Во бројот 6/13 пишувавте за апликацијата Pocket Change. Ја препорачувавте како апликација за заработка од мобилен, меѓутоа апликацијата пред извесно време исчезна од маркетот на андроид, и ни пропаднаа освоените поени со кои што можевме нешто да нарачуваме. Имате ли некоја информација за (не)сериозноста на оваа апликација или и вие наседнавте на непроверен софтвер?!? Бидејќи вашето списание секогаш го читам и со нетрпение го купувам, и верувам во вашата професионалност, се надевам дека ќе ми одговорите набргу. Поздрав!
Александар Китевски
Како што сте забележале, апликацијата навистина повеќе ја нема на андроид-маркетот. Неофицијални причини за тоа, колку што јас успеав да дознаам, се дека: Google ја ставил во категоријата на забранети апликации - Gambling (Игри на среќа). На следниот форум, пак:
http://androidforums.com/android-games/623916-games-use-pocket-change-da...
можете да прочитате дека за USA и Австралија овој систем сè уште функционира. Дали е тоа навистина така и до кога, тоа не можам да го кажам. Прочитав и дека некои користат некој трик со лажирање на IP-адресата за да изгледа дека се наоѓаат во USA и така да можат да заработуваат поени. Од кај нив (од кај Pocket Change), нема никакви информации поврзани со ваквите проблеми.
Инаку, јас лично дознав за овој систем во јануари оваа година. Оттогаш собрав доволно поени и неодамна (пред неколку недели) го порачав Nexus 7. Таблетот успешно стигна на моја адреса. Се разбира, морав да платам царина од околу 4000 ден. Друго сè беше во ред. По порачувањето, на царина дојде за 4 дена. Добив исто и број за следење. Ова според мене укажува дека проблемот не е до (не)сериозноста на апликацијата, туку можеби неофицијалните причини со категоризирање како игра на среќа се точни.
Што ќе се случи на крај, не знам. Дали ќе престане да функционира целосно или, пак, ќе биде ограничена на одредени земји, како што е во моментов, навистина не знам. Останува да почекаме и да видиме.
Александар Илиоски
Би сакал да ви поставам едно прашање во врска со звучникот Pioneer TS-W307D2. Параметрите кои ги најдов на интернет за него се: Qts = 0,44; Fs = 33,9Hz; Vas = l 42,21; Qms = 13,7; Qes = 0,45; SPL = 89dB; PRMS = 400W; Re = 2 +2 ohms; BL (TM) = 15,9 N / A (4ohms), XMAX = 8,7 mm.
Од производителот е препорачано за него да се користи компресиона кутија од 24 до 55 литри. Но, јас би сакал да знам дали може да се постави, на пример, во Band-Pass кутија од 6-ти ред? Тјунингот би бил – за предната кутија 10 литри / 60Hz, а за задна кутија 100 литри / 18Hz. Целта би била употреба од 15Hz до 60Hz за сабвуфер за домашно кино. Во овој случај, фазата е сосема изместена, но дали тоа е воопшто важно кај волку ниски фреквенции? Што би препорачале вие за "молзење" на што пониско подрачје од овој звучник? Или знаете некој подобар драјвер со цена под 100 евра?
Дејан Маликовски
На почетокот, да напоменам дека двете намотки од звучникот задолжително мора да се врзат сериски, за да се добие вкупна импеданса од 4 оми.
Несомнено најдобар звук ќе се добие во затворена (компресиона) кутија, токму како што препорачува Pioneer, но тогаш долната гранична фреквенција ќе биде само f3 = 55 Hz. Тоа е одлично за во автомобил, но недоволно ниско за сабвуфер за домашно кино. Во бас-рефлекс кутија од 45 литри и резонантна фреквенција fb = 30 Hz, се добива f3 = 32 Hz, што е доволно ниско за домашно кино, но квалитетот на басовите ќе биде полош од компресионата кутија. Голем број сабвуфери што можат да се најдат во продажба имаат приближно такви перформанси. За подлабоки фреквенции може да се употреби band-pass кутија, но квалитетот на басовите е уште полош од класичната бас-рефлекс кутија. Големите промени на фазата што сте ги забележале се само последица од многу лошата карактеристика на групно доцнење, а тоа увото дефинитивно ќе го чуе. Band-pass кутијата што ја предлагате не е оптимална – ефикасноста е само 85 dB/1W (во класична бас-рефлекс кутија би била 89dB/1W), додека карактеристиката на групно доцнење (и фазата, исто така) е многу лоша. Нешто подобри резултати се добиваат со комора од 15 литри и 50 Hz резонантна фреквенција (наместо 10 литри и 60 Hz) – ефикасноста тогаш е 86 dB/1W, а групното доцнење и фазата се полинеарни. При полна моќност од 400 W и во двата случаја се надминува дозволениот Xmax во појасот на фреквенции од 20 Hz до 35 Hz. Затоа, максималната моќност што смее да се предаде на звучникот мора да се ограничи на најмногу 200 W/4 оми. Напоменувам дека компјутерските симулации (особено од бесплатните или евтините програми) на band-pass кутиите не се доволно прецизни во делот на одредување димензии на бас-рефлекс цевките, така што мерењето е задолжително! Пониски фреквенции од овој звучник не можат да се добијат.
Pioneer има одлични цени, но сепак проверете дали може да се најде нешто подобро за истите пари (или слично за помалку пари). Проверете ги цените и Thiele-Small параметрите на моделите од другите произведувачи. Особено внимание посветете на Qts параметарот, кој треба да биде што е можно понизок (тоа автоматски значи подобар квалитет на звукот). Притоа, сопствената резонантна фреквенција fs на звучникот исто така треба да биде што е можно пониска, бидејќи всушност важен е односот fs/Qts, кој одредува колку ниско може да свири звучникот.
Направете симулации и споредете ги со резултатите што ги добивте за Pioneer S-W307D2. Но, имајте на ум дека, за жал, често се случува декларираните Thiele-Small параметри да не одговараат на вистината. Многупати сум измерил повисок Qts параметар, некогаш дури и двојно, па и тројно поголем од декларираниот! Притоа, fs секогаш била повисока (и Vas помал), па односот fs/Qts бил приближно ист, така што кутијата пресметана според декларираните параметри приближно би била коректна, но со многу полош квалитетот на звукот. Ако сте во можност, прво измерете ги Thiele-Small параметрите на звучниците пред да правите симулации на компјутер.
Владимир Филевски