Блесоците од светлина коишто се забележуваат при набљудувањето на Јупитер укажуваат на чести удари од мали објекти во оваа планета.
Спектакуларната глетка што кометата Шумејкер-Леви ја приреди во 1994 година, при нејзиниот удар во планетата Јупитер, тогаш го привлече интересот на сите светски медиуми. Но, за разлика од овој спектакуларен настан, планетата честопати е мета на помали удари што поминуваат незабелжително, далеку од интересот на пошироката јавност. Во изминатите осум години, астрономите-аматери забележале пет вакви удари во вид на блесоци од светлина што се емитуваат при навлегувањето на објектите во атмосферата на Јупитер.
Анализата на видеоматеријалите од овие блесоци укажува дека, во просек, 10 до 65 помали објекти секоја година удираат во Јупитер, тврдат група од професионалци и астрономи-аматери предводени од Рикардо Уесо, при Универзитетот на Баскија во Билбао, Шпанија. Големината на овие објекти варира од оние со пречник од 5 метри, па сè до 20 метри – големина блиска до габаритноста на астероидот што во 2013 година експлодираше над Челјабинск, Русија (за што пишувавме во “Метеор експлодираше над Русија”).
Патувањето на Јупитер по неговата орбитална патека околу Сонцето, во моментов ја прави оваа планета нешто повидлива за астрономите кои ја набљудуваат од северната хемисфера, каде што има поголем број набљудувачи споредено со јужната хемисфера. Ова наскоро може да резултира со забележување на поголем број удари од објекти во Јупитер. Еден поголем удар зад себе би оставил и остатоци што би можеле да се забележат со поголем телескоп.