Падна тешко обложување меѓу мене и еден мој пријател за тоа што е клучот на EGR вентилот кај современите мотори. Само ЕМИТЕР може да ја спаси ситуацијата и затоа ве молиме за одговор.
Голем поздрав,
Горан Марковски
и Љубиша Крстевски
Клучот е во значителното присуство на вода (H2O) во продуктите (гасовите) од согорувањето во моторите СВС. Имено, при идеалното согорување (интензивна оксидација) продукти од согорувањето се топлина, јаглероден диоксид и вода (во испарена состојба). Е токму водата е “она главното” во нашиов случај затоа што и покрај фактот што таа се наоѓа во гасовита (испарена) состојба, продолжува да ја прима топлината од околината и оди кон состојба на прегреаност. Водата има многу голема специфична топлина (тоа практично значи дека таа ја “пие” топлината) и ако дел од тие гасови ги вратиме повторно во комората за согорување, водата што се наоѓа во тие гасови ја намалува температурата на истурените појаси кои се со висока температура (реално, тоа се шпицови од топлина или многу врели појаси од гас), а со тоа се намалува создавањето на многу отровните и опасни азотни оксиди, кои се создаваат во услови на високи температури од останатите продукти од реалното согорување во компресиониот простор. При ова, моторот е еколошки прифатлив (т.е. поминува на технички преглед).
Томе Скендеровски
Имам еден интересен проблем, а знаејќи дека разговарам со аудиофили се надевам дека ќе можете да ми помогнете :)
Неодамна го надградив домашното кино со AVR ресивер на ARCAM, модел AVR550, напојуван од масивен тороиден трансформатор. Од пред неколку дена почна да се појавува механички брум од трансформаторот. Почнав да истражувам околу темата, направив препорачан troubleshooting и с# наведува на тоа дека постои DC-Offset во мрежата за напојување (230 Vac). Веднаш барав каде може да се купи DC trap (blocker), но очигледно производителите знаат која е нивната целна група и забегуваат со цени :) – најевтината понуда почнува од 400 евра па нагоре. Интересно е што неколку сајтови водени од ентузијасти нудат DIY решенија, а истото го гледаат како можност да заработат нешто со тоа. Еден од нив е од Шведска и нуди готови печатени плочки со и без компоненти: https://sjostromaudio.net/cart/en/mains-circuits/62-dct03-dc-filter-for-...
Ме интересира кое е вашето мислење околу квалитетот на решението погоре? што би се додало или одземало за да се добие резултат како оној од познати брендови кои работат со дополнителни безбедносни европски стандарди и наплаќаат големи пари за тоа? Или со други зборови, дали вреди да инвестирам време и пари во DIY (направи сам) проект ако квалитетот на скапите брендирани решенија не може да се постигне со самоградба?
Фала однапред,
Дејан Панов
Прво треба да се провери дали DC офсетот во мрежата навистина е проблемот. Ако DC офсетот постои, тогаш решението е едноставно и релативно евтино – шемата и вредностите се дадени на Сликата 8 на следниот линк:
https://sound-au.com/articles/xfmr-dc.htm
Препорачувам да се прочита целиот текст од линкот – Род Елиот е експерт со светско реноме.
Владимир Филевски
Ве молам за одговор на неколку прашања:
1. Шемата што ја имате дадено во Емитер 4/2014 за склопот Скалично светло со предупредување пред гаснење, дали е точна?
2. Дали имате изработено ваков склоп?
3. Дали треба посебно напојување за LM311?
4. Зошто се носи 230VAC директно на LM311?
5. Дали имате плочка за истиов проект со број ППК1413?
Гоце Ѓорѓиевски
Пред некој ден одговарав на слични прашања за истиов проект. По сè изгледа дека ни Вие го немате прочитано текстот бидејќи за сè што прашувате е јасно напишано во статијата “Автоматски прекинувач за осветлување” од Емитер 4/2014.
1. Да, шемата е точна, како што е вообичаено за Емитер.
2. Да, го има изработувано наш соработник.
3. и 4. Не треба посебно напојување за LM311. ИК LM311 се напојува од приклучокот за 230Vac, но тој напон се смалува со компонентите R7, C4, D1, D2, C5 на вредност од 5,5Vdc со кој се напојува ИК. Ова подетално е објаснето во наведениот напис, на стр. 59. Зошто токму така е направено, има објаснување во текстот.
5. Моментално имаме само една плочка ППК1413.
Прашање до Вас – го имате изработено колото или планирате да го изработите?
Поздрав,
Слободан Таневски
Мошне често приватно работам со клинести ремени и ме интересира дали постои некое општо правило за нивното почетно притегнување? Во литературата што ми е достапна ништо конкретно не можам да најдам за овој мој проблем. Многу Ви благодарам за одговорот.
Ненад Стојковски
Експлицитен одговор за тоа колку се притегнуваат клинестите ремени во стручната литература е тешко да се најде. Впрочем, го нема. Тоа произлегува од фактот што клинестите ремени го пренесуваат моментот благодарение на нормалните сили врз бокот на ременот, предизвикани од заклинувањето на ременот кога тој е под оптоварување и варира (се самонагодува) од големината на тоа оптоварување. Тоа, практично, значи дека потребна е само релативно мала почетна сила на претходно притегнување, со цел да може да се реализира (возникне) заклинувањето на ременот. Колкаво е тоа почетно притегнување? Мало. Тоа претходно притегнување практично се нагодува на следниот начин: ако најдолгиот слободен огранок на клинестиот ремен е во должина до 300 милиметри, тогаш клинестиот ремен треба да е толку затегнат да можеме со палецот на нашата рака, притиснувајќи го ременот навнатре, на половината од таа делница, да се повлече за околу 10 до 15 милиметри. А ако делницата е поголема од 300 милиметри, повлекувањето на ременот да е меѓу 20 и 30 милиметри. При ова се смета дека возникнала доволно почетна сила на триење, којашто при оптоварувањето на ременот преминува во сила на заклинување, која, пак, го пренесува потребниот момент. Ова важи за сите класични клинести ремени.
Томе Скендеровски