Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 14.5.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 14.05.2020 - 16:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

14.5.1958 – Роден е Ненад Новковски, физичар-редовен професор на ПМФ 

Тој е роден во Крива Паланка. Дипломирал на ПМФ во Скопје 1980 година, магистрирал на Електро-техничкиот факултет во Белград, во 1985 година, а докторирал на ПМФ во 1990 година, на тема Добивање со брза постапка на ултратенки оксинитридни филмови со оптимален диелектричен интегритет. Специјализирал во Лозана. Објавувал научни трудови за тенките полупроводнички филмови, соларните ќелии и друго. Одржувал настава по предметите Физика на кондензирана материја и Мерења во физиката. Опремил лабораторија за прецизни електрични мерења. Во два мандата бил избран за шеф на Институтот за физика (1993 и 1997). Редовен професор на ПМФ е од 2001 година. Во периодот 1998 - 2002 бил Министер за образование и наука во Владата на Република Македонија.  (Д. М.)

  

14.5.1973 –  Лансирана Скајлаб, првата вселенска станица на САД

Три астронаутски екипажи, последователно ги истражуваа ефектите на микрогравитацијата на човечкото тело, го проучуваа Сонцето и ги направија првите вселенски набудувања на ресурсите на Земјата.

Скајлаб (Skylab) беше првиот американски чекор за обезбедување на постојано присуство на човекот во вселената. Вселенската лабораторија ги користеше ресурсите на НАСА од програмата Аполо – ракетата Saturn V Moon, чијашто трета фаза беше адаптиранa на две нивоа за престој на астронаутите, едното прилагодено како живеалиште, а другото опремено како орбитална работилница; а командните и сервисни модули од вселенската програма Аполо беа користени за транспорт на екипажот и на мали количини намирници.

Скајлаб беше долга 30,2 метри, имаше пречник од 6,7 метри и маса од околу 75 000 кг. Иако имаше низа ограничувања во поглед на потрошните ресурси, слично како и советските вселенски станици од првата генерација Саљут, сепак, за разлика од нив, Скајлаб нудеше поголем комфор во поглед на просторот и можности за повеќе истражувања. Главниот научен инструмент, телескопот Аполо, содржеше голем број телескопски компоненти и други уреди за набљудување на Сонцето во широк опсег на електромагнетниот спектар, од видливата светлина до Х-зраците.

Секоја од трите мисии на Скајлаб постави нов рекорд за издржливост во вселената. Иако плановите предвидуваа продолжување на векот на Скајлаб со поместување на вселенската станица во повисока орбита со една од првите вселенски мисии на спејс-шатлот, за жал зголемената сончева активност во овој период предизвика побрзо деградирање на орбитата на станицата од очекуваното. Така, На 11 јули 1979 година, Скајлаб влезе во атмосферата, по што се распадна, а остатоците од станицата се распослаа над југоисточниот дел од Индискиот Океан и над Западна Австралија. (Н. С.)

 

14.5.1796 – Изведена првата вакцинација во историјата

Британскиот лекар Едвард Џенер (Edward Jenner) ја изведе првата вакцинација против големи сипаници. Вакцината ја прими осумгодишното момче Џемјс Фипс.

Вакцината беше направена со корисење на лезии од кравји сипаници. Зборот вакцина, всушност, потекнува од латинскиот збор за крава vacca. (Н. С.)

Клучни зборови: