За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
19.3.1935 – Роден е Миодраг Мицев, познат македонски невропсихијатар
Познат невропсихијатар и редовен професор на Медицинскиот факултет и на Факултетот за драмски уметности. Вработен е на Нервната клиника од 1960 до 1992 година. Медицински факултет завршил во Скопје во 1959 година, специјализирал во 1964 година, а хабитирал во 1974 година. Втемелувач е на модерната психотерапија, со посебен акцент на психоанализата во Македонија и на поранешните југословенски простори.
Тој е и познат публицист и предавач од областа на психологијата и психијатријата, автор на голем број монографии од таа област, како “Психоанализата на театарот“, “Интимно за мажите“, “Зошто“ итн. Објавил повеќе од 100 научни трудови од психологијата и психијатријата. Почина во Скопје, во 1992 година. (Т. С.)
19.3. 1950 – Роден е/Починал Норман Хаворт
Волтер Норман Хаворт (Walter Norman Haworth, 1883 - 1950) е британски хемичар. Најпознат е по неговото истражување на аскорбинската киселина (витаминот Ц) и можноста за нејзино синтетизирање, спроведено додека работел на универзитетот во Бирмингем.
Во 1937 година Норман Хаворт ја добива Нобеловата награда за хемија “за неговите истражувања на јаглехидратите и витаминот Ц”. Наградата ја дели со швајцарскиот хемичар Паул Карер (Paul Karrer), којшто ги истражувал другите витамини.
Хаворт ја утврдил точната структура на голем број шеќери. Во полето на органската хемија познат е по развојот на хавортовата проекција којашто ги пресликува тридимензионалните структури на шеќерот во соодветни дводимензионални графички форми. (Н. С.)
19.3.2008 – Почина Артур Кларк
Сер Артур Чарлс Кларк (Sir Arthur Charles Clarke, 1917 – 2008) е англиски писател на научна фантастика и пронаоѓач. Иако неговиот писателски опус е мошне обемен, Кларк е најпознат по неговиот научнофантастичен роман “2001 година: Вселенска одисеја”. Артур Кларк е автор и на сценариото за истоимениот филм, режиран од Стенли Кубрик. Филмот е прогласен за едно од најдобрите филмски остварувања во областа на научната фантастика.
Артур Кларк, заедно со Роберт Хајнлајн и Исак Асимов, се вбројува во таканаречената “Големата тројка“ на научната фантастика на 20 век. Целокупниот негов опус брои над 100 книги за науката, вселената и иднината. Во голем дел од нив се претставени идеи коишто дадоа значителен придонес во развојот на некои современи технологии. Така, на пример, Артур Кларк меѓу првите ја предлага употребата на систем од геостационирни сателити за создавање на глобална телекомуникациска мрежа. Имено, уште во 1945 година тој во својот труд во списанието Wireless World ги разработува идеите на Циолковски и Поточник за сателити коишто ќе ја обиколуваат Земјата за 24 часа па гледани од Земјата тие ќе “стојат“ над одредена точка. Артур Кларк предлага тие геостационарни сателити да се искорстат како релеи за широка дистрибуција на радиски и телевизиски програми и дека се доволни само 3 такви сателити за да се “покрие“ целата Земја со радиосигнали и да се овозможи радиоврска помеѓу кои било две точки на Земјата. Геостационарните сателити кружат на висина од околу 36 000 километри над Земјата, затоа што на таа висина сателитот прави една обиколка околу Земјата за точно 24 часа.
Слично како и Жил Верн пред него, Кларк во неговите дела визионерски предвиде повеќе современи технологии и научни концепти, особено во доменот на вселенските истражувања, поради што честопати е нарекуван и “пророк на вселенското доба“. (Н. С.)