За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на 16 и 17 мај. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
16.5.1763 – Роден е Луј Вoклeн, француски фармацевт и хемичар
Louis Nicolas Vauquelin (1763-1829) e роден во Сен-Андре-д’Ерберто (Saint-André-d'Hébertot) во Нормандија, Франција. Првото запознавање со хемијата го има стекнато како лабораториски асистент на аптекар во Руан (1777 –-1779). Случајно се запознал со хемичарот Антуан Франсоа де Фуркруа (Antoine-François de Fourcroy), во чија лабораторија бил асистент од 1783 до 1791 година. По преселбата во Париз, станал лабораториски асистент во Кралската градина. Во 1791 година бил член на Академијата на науките и од тоа време помогнал во уредување на списанието “Хемиски анали“. Од 1790 година започнал да објавува самостојно, а помеѓу таа година и 1833, неговото име е поврзано со 376 трудови. Повеќето од овие биле едноставни записи на трпеливи и макотрпни аналитички операции. Меѓу супстанциите што ги анализирал открил два нови елемента, берилиум во 1798 година во берил и хром во 1797 година во црвена оловна руда од Сибир. Исто така, успеал да добие течен амонијак при атмосферски притисок. Подоцна, со Фуркруа идентификувале метал во остатоци од платина, кој го нарекоа “ptène“. Ова име “ptene“ или “ptène“ било објавено како ран синоним за осмиум.
Од 1809 година бил професор на Универзитетот во Париз. Во 1816 година е избран за надворешен член на шведската Кралска академија на науките. За пратеник на Комората бил избран во 1828 година. Во 1806 година, работејќи со аспарагус, изолирал аминокиселински аспарагин. Тој ги открил и пектинот и јаболковата киселина во јаболката и изолирал камфорска и кининска киселина. Растителниот род Ваукелинија е именуван во негова чест, како и минералот ваукелинит. (Д. М.)
17.5.1749 – Роден е Едвард Џенер
Едвард Џeнер (Edward Jenner , 1749 – 1823) бил англиски лекар, заслужен за откривање на вакцината против сипаници и воведувањето на процесот вакцинација во медицината. Поради ова што многумина го сметаат за татко на имунологијата. Се смета дека е неговото откритие досега спасило повеќе животи отколку кое било друго откритие во историјата.
Во времето на Џенер, големите сипаници (лат. Variola Vera major) биле многу опасна болест – секој трет заразен од оваа болест умирал, а оние кои ја преживеале болеста честопати останувалесо трајно нарушено здравје.
За време на нејзиниот престој во Турската империја (1716 – 1718), Лејди Мери Вортли Монтеги го открила концептот за вариолација и ја пренела оваа идеја во Англија. Неколку години подоцна Волтер забележал дека при оваа постапка 60% од лицата добивале големи сипаници, од кои 20% умирале од оваа болест. По 1770 година, во Англија и во Германија имало најмалку шест лица – Сивел, Џенсен, Џести (1774), Рендел, Плет (1791) – кои успешно ја испитувале можноста за употреба на вакцини од кравји сипаници за имунизација на луѓето од големи сипаници. Еден таков пример е земјоделецот од Дорсет, Бенјамин Џести, кој успешно ги вакцинирал и имунизирал неговата сопруга и двете деца за време на епидемијата на големи сипаници од 1774 година во Англија. Но се верува дека овие информации не биле општопознати и дека Џенер не бил свесен за успехот на Џeсти и дошол самостојно до неговото откритие независно од другите обиди.
Џенер се водел од локалната традиција според која жените кои молзеле крави, кај коишто се јавиле лезии на рацете, не заболувале од големи сипаници. Џенер претпоставил дека течноста од лезиите на т.н. кравји сипаници ги штитела овие жени од заразата со големи сипаници. Тој ги тестирал своите претпоставки на 14 мај 1796 година, со вакцинирање на осумгодишното момче, Џејмс Фипс. Ова предизвикало треска и општа слабост кај момчето, но без други посериозни симптоми. Подоцна, тој кај момчето ја применил вообичаената постапка за предизвикување имунитет во тоа време, вариолацијата. Кај момчето не дошло до развој на болеста. По некое време, тој го повторил обидот за вариолација и повторно немало знаци на заболување.
Џенер методот го нарекол вакцинирање, затоа што првичниот материјал бил обезведен од крава (vacca – крава на латински). Џенер го продолжил своето истражување и ги испратил извештаите до Кралското друштво кое не ги објавило неговите првични успеси. Откако ја усовршил постапката, тој пријавил дваесет и три случаи на успешна вакцинација. Првичните резултати биле дочекани со претпазливост, па британската влада ја забранува постапката на вариолација дури во 1840 година, кога истовремено овозможи и бесплатна вакцинација за сите.
Со поддршка на неговите колеги и кралот, Џенер од британскиот парламент првично добил 10 000 фунти за да ја продолжи неговата работата на полето на вакцинацијата, а подоцна му биле доделени уште 20 000 фунти. Во текот на 1811 година, тој забележал значителен број случаи на големи сипаници кај вакцинирани лица, но исто така забележал и дека кај овие лица претходната вакцинација значително го ублажила текот на болеста.
Џенер ги увидел далекусежните предности на вакцинацијата и знаел дека ќе дојде денот кога големите сипаници повеќе нема да претставуваат опасност. Неговиот сон се оствари со глобалното истребување на оваа болест кон крајот на 70-тите години на 20 век. Имено, во 1979 година СЗО објави дека вирусот на големи сипаници повеќе не постои во природата и поради тоа е укината задолжителната редовна вакцинација против големи сипаници. (Н. С.)