Рубрика: Астрономија и астронаутика
За првпат забележана микросеизмика на површината на Марс
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 21.03.2019 - 11:30

Поставување на термичката сонда

Само неколку недели по поставувањето и ставањето во функција на инструментот наменет за испитување на внатрешноста на Црвената Планета, беа детектирани постојани нежни треперења на почвата, познати како микросеизмика. Микросеизмиката не е последица на “марсотрес”,  туку се должи на атмосферските влијанија на површината на планетата – ветерот и придвижувањето на песокот.

Сигналот за првпат бил забележан во почетокот на февруари и се работи за прв случај на детектирање на микросеизмика на друга планета.

На Земјата, микросеизмиката е сеприсутна и е последица од мешањето на водата во океаните под дејство на бурите и механизмот плима-осека. Наспроти научнофантастичните романи, на Марс нема мориња. Микросеизмиката на Црвената Планета најверојатно е последица од нискофреквентните потисни бранови на атмосферските ветрови коишто ја вознемируваат почвата, предизвикувајќи плитки површински бранови со подолга периода – т.н. Рејлиеви бранови.

Иако InSight сè уште нема детектирано марсотрес, микросеизмиката е показател дека сеизмометарот од лендерот работи како што треба. Покрај ова, и самата микросеизмика може да даде извесен увид во физиологијата на почвата на Марс, но за тоа потоа. Можеме да кажеме дека наслушнувањата на почвата штотуку се започнати, поради комплицираниот и долготраен процес на поставување на сондата. Имено, најнапред беше потребно внимателно да се извлече жицата за напојување што го поврзува сеизмометарот со лендерот, а потоа врз инструментот беше поставен штит што ќе го заштити од влијанијата на ветер и топлина.

Оттогаш, најголем дел од времето беше потрошен на корекции поврзани со работата на вториот инструмент, термичка сонда којашто треба да ја пробие почвата до длабочина од 5 метри. Иако инструментот уредно започна со својата работа во средината на февруари, многу брзо се заглави во карпа под тлото, на само 30 сантиметри под површината. Сега инженерскиот тим сè уште работи на сценарија со коишто би се надминал овој проблем, а евалуацијата на сите можни решенија ќе потрае уште неколку недели.

Иако микросеизмиката е интересна работа, целиот научен тим од мисијата ИнСајт нетрпеливо ја очекува детекцијата на првиот марсотрес. Истражувачите се надеваат дека ќе бидат во можност да забележат и да проучат барем по еден поголем потрес во месецот.

Повеќе за мисијата ИнСајт можете да прочитате тука и тука

 

Бонус – Зајдисонце на Марс видено низ камерите на Инсајт

Клучни зборови:
Поставување на термичката сонда

Поставување на термичката сонда

Сеизмометарот на површината на Марс

Сеизмометарот на површината на Марс