел едноставно биле пиратирани. До крајот на животот Гудјир ќе се обидува да ги одбрани правата за своите патенти на суд. Иако успеал да ги добие повеќето судски процеси во САД, пиратирањето на неговите патенти продолжило. Починал во 1860 година со долг од над 200 000 американски долари. Паричните надокнади за користење на неговите патенти од гума му обезбедиле пристоен живот на неговото семејство, но не и некое големо богатство.

Компанијата за гуми Гудјир (Goodyear), којашто е денес една од најголемите производители на автомобилски гуми е именувана во чест на Чарлс Гудјеар, а е основана 40 години по неговата смрт. (Н. С.)

 

1.7.1979 – Започна продажбата на Сони Вокменот

Компактната аудиокасета беше претставена во 1963 година од страна на холандската фирма за електроника Филипс. Во доцните 60-ти години од минатиот век, воведувањето и употребата на компактните аудиокасети како носачи на звук овозможи слушање музика на низа преносни уреди, како што се, на пример, автомобилските радиокасетофони, иако грамофонските плочи сè уште опстанаа како најпопуларен формат за слушање музика во домот.

Коосновачот на Сони, Масару Ибука го користел габаритниот касетофон TC-D5 на Sony за слушање музика за време на неговите бизнис патувања. Тој побарал од Норио Ога да дизајнира мал касетофон којшто ќе има можност само за репродукција а којшто ќе биде оптимизиран за употреба на слушалки. Првиот прототип претставен во 1977 година бил создаден врз основа на Sony Pressman, компактниот диктафон за касети наменет за новинари. Но, пошироките “народни маси” ќе почекаат за нискобуџетното решение за сечиј џеб уште две години.

На 1 јули 1979 година во Јапонија започа продажбата на првиот персонален аудиокасетофон Walkman TPS-L2 на Sony. Вокменот “спакуван” во метална сребрено сина мала кутија ќе се шрпдава за 33 000 јени (односно 150 американски долари). Во Сони предвидуваа месечна продажба од околу 5 000 парчиња, но само во првите два месеци ќе бидат продадени повеќе од 30 000 Вокмени.

Вокменот набрзо доживеа и интернационална продажба под различни називи – како Soundabout во САД, Freestyle во Австралија и Шведска и Stowaway во Велика Британија. Конечно, во раните 80-ти години, називот Вокмен (Walkman) ќе биде општоприфатен насекаде низ светот и Сони ќе го користи ова име во светски рамки.

Осумдесеттите години на минатиот век беше декада на интензивен развој на за Вокменот. Во 1983 година Sony го воведе првиот ултра компактен Вокмен со големина на касета, а во 1986 година го претстави првиот модел опремен со далечински управувач. До 1999 година Sony продаде околу 186 милиони Вокмен касетофони.

Преносниот CD плеер ќе го означи крајот за преносните Вокмен касетофони и нивното производство во Јапонија прекина во 2010 година. (Н. С.)

 

1.7.1908 – Усвоена е употребата на  SOS сигналот како Меѓународен сигнал за повик за помош

Со Втората меѓународна радиотелеграфска конвенција, потпишана во декември 1906 година, SOS сигналот којшто во Морзеовиот код се користи како повик за помош, составен од три точки три црти и три точки (• • • - - - - • • •), беше прогласен за стандарден меѓународен сигнал за барање помош во областа на морепловствити. И покрај тоа што во 1999 година употребата на SOS-сигналот беше заменета со новиот Глобален поморски систем за безбедност и повикување во случај на нужда, тој и денес се смета за универзален повик за помош. За сигналот SOS честопати, погрешно, се смета дека претставува кратенка којашто го означува повикот Save Our Souls (Спасете ги нашите души) или Save Our Ship (Спасете го нашиот брод). (Н. С.)

 

2.7.1906 –  Роден е Ханс Бете

Ханс Бетe (Hans Albrecht Bethe) е германско-американски физичар, една од движечките фигури во доменот на современата нуклеарна физика.

Уште од рана возраст се уживал во решавањето на математички проблеми и наоѓање на нивна практична примена. Чувствувал дека математиката е алатка којашто прави светот малку поопиплив и поскладен. Неговата докторска дисертација се бави со дифракцијата на електроните во кристалите. Тој претпоставил дека електроните можат да се третираат како бран, а брановата функција треба да има иста форма како и периодичноста на кристалната решетка. Тој открил дека постојат одредени агли на инциденца каде брановата функција ќе добива нулта вредност. Ова во практиката значи дека има случаи кога електронот не може да постои во кристалната решетка. Ова дело имало особена улога во зачетокот на современата теорија на цврсти тела.

По дипломирањето, Бет добил стипендија и работел извесно време во Кембриџ со Ралф Фаулер, британски теоретски физичар, и во Рим со Енрико Ферми, човекот кој ќе го создаде првиот нуклеарен реактор и ќе постигне нуклеарна реакција на ураниум. По овие патувања бил професор на Универзитетот во Тибинген во Германија, сè до 1933 година кога ја губи позицијата поради тоа што неговата мајка е Еврејка.

По овој инцидент Бете се сели најнапрад во Англијам а потоа во САД каде добива понуда за работа како професор на катедрата за теоретска физика на Универзитетот Корнел, каде ќе предава сè до крајот на својот живот.

Во текот на Втората светска војна, тој бил одговорен за теорискиот оддел во тајната лабораторија Лос Аламос, која ги создаде првите атомски бомби. Таму тој имал клучна улога во пресметувањето на критичната маса на бомбите, како и развивањето на теоријата заимплозивниот метод кој се користел при Тринити и Дебелко, бомбата која била фрлена на Нагасаки.

По Втората светска војна Бете, исто така, одиграл важна улога во развојот на водородната бомба, иако тој првично се приклучил на проектот со надеж дека ќе докаже дека не можно да се направи. Бете подоцна заедно со Алберт Ајнштајн и Итниот одбор на атомските научници против нуклеарни тестирања и нуклеарната трка за вооружување. Тој помогнал да ја убеди администрацијата на Кенеди и Никсон да го потпишат Договорот за делумна забрана на нуклеарни тестирања во 1963 и Противбалистичкиот ракетниот договор и САЛТ.

Тој не престанал со својата истражувачка работа и продолжил да објавуваа трудови и во неговите деведесетти години, што го прави еден од ретките научници кои објавиле барем еден голем труд во својата област во текот на секоја деценија од неговата кариера, во неговиот случај станува збор за седумдесет години. Фриман Дајсон, кој бил еден од неговите студенти, својот учител го нарекол “Врвен решавач на проблеми во XXвек“. (Н. С.)

 

2.7.1900 – Полета првиот воздушен брод, Цепелин

Воздушните бродови Цепелини го носат името на грофот Фердинанд фон Цепелин, пронаоѓач на дирижаблот и основач на компанијата за конструкција на воздушни бродови Цепелин.

Првиот воздушен брод на Цепелин го имаше првиот тест-лет над езерото Констанца во Германија. За разлика од балоните, цепелинот во својата градба вклучува цврста, вообичаено метална рамка врз којашто е оптегнато платно, а освен тоа тие се одликуваат и со далеку поголема управливост од балоните. Токму од овие причини германските воени сили ќе ги користат воздушните бродови за спроведување на воздушни напади за време на Првата светска војна.

Своето златно доба, како средство за превоз во мирнодопски услови, Цепелините ќе го доживеат меѓу двете светски војни. Несреќата на Цепелинот Хинденбург ќе означи крај на оваа ера во којашто воздушните бродови беа престижно и брзо средство за патување. (Н. С.)

Клучни зборови:
Чарлс Гудјир

Чарлс Гудјир

Уметничка приказ на Чарлс Гудјир во неговата лабораторија

Уметничка приказ на Чарлс Гудјир во неговата лабораторија

Оригиналниот Вокмен на Сони – моделот TPS-L2

Оригиналниот Вокмен на Сони – моделот TPS-L2

Еволуција на Вокмен уредите

Еволуција на Вокмен уредите

Дигитален Вокмен од Сони, модел од 2015 година

Дигитален Вокмен од Сони, модел од 2015 година

Ханс Бете

Ханс Бете