Рубрика: Физика
Двоен погодок за физичарите во доменот на ЛЕД-оптиката
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.10.2019 - 17:00

Истражувачи од Сити колеџот на Њујорк известуваат за успешна демонстрација на работата на ЛЕД-диода која се заснова на полусветлосни/полуматеријални квази-честички во атомски тенките материјали. Воедно се работи и за првиот успешен тест на електрично управуван светлински емитер со употреба на полуспроводници со дебелина (слој) од еден атом, вградени во структура за фаќање на светлината (оптичка замка).

Истражувањето е предводено од дипломираниот физичар, Џие Гу (Jie Gu) и неговиот колега, пост-докторант Бисванат Чакраборти (Biswanath Chakraborty), во соработка со уште еден дипломец, Мандип Катонајар (Mandeep Khatoniyar).

Според Винод Менон, кој е ментор на истражувачкиот тим и воедно ја држи катедрата за физиката во Секторот за научни истражувања на Сити колеџот на Њујорк, овој двоен подвиг, објавен во списанието Nature nanotechnology, означува важна пресвртница во областа на 2Д-материјали и, пошироко, во сегментот на технологијата на ЛЕД-диоди.

Иако вакви LED-диоди веќе се реализирани со други материјали при ниски температури, оваа дистрибуција работи на собна температура и нејзината изработка се заснова на употребата на досега добропознатата “селотејп”-техника.

”Фактот што овој уред е фабрикуван со употреба на пластови од атомски тенок материјал и работи на собна температура го прави важен прв чекор кон демонстрацијата на технолошки релевантен уред“, истакнал Менон, додавајќи: “Една потенцијална апликација на ваквите хибридни ЛЕД-диоди е брзината на работата, што ги прави погодни за примена на системи за комуникација заосновани на ЛЕД, вклучително и LiFi."

За Li-Fi технологијата веќе пишуваваме и во Емитер 11/2013 во “Светлината како информатички медиум или дали Li-Fi е новиот Wi-Fi?”. Накратко, и грубо кажано, се работи за безжична оптичка технологија за мрежно поврзување што користи LED диоди, за пренос на податоците. Придобивките од Li-Fi вклучуваат поголема брзина при преносот на податоци од сегашните Wi-Fi стандарди.

Уредот беше создаден во постројката за производство на нано-материјали и уреди при Центарот за напредни научни истражувања CUNY, по што бил тестиран во лабораторијата на Менон. Во последователното истражување, тимот на CCNY се обидува да реализира квантни емитери (единечни електронски емитери) користејќи слична архитектура.

Клучни зборови: