Со овој кус напис го започнуваме серијалот претставувања на воздухопловни еднилици со коишто се леташе и сè уште може да се лета во аероклубовите во Македонија. Воздухопловната едрилица СГ- 39 заслужува посебно внимание бидејќи со неа се обучени илјадници пилоти едриличари во светот, во екс-Југославија и секако во Македонија. Таа едрилица сè уште е популарна, се реставрира и се прават реплики, но и воздухопловни модели.
Цеглинг (германски Zögling) е едноставна и лесна воздухопловна едрилица (лизгач), за основна обука на пилоти едриличари.
Била конструирана за стартување со помош на гумено јаже, вообичаен начин за стартување меѓу Првата и Втората светска војна. Конструктор бил Александар Липиц, кој е познат по конструкцијата на ракетниот авион – летачко крило, Месершмит Ме 163 – Комет.
Првата верзија на едрилицата Цеглинг полетала во 1926 година, а потоа следела подобрената верзија на едрилицата Цеглинг 33 (конструирана во 1933 година), па конструкцијата Цеглинг 35 (конструирана во 1935 година) и конечната верзија Цеглинг 38 (конструирана во 1938 година).
Во земунскиот Икарус, во 1928 година биле направени 4 едрилици и истата година било оформено спортското друштво Икарус.
Сепак, најголема популарност достигна едрилицата ДФС СГ 38 (DFS SG.38 Schulgleiter). Одигра клучна улога во основна обука на пилоти, особено за Луфтвафе, во периодот кога им беа потребни пилоти за борбени авиони во Втората светска војна, како едноставен, но стабилен тренер за брза обука на пилоти. Како и неговите претходници, се стартувал со помош на гумено јаже од рид.
Во периодот од 1949 до 1950 година, шпанската АИСА произвела 50 едрилици по лиценца.
Во Велика Британија, Елиот од Њубери изградил копија од СГ 38, наречена Елиотс основна ЕОН. Неговата верзија за првпат била претставена во 1948 година и се користела од страна на РАФ, под името Итон ТХ.1.
Оваа едрилица била произведувана и во Република Македонија, во 1945 година. Наставникот по моделарство Љубомир Тевчев, веднаш по формирањето на Воздухопловното друштво, ја ревитализирал дејноста градба на едрилици, при што изборот паднал на веќе проверената едрилица Цеглинг СГ 38. Во реализацијата на овој зафат учествувале Пеце Казански и други. Впрочем, во тој период, во делот од основната обука имаше и производна работа, во смисла на градба на едрилици и нивен сервис. Па така, се оформија работилници во тогаш оформените воздухопловни училишта. Според кажувањето на постарите активисти како Јордан Ангеловски и други, летовите се извршувале на просторот кај Зајчев рид.
Изминаа многу години, но сè уште се градат реплики според планови и се летаат низ светот. Стартовите се извршуваат на класичен начин, со гумено јаже, но и со авиозапрега. По музеите низ светот сè уште има оригинални примероци коишто се чуваат во посебни услови.
Повеќе за оваа едрилица може да прочитате во Емитер 6-7/2014 (Едрилица за основна обука “Цеглинг”)
Екипаж: 1
Должина: 6,28 m
Распон на крилата: 10,41 m
Висина: 2,43 m
Површина на крилата: 16 m2
Тешина празна: 100 kg
Бруто вкупна тежина: 210 kg
Максимална брзина: 115 km/h
Минимална брзина: 71 km/h
Максимална финеса (сооднос на лизгање): 10:1
Оптоварување на крилото: 13,75 kg/m2