Астрономите го објавија откритието на засега најдалечниот познат член на нашиот Сончев систем. Џуџестата планета се наоѓа на 120 пати поголема оддалеченост од Сонцето, споредено со оддалеченоста на Земјата, или изразено во астрономски единици – на оддалеченост од 120 АЕ од Сонцето.
Планетата ја доби ознаката 2018VG18, а тимот што ја откри и го “надена” прекарот “Чудната” (Farout). Новооткриениот свет е со розовкаста боја, што го издава ледениот состав на објектот, а има пречник од околу 500 километри.
2018VG18 за првпат беше забележана на 10 ноември, со помош на јапонскиот 8-метарски телескоп Субару, лоциран на врвот Мауна Кеа на Хаваите. Но, потврдата за неговото постоење пристигна дури овој месец, по еднонеделните набљудувања направени со помош на Магелановиот телескоп во опсерваторијата Лас Кампанас во Чиле. Слично како и неодамна откриената планета Гоблин (види тука), и Чудната беше забележана додека астрономите го пребаруваа небото во потрага по хипотетичката деветта планета на Сончевиот систем.
Поради нејзината оддалеченост, на новооткриената планета најверојатно и се потребни над 1000 години за еден круг околу Сонцето. Но, патеката на нејзината орбита сè уште не е утврдена, па така астрономите не можат да кажат дали на нејзиното движење влијае гравитациската привлечност од митската деветта планета или дури и од некој десетти член на планетарното семејство на Сончевиот систем.