Рубрика: Астрономија и астронаутика
Помалку од 4 дена до слетувањето на сондата InSight на Марс
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 23.11.2018 - 10:00

Додека ги читате овие редови, лендерот за внатрешно истражување со употреба на сеизмички истраги, геодезија и пренесување на топлина, или скратено InSight (Interior Exploration using Seismic Investigations, Geodesy and Heat Transport), на НАСА е во последните фази на подготовка за слетување на Црвената планета. Лендерот треба да се спушти на површината понеделник, некаде околу 21 часот по средноевропско време.

Мисијата InSight беше лансирана на 5 мај оваа година и е прво летало на НАСА што слетува на Марс по пауза од речиси шест години, односно по слетувањето на роверот Кјуриосити во 2012 година. InSight е наменет за истражување на длабоката внатрешност на планетата, а опремен е и со дупчалка којашто е планирано да продре до длабочина од 5 метри под површината на планетата, каде што ќе ја измери температурата на нејзината внатрешност. Освен ова, со помош на радиосигнали сондата треба да открие и колку планетата "се тетерави", односно колкави се oтстапувањата од нејзината оска при ротацијата додека патува околу Сонцето. Сондата ќе постави и сеизмограф со којшто ќе може да ги следи потресите на тлото предизвикани од “марсотреси” и од удари на метеорити. Овие мерења ќе дадат увид за цврстината на јадрото на Марс.

Податоците што мисијата треба да ги достави во наредните 2 години треба да им помогнат на научниците подобро да го разберат процесот на создавање на каменестите планети, вклучувајќи ја и нашата планета.

Лендерот го следат две мини-летала Mars Cube One (MarCO), од програмата CubeSats на НАСА. При нивниот прелет крај Марс, сателитите ќе се обидат да ги пренесат првите податоци за InSight додека сондата навлегува во ретката атмосфера на Марс и за време на нејзиното слетување.

Слетувањето на сондата можете да го проследите и во живо, за што повеќе информации имате на следниов линк тука или пак да им се придружите на членовите на Скопското астрономско друштво, кои организираат групно следење на овој настан, за што повеќе можете да дознете тука

Инаку, сè што треба да знаете за мисијата InSight е напишано и преточено во вид на лесноразбирлив стрип од страна на тимот на oatmeal.com. Стрип-лентата можете да ја погледнете тука

 

Повеќе за самата мисија од стручњаците на НАСА

Клучни зборови:
Со што сè е опремена сондата InSight

Со што сè е опремена сондата InSight

Логото на мисијата InSight

Логото на мисијата InSight