Песочната бура на Марс, којашто за првпат беше забележана на 30 мај оваа година, од јуни го држи во заложништво роверот Опортјунити. Добрите вести се дека бурата конечно се расчистува, а инженерите на НАСА се надеваат дека роверот наскоро можеби ќе даде сигнал дека ја преживеал бурата.
Опортјунити на почетокот од јуни беше заглавен во бурата што ја покри целата Црвена планета. Поради бурата, многу мала количина од сончева светлина може да се пробие до соларните панели на роверот, па поради ова Опортјунити беше ставен во режим на мирување, сè дури небото не се расчисти. Последната комуникација со роверот била на 10 јуни.
Набљудувањата на МРО (Mars Reconnaissance Orbiter) покажуваат дека прашината конечно се слегнува. Штом Опортјунити добие доволно сончева светлина за да се разбуди, од НАСА ќе почнат да се обидуваат да комуницираат со роверот. Ако тимот не добие никаков сигнал од роверот во наредните 45 дена по првиот обид за комуникација, ќе се претпостави дека не ја преживеал бурата, па ќе престане да испраќа сигнали до него. Но, за секој случај, дури и при вакво сценарио, во НАСА уште неколку месеци ќе продолжат да прислушуваат во надеж дека че пристигнат сигнали од роверот. Во случај да се работи за подебел слој на прав што се наталожил на панелите, постои можност тој да се “исчисти” при повремените налети на ветер, барем во доволна мера за Опортјунити да може да искомуницира со контролата на мисијата.
Дури и ако Опортјунити се “јави дома”, нема гаранции дека ќе биде во состојба да го продолжи своето истражување, бидејќи прашината и студот од невремето можеле да предизвикаат премногу оштетувања.
Роверот Опортјунити веќе 14 години ја истражува Црвената планета. Неговото патешествие што требаше да трае само 90 дена и во коешто беше планирано да измине само 1 километар, малечкиот ровер го претвори во научна авантура што трае повеќе од една деценија, а во неа измина повеќе од 45 километри. Опортјунити направи низа значајни откритија и прв пронајде доказ за воденото минато на Марс, за што пишувавме во Емитер 5/2008 во “Воденото минато на Марс”