Ако според претходните истражувања европејците јадат сирење веќе 7000 години (пишувавме во Емитер 9/2013), ние во областа на Медитеранот правиме сирење најмалку 7200 години, покажува новото истражување.
Анализата на остатоците од масни киселини откриени на парчињата грне пронајдени на две археолошки локации во Хрватска, потврди дека ферментираните млечни производи се присутни на трпезите уште од Неолитот, и претставуваат најран доказ за производство на сирење.
Селата Покровник и Данило Битињ во Далмација биле формирани некаде помеѓу 6000 и 4800 година пр.н.е. Тимот истражувачи предводени од Сара МекКлур (Sarah McClure) од Државниот универзитет на Пенсилванија во САД откопале делови од неколку различни типови грнчарија и ги тестирале за остатоци од липиди. Тие откриле силни докази дека диетата на некогашните жители на овие села вклучувала сирење, заедно со месото и рибите. Исто така утврдиле дека селаните користеле различни дизајни на садовите за складирање на различни прехранбени производи.
Наодите се интересни бидејќи помагаат да се разјасни ширењето низ Европа на генетската мутација поврзана со способноста за дигестија на лактозата преку млекото кај возрасните луѓе. Се верува дека мутацијата брзо се раширила низ регионот, бидејќи популациите преминале од ловци-собирачи кон полјоделци, со последователно одгледување на животински видови како што се крави, овци и кози – тренд којшто започнал од Анадолија околу 8000 години пр.н.е.
Пред тоа, генетските докази укажуваат дека најголем дел од возрасната популација била нетолерантна од лактоза. Сепак, МекКлур и колегите велат дека дури и ако раните земјоделци имале потешкотии при дигестијата на млекото, нивните деца најверојатно можеле да го консумираат без проблеми. Како такви, тие имале пристап до "извор на храна којшто е релативно без патогени и е богат со хранливи материи, со што ги зголемиле нивните шансите за преживување до зрели години".
Развојот на техниките за ферментација, а со тоа и правењето на јогурт и на сирење, носи повеќе предности. Ферментацијата ја намалува количината на лактоза во млечните производи, што ги прави повкусни за возрасните. Истовремено овој вид на храна полесно може да се складира и пренесува.
Заклучокот на истражувачите е дека практиката на правење сирење ме само што имала удел во намалување на смртноста кај децата, туку обезбедило и дополнителна храна за возрасните, овозможувајќи поголема мобилност на заедницата.
Истражувањето е објавено во PLOS One.