Едно истражување спроведено на Универзитетот во Оксфорд ги потенцира недостатоците на апликациите што треба да обезбедат следење на контактите на заболените од Ковид-19, и како тие ја “минираат” нивната ефикасност.
Речиси два месеци откако СЗО на 11 март прогласи пандемија на Ковид-19, голем број земји веќе се во фаза на закрепнување и постепено продолжување со нормалните општествено-економски активности. Притоа се носат мерки коишто ќе овозможат горе-долу нормално функционирање на општеството во присуство на Ковид-19, барем до пристигнувањето на сигурна вакцина.
Па така, столбовите на новата нормалност ќе бидат социјално-физичкото дистанцирање, опремата за лична заштита (маски и ракавици) и, за многу влади, па и нашата, апликации за следење на контактот на заболените од Ковид-19. Како што веќе пишувавме (тука и тука) овие апликациите користат технологии кои овозможуваат локализација (GPS, Wi-Fi, Bluetooth), a имаат за цел да ги снимаат движењата на луѓето и нивните “контакти“. Па така, во случај кога некој ќе се покаже позитивен за коронавирусот, под услов тој да ја користи апликацијата и да самопријави, апликацијата би овозможила да се пронајде, наназад, мрежата на луѓе со кои заболениот се сретнал во претходните денови или се нашол во нивна непосредна близина, по што тие ќе можат да бидат идентификувани и предупредени дека биле изложени на ризик од зараза.
Првиот проблем што овие апликации го наметнуваат е губењето на дел од приватноста. Се работи за технологии кои треба да овозможат пристап до некои лични информации на корисниците, па така иако апликациите воглавно ги почитуваат правилата за приватност, многумина сметаат дека тие задираат во приватноста на сечиј живот. За овој проблем веќе накратко и нашироко се дискутираше низ медиумите, а во некои земји, како Италија на пример, овие апликации веќе се најдоа под лупа на органите задолжени за заштита на правата на граѓаните.
Но, ако го занемариме овој проблем, се поставува прашањето колку овие апликации се навистина корисни во справувањето со ефектите на пандемијата?
Според неодамнешното истражување на Универзитетот во Оксфорд, овие технологии би можеле да се покажат како неефикасни од повеќе причини.
Првиот проблем е бројот на корисници.
Според научниците од британскиот универзитет, апликацијата за следењена контактите може да даде корисни и веродостојни резултати доколку ја користи најмалку 56% од популацијата.
Експертите направиле компјутерска симулација за употреба на апликацијата во рамките на град со 1 милион жители. Притоа се покажало дека за апликацијата да обезбеди некоја значителна покриеност на населението, апликацијата треба да се инсталира на 80% од паметните телефони. Процент што тешко се достигнува.
Втор проблем е заснованоста врз блутут.
Во центарот на речиси сите овие апликациите за пронаоѓање контактите е Bluetooth технологијата. Имено, откако ќе се инсталира апликацијата, нашиот телефон треба да ги следи сите други паметни телефони кои се наоѓаат во наша непосреда близина a кои ја користат апликацијата. Кога лицето корисник на апликацијата ќе пријави дека е позитивен на Ковид-19, телефонот доставува податоци до мрежата на паметни телефони, а со тоа и до луѓето со кои стапил во контакт и ги активира потребните протоколи за сигнализација за изолација, како на засегнатото лице, така и потенцијално, до здравствените власти.
Главната замерка на британските истражувачи е дека блутут-сигналите имаат опсег далеку над оние 2 метра растојание кои се доволни за социјално-физичко дистанцирање кои се сметаат за безбедни. Покрај тоа блутут сигналот поминува и низ класични ѕидови од градби и низ бариерите од плексиглас. Имајќи го ова предвид, алгоритамот може да пријави извонредно голем број изложувања и контакти кои во реалноста не се случиле.
За уште еден проблем за користењето на блутут протоколот сигнализираа експертите за компјутерска безбедност. Блутут протоколот, особено кај постарите или застарените телефони, е извонредно ранлива порта за пристап. Па така, криминалците би можеле да ја искористат портата за упад во телефоните на граѓаните и запленување на доверливи информации од нивните уреди.
И конечно, како шлаг на тортата е проблемот поврзан со фреквенцијата на откривање. За да бидеме вистински сигурни, апликацијата треба континуирано да го открива Bluetooth контактите, а не на секои 5 минути како што тоа го прават повеќето апликации анализирани од истражувачите.
Сума сумарум, сè уште има многу сомнежи за реалната ефективност на овие технологии, кои не се однесуваат само на излезните стратегии по вонредната здравствена состојба и проблемите од типот кој гарантира исклучување на системот и бришење на податоците откако еднаш неговата употреба биде надмината.