Рубрика: Информатика
Со StopKorona! до намалување на Ковид-19
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 13.04.2020 - 21:00

Денес, на заедничка прес-конференција на Министерот за здравство, Венко Филипче, и Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, пред јавноста беше преставена апликацијата StopKorona!.

Апликацијата е замислена како помош за здравствените работници, бидејќи ја олеснува нивната работа околу прашалникот што го употребуваат за лоцирање и информирање на контактите од евентуално заболените лица.

Со оваа алатка многу лесно ќе се стигне до сите примарни контакти, дури и до тие за коишто можеби заболените во тој момент не се свесни“, рече Филипче.

Потребна е масовна употреба на апликацијата за да има ефекти и затоа апелирам граѓаните веднаш да ја симнат на својот мобилен телефон. Со тоа сите ќе дадеме личен придонес во борбата со коронавирусот и ќе им помогнеме на здравствените работници. Гарантирана е целосна заштита на приватноста, апликацијата не користи име и презиме на оние кои ја користат, не ја покажува локацијата каде се движеле, туку само времето и со кого имале контакт заболениот“, кажа министерот Дамјан Манчевски. Манчевски додаде дека Агенцијата за заштита на лични податоци дала позитивно мислење за користењето на оваа апликација.

 

Министерот потенцираше дека апликацијата не е задолжителна и дека гарантира целосна заштита на приватноста, не ги следи контактите и не ја користи локацијата, ниту име и презиме на оние коишто ја користат.

Функционира на анонимизирани кодови, кои се генерираат за секој граѓанин при нејзиното активирање. Ако два уреда со инсталирана апликација се најдат во непосредна близина, во апликацијата се евидентира кодот на апликацијата инсталирана на уредот кој е во наша близина и времето кога тоа се остварило“, појасни Манчевски.

Како функционира апликацијата StopKorona!

#StopKorona е мобилна апликација на Министерството за здравство, која откако самите ќе ја спуштите во вашиот мобилен, евидентира дали сте биле во непосредна близина на лице заболено од Ковид-19 во изминатите 14 дена.

Активацијата на апликацијата се прави со внесување на телефонскиот број, по што се добива код за потврда на истиот.

За да може апликацијата да ги бележи контактите, потребно е по нејзино преземање и инсталација да се вклучи блутут опцијата на мобилниот телефон, барем секојпат кога се ќе напушта домот.

Bluetooth конекцијата ги детектира другите корисници на апликацијата кои се во близина. Оваа информација се чува на самиот уред, поради заштита на приватноста, а наместо официјалните информации, како што е телефонскиот број, се генерираат анонимни кодови коишто ги разменуваат телефоните на корисниците што се нашле во непосредна близина. StopKorona! користи примени вредности за јачина на сигнал (RSSI), преку кои ја мери јачината на сигналот помеѓу телефоните. Калибрираните вредности на RSSI се користат за да се процени приближното растојание помеѓу корисниците, а времетраењето на таа конекција се евидентира од страна на самата мобилна апликација.

Доколку некој од корисниците биде тестиран и добие позитивен резултат за Ковид-19, тогаш тој, по негов избор, може да ги сподели информациите од апликацијата со Министерството за здравство, коешто пак може да ги декриптира шифрите од непосредните “контакти” забележани од страна на апликацијата. Со тоа, тие ќе можат да бидат контактирани и поточно да се знае со кого сè имал контакт заболениот човек. И обратно, кога вашиот телефон ќе се најде во непосредна близина со телефонот на лице заболено од Ковид-19 кое исто така ја активирало апликацијата, оваа информација со ваша дозвола се евидентира во здравствениот систем.

Апликацијата е изработена како донација од страна на компанијата Nextsense за потребите на Министерството за здравство, во соработка и со поддршка од Министерството за информатичко општество и администрација.

Бесплатната апликација е достапна за преземање од stop.koronavirus.gov.mk но и во Google Play Store (каде е потпишана од Министерството за информатичко општество). Притоа не треба да се меша со апликацијата Koronavirus MK потпишана од Министерството за здравство којашто има информативен карактер.

Од вчера, кога софтверот беше пуштен во функција, до денес, апликацијата ја презеле повеќе од 10 000 корисници.

Клучни зборови: