Ова писмо е прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор е награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Здраво,
На почеток сакам да ви упатам честитки и пофалби за досегашната работа и за прекрасните содржини што ни ги испорачувате сите овие 19 години. Јас воглавно се интересирам за аудиотехниката и електрониката, но наоѓам задоволство и во другите статии и рубрики. Моето прашање е токму од електрониката и аудиотехниката и се однесува на изобличувањата. На интернет и во многу статии во Емитер (последно во проектот за 140W засилувач од бројот 8-9/14), сум прочитал дека изобличувањата (THD и IMD) треба да бидат што помали, некаде се препорачува помали од 1%, некаде помали од 0,2-0,1%, а некаде има други бројки или воопшто нема конкретна препорака туку само се вели да бидат "што помали". Ме интересира која е вистинската граница на распознавање на THD и IMD изобличувањата, односно која вредност на изобличувањата ја распознава човекот. Со други зборови, која вредност на THD и IMD е доволно да биде задоволена кога купуваме или самите изработуваме некој засилувач?
Однапред ви благодарам на одговорот и ви посакувам натамошен успех.
Дарко Марковски
Слушните тестови докажале дека човечкото уво може да забележи вкупни хармонички изобличувања THD=0,2% кај снимена флејта. Интермодулациските изобличувања IMD нераскинливо се врзани со THD – не може IMD да е големо, а истовремено THD да биде мало. Според тоа, изобличувањата THD треба да бидат најмногу 0,1%. Сосема друга ситуација е кога некој намерно конструира засилувач да има големи изобличувања, за да постигне "интересна" боја на звукот од засилувачот. Но, тоа веќе не е оригиналниот, природен звук, туку вештачки обоена фантазија.
Владимир Филевски
Здраво редакцијо,
Со син ми, кој почна и самиот да плива во овие електроничарски води, го составивме засилувачот "Паганини" со TDA2030A од Емитер бр. 5/2009. Наместо колото, TDA2030 го ставивме TDA2050, и добивме појак, убав звук на пристојни звучници. Ова коло вади некаде околу 30W на 4-омски звучници, барем така пишува во даташитот. Затоа сакам да поставам прашање до редакцијата, а и до г. Филевски, кога ќе направи проект на звучници во TL-изведба со моќност од околу 40 до 50W, токму за овој засилувач. Ова го велам бидејќи во претходните броеви тој имаше проект на миди TL-звучник и на крајот од проектот беше напишано дека ќе има и проект за мини TL-кутија. Но, како што гледам, во наредните броеви таков проект нема. Сега во Македонија има многу фирми што продаваат звучници, а има и во неговата фирма "Аудио експерт". Ја замолувам редакцијата, ако е во можност, да објави таков проект кој ќе биде со прифатлива цена за поголем број читатели на Емитер. Со овој проект и синот ќе го израдувате со комплетирање на стерео-засилувачот со TDA2050 заедно со добри звучници од вашиот проект.
Поздрав до редакцијата и продолжете само така.
Пере-Петруш, Армагедон
Во подготовка е еден проект кој би можел да се нарече Mini TL, но многу е релативно дали цената ќе биде "прифатлива", со оглед на цената (и квалитетот) на драјверот. Во поранешните TL-проекти најчесто користев реалативно евтини кинески звучници, но нивната ниска цена си имаше свои последици – поголеми изобличувања, мала ефикасност и нерамна амплитудно-фреквенциска карактеристика (АФК). Иако за тие проекти направив оптимизирани свртници, сепак направив некои компромиси – АФК не беа најрамно можни, бидејќи во тој случај свртниците ќе беа многу покомплицирани и поскапи, а ефикасноста уште помала. Во тие времиња изборот на звучници беше ограничен само на релативно евтини, но неквалитетни кинески звучници.
Денес ситуацијата е подобра во однос на понудата на звучници, па во секој момент би препорачал нешто поскапи, но многу поквалитетни звучници. Добар почетен индикатор за квалитетот на звучникот е дали производителот воопшто има своја интернет-страница, со податоци за Thiele-Small параметрите и за АФК.
Владимир Филевски
Почитувани,
По ваша препорака го изработив стабилизираното напојување од бројот 1/2008 (www.emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=181), и тоа одлично функционира. Имам мала нејаснотија, за која ми е потребна ваша помош. Мене ми треба излезен напон којшто би се регулирал од 8,5Vdc до 9,5 Vdc (а не од 3 до 30 Vdc). Каква модификација треба да направам врз овој уред за да го добијам бараниот напон?
Со почит,
Игор Димитриевски
За стабилизираниот извор од Емитер 1/2008 да дава излезен напон во опсегот од 8,5 до 9,5V,
потребни се следните измени:
P1=1k
R2=4k8
R3=8k5
R4=10k
R5=10k
Бидејќи P2 и R3 се нестандардни вредности, постојат 3 опции:
1. За R2 и R3 да се употребат тример потенциометри и да се нагодат на потребната вредност.
2. За R2 и R3 да се употреби сериска врска на отпорници со стандардна вредност за да се добие што поточно потребната вредност.
3. Да се употребат најблиските отпорници со стандардна вредност:
R2=4k7
R3=8k2
Притоа ќе се добие опсег на промена на излезниот напон од 8,436V до 9,465V, што е доволно блиску до бараниот опсег.
Формулите за пресметување на излезниот напон при R4=R5 и Uref=7,15V (од даташитот на колото) се:
Umin= 2•Uref•R3/(R3+R2+P1)
Umax=2•Uref•(R3+P1)/(R3+R2+R1)
Денис Галовски
Ви благодарам за одговорот, но сум ви испратил погрешни информации за уредот. Имено, уредот не е од Емитер број 1/2008, туку од 3/2005 ("Стабилизиран извор за напојување за 0-30V/0-3A" – emiter.com .mk/ poveke.php?napis_id=1315). Затоа, повторно ве замолувам да ми кажете каква модификација на ова коло треба да направам.
Се извинувам за мојата ненамерна грешка и се надевам дека во најбрз рок ќе ми помогнете.
Со почит,
Игор Димитриевски
Постојат повеќе опции да се добие посакуваниот напон, но бараат покомплицирани пресметки и промена на повеќе елементи. Опцијата што ја предлагам е наједноставна.
Уредов работи на следниот принцип. На излезот од IC2 се добива референтен напон Ur со вредност од 11,2V. Овој референтен напон се регулира со помош на P1 од 0 до 11,2V и се засилува со IC3 за околу 3 пати, при што се добива излезен напон од 0 до 30V. Проблемот е во тоа што IC3 работи како неинвертирачки засилувач, каде што засилувањето не може да биде помало од единица. Од друга страна, не би го менувал референтниот напон Ur бидејќи истиот се користи и во струјниот ограничувач и тој би претрпел промени. Затоа, најдобро е да се намали засилувањето на IC3 и да се ограничи напонот на P1.
Потребни се следниве промени:
R21 потребно е да се замени со отпорник од 1k, при што ќе добиеме засилување на IC3 од 1,037. Потенциометарот P1 треба да се замени со вредност од 1k, а сериски со P1 да се стават два повеќеобртни тримери – ако сакаме точен опсег од 8,5 до 9,5 волти, односно два фиксни отпорници – доколку се дозволени одредени отстапки. Отпорникот (тримерот) поставен од горната страна на P1 ќе го означиме со Rx, а тој поставен од долната страна со Ry. Вредноста на овие тример потенциометри, односно отпорници, ја определуваме на следниот начин. Прво го мериме напонот Ur на излезот од IC2 (би требало да изнесува 11,2 волти), но во пресметките, потребно е да се земе измерената вредност.
Пресметките се следни:
Umin=Ur•Ry•A/(Rx+Ry+P1)
Umax=Ur•(Ry+P1)•A/(Rx+Ry+P1),
каде што Ur е измерениот референтен напон или може да се земе вредноста 11,2V. A е засилувањето на IC3 и се пресметува како (R21/R15)+1 и за R21=1k изнесува 1,037.
Бидејќи сите променливи ни се познати, освен Rx и Ry, се решава систем од две равенки со две непознати, и се добива Ry=8k5 и Rx=2k1.
Ако се употребат отпорници со точност од 5%, со стандардни вредности 8k2 и 2k2, се добива опсег од 8,2 до 9,37V; а ако се употребат отпорници од 1%, тогаш може да се употребат отпорници од 8k45 и 2k1, па ќе се добие опсег од 8,5V до 9,5V.
Добро е и да се намали засилувањето на високите фреквенции, па за тоа треба да се зголеми вредноста на C8 на 1nF или повеќе.
Денис Галовски
Здраво ЕМИТЕР,
Ме интересира дали, и ако има, каде во Македонија може да се набават комплет делови и материјали за самоградба на летачки модели?
Однапред благодарам,
Саше Спировски, преку е-маил
Пред да одговорам на прашањето ќе се обидам да дадам насоки во кој правец би требало да се движи набавката на модели во однос на категоријата, со цел поуспешно да дојдете до посакуваните модели. Имено, за почеток, без оглед на возраста се започнува со наједноставни модели-лизгачи, од хартија, стиропор или некој фурнир. Следниот чекор би бил градба на модел од категоријата А-1, односно Ф1Х, по стекнување одредено искуство може да се премине на градба на радиоуправувани едрилици, кои сега ги има во голема мера низ светот, особено како кит-комплети (комплет делови за составување). Во изминатите броеви на списанието Емитер ја имам обработено темата "изработка на лизгач", набавен како кит-комплет од продавницата "Хоби салон". Потоа, благодарение на донацијата на книжарницата "Барби" обработив тема – градба на едноставен модел од категоријата А1. Тоа е проверен процес на обука, при што на лесен и едноставен начин се доаѓа до резултат. Ако од почетокот се добијат позитивни резултати, постигната е целта.
Е сега, доаѓа и одговорот на прашањето каде и како да се набави кит-комплет. Бидејќи во Македонија нема специјализирана продавница за воздухопловно моделарство, останува можноста да се обратите до "Народна техника" Кавадарци, односно до г. Гоце Јосифовски, кој за своите ученици изработува комплети за градба на модели-лизгачи. Секако, ќе Ви помогне и околу набавката на модел-едрилица од категоријата Ф1Х. За почеток на интернет пребарајте со клучни зборови: Plans for flying paper model. Ќе се изненадите колку многу има убави летачки модели од хартија за чија изработка се потребни само ножици и лепило за хартија.
Деновиве особено обратив внимание да дојдам до информации за специјализирани продавници за сите видови воздухопловни модели, вклучувајќи ги и кит-комплетите за едрилици. Еве еден краток список:
1. www.graupner.de – Германија
2. www.towerhobbies.com – САД
3. www.robbe.de – Германија
4. www.shop.malaivanca.com/en – Rc Shop, Белград, Србија
5. www.horizonhobby.com – САД
6. www.rcplanet.com – САД
7. www.hobbytown.com – САД
8. www.hobbyking.com – САД
9. www.rc-shop.gr – Грција
10. www.modellsport.gr – Грција
11. Гоце Јосифовски – АК Витачево, Кавадарци
Всушност, доволно е во Гугл да се напише Rc Shop и да се наведе земјата од каде што сакате да набавите производ, и се добиваат безброј продавници низ светот. Горенаведените се проверени и од некои од нив сум ги имал в раце каталозите со нивните производи.
На крајот, само сакам да додадам дека Ви стојам на располагање за секоја информација за воздухопловното моделарство и максимално ќе се заложам, од мое име и во име на редакцијата, да го постигнете посакуваниот успех.
Перица Поповски