Почитувани,
Имам еден специфичен проблем со напојувањето за миксерот Soundcraft Spirit E6. Кога го извадив да видам што се случува, видов дека печатената плочка на две места беше поцрнета, што значи дека тука почнале проблемите. Бидејќи немам многу искуство со тие напојувања, отидов на веб-страницата на Soundcraft за да видам дали има шема или сервисно упатство. Такво нешто не најдов, но налетав на една објава од форум, каде што некој исто такво напојување го поправал и увидел дека плочката е лошо дизајнирана, односно дека е лошо дизајнирано напојувањето. Неговите објаснувања можете да ги прочитате на следниот линк http://www.neufeld.newton.ks.us/electronics/?p=498Dejan. Бидејќи и тој немал шема, самиот ја нацртал со помош на плочката – таа шема ви ја испраќам, а неа ја има и на наведениот сајт. Инаку, во шемата необележаната диода D3 е од типот SF1600TFK.
Ги прочитав и ги следев неговите упатства, но испадна дека во мојот случај уште една диода е прегорена, а не само едната како кај него. Ги променив двете диоди и, напојувањето проработе, ама почна да чади диодата D6. Затоа ги сменив и FET-транзисторот и интегрираното коло, но пак истото се случуваше. Ми остана уште транзисторот ZTX, кого не можам да го најдам во продавниците.
Што ми препорачувате вие и дали може да се направи надворешно напојување со класичен трансформатор?
Дејан (deki21) преку e-mail
Тоа што не успевате да го поправите уредот, во прв ред се должи на фактот што вие постојано се обидувате да ги отстраните последиците, а не причинителите на прегорувањето! Наиме, полуспроводниците – транзисторите, диодите или интегрираните кола речиси во никој случај не се причинители на прегорувањето. Просто, кога ќе доведеме некој полуспроводник во одреден работен режим, тој ќе продолжи да работи сè додека не се сменат почетно зададените параметри. Дури и прегорувањето на транзистор поради преоптоварување е само последица, вистинската причина за тоа е неговото преоптоварување!
Значи, залудно се обидувате да ги замените прегорените полуспроводници, тие не се причината за прегорувањето. Сè додека не ја најдете вистинската причина, вие по фамозната метода на безуспешни обиди, ќе прегорувате сè повеќе и повеќе полуспроводници во колото, сè додека не дојдете до констатацијата: "Ова веќе не се поправа!"
Каде да ја барате причината?
Некој пресметал дека кај импулсните претворувачи, околу 70% од дефектите се причинети од промена на параметрите на кондензаторите и, грубо, останатите 30% од дефектите се должат на неисправна работа на колото кое е напојувано со дотичниот претворувач. Само 1 дефект од 2500 се должи на состојби врзани со промена на параметрите на испорачаната ел. енегија. Исто така, пресметано е дека само во 76 ppm (parts per million – 76 случаи од милион = 0,0076%), дефектот е предизвикан од слабиот квалитет на уредот.
Затоа, решението на вашиот проблем прво побарајте го таму каде што има најголема веројатност да се случи: Во прв ред тоа е промена (деградација) на параметрите на еден или повеќе кондензатори во самиот импулсен претворувач и кондензаторите за филтрирање на напонот во колата напојувани од претворувачот. Нема да биде доволно да измерите капацитивност на кондензаторите туку ќе треба да им измерите и ЕСР (еквивалентна сериска отпорност) – тема која е обработувана на повеќе наврати во Емитер (броевите 2/2000, 6/2004, 10/2012 и 11/2012).
Без разлика дали со овие мерења ќе се уверите дека причината е или не е во самиот претворувач, заменете ги неисправните елементи и испробајте го истиот "на суво" – со исклучување на колата напојувани од претворувачот и со приклучување соодветен отпорник наместо нив. Прво, отпорникот нема биде со таква вредност што да предизвика мала потрошувачка, а потоа постепено да се намалува за да се добие потребната номинална потрошувачка. Само понекогаш, поради лошиот квалитет на заменетите компоненти или поради несоодветно нагодување таму каде што го има, уредот не ќе може да ја даде максималната струја, а да не се прегрева или дури да предизвикува прегорување на нововградените елементи.
Само кога ќе се уверите во исправната работа на претворувачот, тогаш ќе можете да одите понатаму. Не брзајте со вклучување на "вистинските" потрошувачи, односно колата напојувани од претворувачот, и нив ќе треба да ги проверите!
Општо земено, сервисирањето уреди не е нешто што може да се направи преку форуми или интерет воопшто. Верувајте, да можев воопшто да поправам електронски уреди на далечина, преку некое средство за комуникација како посредник, најверојатно ќе бев најбогатиот човек на земјата! Сервисирањето електронски уреди е еден од најсложените занаети воопшто и бара не само широко практично познавање на работите туку пред сè голема теоретска подготвеност. Тоа е една од причините зошто најновите електронски уреди сè помалку се предвидени за сервисирање, а сè повеќе се наменети за "еднократна употреба".
На крај, се разбира дека можете да изработите некое класично решение со мрежен трансформатор, но имајте предвид дека тоа ќе биде поскапо, потешко и со поголем габарит. Затоа, проверете дали е поевтино да купите ново оригинално напојување за тој миксер.
Емилијан Иљоски
Ви благодарам за одговорот на моето претходно писмо. Како што кажав, немам некое искуство со овој тип напојувања и не ми текна да ги проверам и да ги сменам сите кондензатори, затоа што и не се многу, но човек се учи додека е жив.
Сега имам едно друго прашање. Пред речиси една година од Техномаркет купив PHILIPS VHF/UHF/HDTV digital TV IP55 antenna, со вграден засилувач од 40dB, модел SDV8622/12 со распон од 5 до 1000MHz, и еве, пред 5 дена ми се расипа, а кога ја купував ми кажаа дека гаранцијата важи една недела, иако на интернет-страницата на PHILIPS наведуваат гаранција од 5 години. Бидејќи засилувачот целиот е во SMD-техника и има некакво ИК кое едвај со лупа се гледа, невозможно е да се поправа, па затоа сакам самиот да изработам нов антенски засилувач. Согласно со тоа, ме интересира дали шемава што ви ја испраќам може да се искористи за нов антенски засилувач? Во оваа шема со два транзистора сакам да додадам и трет степен (ист како вториот), а наместо BF197, планирам да вградам BFR-транзистори. Целта ми е да добијам засилување од 40dB, наместо 15dB (како што е декларирано за овој засилувач) и да работи во опсег од 5 до 1000MHz (мислам дека BFR-транзисторите можат да работат во тој опсег, а BF197 не). Значи, дали е можно оваа шема да профункционираа и како би се извело напојувањето по истиот кабел заедно со сигналот – бидејќи го имам Power Inserter сакам да го искористам него, само со друг адаптер со повисок напон, затоа што на шемата е зададен напон од 10 до 14V. Ако сметате дека оваа шема не е добра и ако имате вие некакво решение за ваков антенски засилувач, тогаш ве молам посочете ми некое решение.
Ви благодарам однапред,
Дејан (deki21) преку и-мејл
Во Вф-техниката, покрај електричната шема треба да ја имаме и механичката реализација на уредот. Дури и тоа не е доволен предуслов за успешна реализација! Разликата од успехот и неуспехот може лесно да се сведе на поставувањето на само една компонента за некој милиметар лево или десно. Затоа ВФ-проектите, во глобала, не се многу прикладни за самоградба. Сепак, Емитер има објавено неколку вакви проекти од кои, за Вашата намена, највеќе одговара проектот од Емитер бр. 9/98: https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=3180.
Од горенаведените причини, не е можна едноставна замена на "старомодниот" BF197 со некој од понова генерација бидејќи, без исклучок, сите ВФ-транзистори од нешто понова генерација се сместени во поинакво пакување од BF197. Тоа важи и за прочуената, 35 години стара генерација на BFR - BFR90, BFR91 и BFR96 кои, патем речено, не се едноставно заменливи еден со друг! Значи, треба да најдете некое целосноо решение со одреден модел транзистори и практично да го реализирате. Шемата со BF197, која ја имате, нема многу да помогне! Уште повеќе, ми се чини дека не е исправна бидејќи со назначените компоненти (особено RC-членот 47K // 120p) може само да се изработи НФ-засилувач со горна гранична фреквенција од само 30KHz!
Морам да напоменам, исто така, дека засилување од некои 40 dB не е воопшто едноставно да се добие, особено на повисоките фреквенции од UHF-подрачјето, дури и со употреба на најнова технологија. Сепак, мора да се разликуваат реалните 15 од 20 dB, кои без никаков срам се претвораат во волшебни 40-тина кај уредите од ниска класа и сомнителна провениенција, од уредите со вистинско засилување од 40 dB за кои треба да се одвојат некои 60 до 100 евра наместо денари!
Емилијан Иљоски
Здраво Емитер,
Ми треба совет од вас. Имам торусен трансформатор 2X28V 70W и со него сакам да направам засилувач. Можете ли да ми дадете некој предлог за тоа кој проект би одговарал за овој трансформатор?
Поздрав,
Васко Тасев
Повеќето класични реализации со дискретни компоненти и RMS-излезна моќност од 40 до 100W без проблем би го издржале нешто зголемениот напон на напојување од 2x28V. Зголемениот напон ќе повлече и зголемена дисипација – односно ќе има потреба од нешто поголеми ладилници. Исто така, 28Vac е границата каде што веќе мораме да употребиме барем 50-волтни филтерски кондензатори во напојувањето. Со ваква комбинација 2X28V и 70W, без поголеми проблеми би се остварила моќноста од 50W на 8 оми но со 4-омско оптоварување треба да се посвети големо внимание на зголемената дисипација и, се разбира, нема да можеме да добиеме моќност многу поголема од 50W. Кај овие решенија, можеби најпаметно би било да се земе класична реализација која може да даде нешто повисок RMS-излез од 80 до 120W и да се намали вкупното засилување да не биде многу поголемо од 20 пати. Во ЕМИТЕР имало повеќе проекти на засилувачи со дисктретни компоненти кои би одговарале за наведените услови. На пример, тоа може да биде проектот од ЕМИТЕР 7-8/2008 (https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=580) со промена на вредноста R10 на 470 оми.
За овој случај, во начело не препорачувам решение со ИК, бидејќи тоа редовно би водело до често прегревање на колото и активирање на вградената заштита (ако ја има – а ја има во сите понови модели). За да се избегне ова, и тука треба да се земе некое ИК кое што може да даде поголема моќност (од оние 50W RMS што би ги дало 70 – ватното трафо) и задолжително да се намали вкупното засилување. Мислам дека конфигурација со TDA7293, нагодена да има напонско засилување од околу 20 пати, ќе биде добро решение! Како основа можете да го искористите проектот од ЕМИТЕР 1/2012 (https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=3911), но без филтерскиот степен и со промена на вредноста на R2 на 1 килоом. Може да го употребите и проектот од ЕМИТЕР 7-8/2002 (https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=2595) со замена на ИК TDA7295 со TDA7293 и промена на вредноста на R2 на 1 килоом.
Емилијан Иљоски