Здраво Емитер,
Веднаш да ве поздравам за враќањето во аудиотехниката, особено со толку чести звучници што ги има во секој втор дом! Би сакал да ве запрашам нешто – имам едни звучници Jamo D165, кои се во одлична состојба и би сакал да ги користам, единствено нивните високотонци се нефункционални. Дали имате идеја што би можело да игра улога на замена и би се можело да се најде кај нас и каде?
Што мислите за засилувачите Behringer со голема моќност, како Behringer EPQ900? Според цената, излегува дека е поевтин од самоградба, или барем слично. Или нешто како Behringer EPQ2000 за погон на домашен сабвуфер? Навистина се зачудив за цената, затоа прашувам дали има некоја финта. :)
Поздрав,
Дејан Маликовски

Звучниците Jamo отсекогаш имале одличен надворешен дизајн, па така и старата серија D ја краси агресивен "технички" изглед, кој оддава многу моќен впечаток. Квалитетот на звукот сепак е на пониските гранки, но со оглед на нивната ниска цена, тоа наполно е очекувано.
Изгорените високотонци најдобро е да се заменат со оригиналните од Jamo. Фирмата Audio Expert (www.audioxpert.com.mk) нуди оригинални Jamo високотонци по многу поволна цена.
Фирмата Behringer е позната по ниските цени и прифатливиот квалитет за таа цена. Професионалците не ги користат многу засилувачите Behringer, бидејќи приоритетни им се квалитетот и издржливоста, па затоа често се одлучуваат за поскапи и поквалитетни фирми и модели. Засилувачите EPQ900 и EPQ2000 можат да се користат за домашна употреба или за повремено озвучување забави. Внимавајте на декларираната моќност, моделот EPQ900 има синусна моќност од 275 Wrms/4Ω и 175 Wrms/8Ω, додека моделот EPQ2000 има синусна моќност од 700 Wrms/4Ω и 500 Wrms/8Ω, но никаде не е означено колкаво е изобличувањето на таа декларирана моќност. Овие засилувачи, како и сите професионални засилувачи, имаат вградени вентилатори за ладење, чиј шум многу лесно се забележува во домашни услови, па дури може и многу да пречи.
Фирмата Audio Expert (www.audioexpert.com.mk) нуди професионалeн засилувач Master Audio MPA1000 со синусна моќност од 400 Wrms/4Ω при изобличување помало од 0,1%. Цената е идентична со цената на Behringer EPQ900, кој има помала моќност.
Владимир Филевски


Здраво емитерџии!
Благодарам за вашиот сеопфатен одговор на моето претходно писмо. Инаку, за некои работи погрешно сме се разбрале. Страниците не се многу збиени, туку мислам на насловите. Видете ги насловите во далечната 2002... 2004 год., напишани беа со убави букви кои веднаш паѓаа во очи, за разлика од сегашните наслови. Инаку, сум гледал и странски списанија, убави натписи и техника на уредување, но цената во однос на Емитер е изгор.
Се распрашував за набавка на ламби и дојдов до сознание дека има многу можности. Тука е Конрад, а постои можност за набавка и од други фирми или преку интернет и слично. Ламбите 6922, E88CC, ECC88, 6DJ7 (кои се исти) можат да се набават по цена од 500 до 1300 ден., зависно од кој производител се.
Јас и моето друштво очекуваме да направите некој целосен проект: предзасилувач и засилувач со ламби, заедно со соодветни звучници.
Многу поздрави од мене и од друштвото,
Гоце преку е-пошта

Благодариме за појаснувањата. Се трудиме дизајнот на насловите да е воочлив и убав на око. Како и за секој дизајн, вкусовите се разликуваат па еден дизајн на некого повеќе му се допаѓа, а на некого помалку. Во секој случај, благодариме на укажувањето, ќе го земеме предвид при евентуалната промена на фонтот и дизајнот на насловите.
Ламбата E88CC (6922) е подобрена верзија на ECC88 (6DJ7) и секогаш носи повисока цена. Цената за поевтината ламба ECC88 во германскиот каталог на Конрад е 19 евра, а во Македонија би се продавал нешто поскапо. На интернет може да се најдат и по пониска цена, но поштарината значително ќе ја покачи крајната цена. Можеби некои домашни фирми можат да понудат некоја поповолна цена. Во секој случај, не препорачувам купување користени ламби, иако се поевтини.
Инаку, одамна планираме таков комплетен проект и ќе се потрудиме да го реализираме и да го презентираме во ЕМИТЕР.
Владимир Филевски


Здраво Емитерџии!
Многу сум задоволен од рестартувањето на рубриката "Операциона сала". Инаку, на времето јас го имав тој засилувач од Ei Ниш, само мислам со тие звучници дека се викаше HSR 160, а не HSR 140. Имаше и таков послаб засилувач HSR140 со други звучници.
Би било добро г. Филевски да понуди проект со звучници од неговата продавница, кои ќе бидат прифатливи за повеќе читатели. Цената нека биде до 100 евра за пар звуцници без кутија. Знам, ќе речете дека објавил такви проекти, но тие се поскапи, а во последно време на интернет има многу голем избор на звучници. Поздрав од мене и од моите пријатели кои станаа редовни читатели на Емитер.
Гоце, преку е-пошта

Звучниците за кои направив подобрување со модификација на свртницата имаат ознака HZK, а не HSR (како што нагласив во текстот) и тие се продаваа заедно со рисиверот HSR 140 и подоцна со рисиверот HSR 160. Кога се појави рисиверот HSR 160, во прво време го продаваа заедно со звучникот HZK, кој имаше еден нискотонец од 30 cm и малку повисока кутија од претходните (моделот најдесно на фотографијата во ЕМИТЕР), додека подоцна на негово место дојде моделот HZK со два нискотонци од 20 cm во истата кутија.
Во подготовка е нов проект за звучник со многу евтина и едноставна кутија.
Владимир Филевски


Дали може да го употребам Теслиниот транформатор, објавен во Емитер во броевите 3 и 4/2006, за палење на апарат за TIG-заварување којшто нема фабрички вградено високофреквентно палење и дали би можел Теслиниот трансформатор да предизвика оштетување на апаратот за заварување кога би го приклучил паралелно на излезот од апаратот. Се работи за инверторски апарат марка KEMPPI MASTER 5001.
Влатко Чеков

Високофреквентните генератори за палење на лак кај апаратите за заварување се карактеристични за апаратите за заварување со класичен трансформатор, а не кај инверторите. ВФ-генераторот е поврзан на главните водови директно, но кон апаратот "гледа" преку една придушница која треба да биде така димензионирана за да ја издржи струјата на заварување, од една страна, а од друга страна да ја ограничи максималната вредност на напонот од ВФ-генераторот кој би се појавил на исправувачките елементи на апаратот (диоди или тиристори). Висок напонски импулс, макар и со многу мала енергија, може да започне процес на уништување на исправувачкиот елемент (диода или тиристор). Едноставно, високонапонски импулс си пробива патека низ PN-спојот на диодата или сендвичот од PN-споеви кај тиристорот. Оваа мала спроводна патека потоа станува спроводник кој дополнително генерира топлина што се одлева директно во структурата на насочувачкиот елемент и дополнително води кон уништување на елементот. Значи, не е како кај "обичната" електроника кога елементот или работи или не работи. Тука имаме случај на оштетување на елементот, или абење. Значи, иако насочувачкиот елемент изгледа робустно и неуништливо и може да издржи големи струи на заварување, еден мал напонски импулс може да го бутне.
Високофреквентните генератори за палење на лак најчесто се сретнуваат кај AC-машините со класичен трансформатор, кои се и најповолни за заварување алуминиум со волфрамска електрода во атмосфера на аргон. Кај овие машини воопшто нема насочувачки елементи, па употребата на ВФ-генераторот е безбедна. Кај инверторите за олеснување на палењето на лакот, при стартот на заварувањето најчесто се користи таканаречен ударен режим, кога во краток временски интервал апаратот генерира максимална моќност на лакот, и покрај тоа што струјата на заварување е поставена на некоја помала вредност. Значи, големата енергија во краток временски интервал ќе го олесни палењето на лакот, а потоа се воспостваува стабилен режим поставен од заварувачот. Затоа, мој предлог е воопшто да не размислувате за оваа работа, туку да најдете друг начин за да го олесните палењето на лакот. А постојат и други начини за кои сум сигурен дека сте слушнале затоа што не држи секој ваква машина во работилница.
Кирил Крстевски