Филип Макрадули, еден од средношколците на млади иноватори кои со својот проект се пласираа во првите 5 во светот на овогодинешниот NASA Space Apps Challenge, ќе го продожи своето образование на Факултетот за електроника и информатички технологии во Скопје.
NASA Space Apps Challenge е светски хакатон каде “обични луѓе“ имаат можност да решаваат предизвици, односно проблеми поставени од НАСА, вели Макрадули. Има голем број на тимови од повеќе локации од целиот свет, а оваа година биле направени 1287 проекти од сите локации заедно. Секој тим одбира еден предизвик кој припаѓа на одедена категорија и потоа има 48 часа да најде решение на тој проблем и потоа да го презентира.
“Ние одбравме предизвик од категоријата Аеронаутика. Тоа одговараше на вештините кои ги поседувавме како тим а исто така и ни беше интересно за работа. Предизвикот се вика “Don’t crash my drone“. Целта на предизвикот беше да им се овозможи на корисниците на дронови во домашни услови да можат да летаат и да си “играат“ со дроновите, но на многу лесен начин и без страв дека ќе го срушат или скршат својот дрон“, објаснува Филип.
Тие дошле до идеја дека нивното решение треба да биде за секого – односно дека секој да може да лета дрон. Затоа, покрај обична апликација за Андроид, имплементирале фитнес алка за рака која го движи дронот според движењето на раката, многу посугестивен механизам во споредба со конвенционалните управувања на дронови. Исто така, алката има известувања за забранети зони за летање и параметри за одредени климатски услови.
За да функционира оваа технологија потребна им била паметна – фитнес алка и посебна смартфон апликација, како и многу работа на програмирање, дизајн и иновативност. Дронот се контролира со алката преку Wi-Fi врска. Резултатот изгледа импресивно, но главната идеја на младите иноватори била поедноставно и побезбедно користење на дроновите. Ова е прв пат сите овие направи да се спојат на ваков начин. Веќе конструирале прототип кој прецизно може да се управува на растојание од 50 метри.
Со оваа технологија корисникот, покрај управувањето, би требало преку вибрации и сензори во алката да добива важни информации за временските услови, теренот, како и зоните на забрането летање.
Проектот влезе во најдобрите пет иновации на овогодишниот натпревар “Space Apps Challenge – Peoples Choice Awards“ на Американската вселенска агенција (НАСА). Предизвикот беше учесниците да понудат решенија кои би придонеле во истражувањата на вселената, или би го подобриле животот на Земјата.
Во иднина велат дека планираат да останат заедно како тим и да го усовршуваат проектот. Прецизноста и растојанието на управувањето на дронот била ограничена од квалитетот на уредите со кои располагале. Со понапредни технологии веруваат дека би дошле до уште подобри разултати.
Повеќе информации за проектот може да се најдат на официјалната страна на натпреварот https://2016.spaceappschallenge.org/
"Среќни сме што и ФЕИТ помага во однос на иновациите и развојот на младите иноватори а уште погорди сме на својата работа кога слушаме дека се повеќе ученици, поготово такви кои имале поголем избор, го одбрале ФЕИТ како прва опција. Не e спорно дека секој ќе ученик на ФЕИТ може да ги продлабочи своите знаења на и од овој факултет да излезе како студент компетентен за било каков предизвик од областа на инжењерството. Ова е мисија која ФЕИТ ја негува долго време и се покажала како точна повеќе пати во минатото а сигурни сме дека тоа ќе продолжи и во иднината" велат од ФЕИТ.
соопштение за медиуми