Почитувани,
Имам еден специфичен проблем со напојувањето за миксерот Soundcraft Spirit E6. Кога го извадив да видам што се случува, видов дека печатената плочка на две места беше поцрнета, што значи дека тука почнале проблемите. Бидејќи немам многу искуство со тие напојувања, отидов на веб-страницата на Soundcraft за да видам дали има шема или сервисно упатство. Такво нешто не најдов, но налетав на една објава од форум, каде што некој исто такво напојување го поправал и увидел дека плочката е лошо дизајнирана, односно дека е лошо дизајнирано напојувањето. Неговите објаснувања можете да ги прочитате на следниот линк http://www.neufeld.newton.ks.us/electronics/?p=498Dejan. Бидејќи и тој немал шема, самиот ја нацртал со помош на плочката – таа шема ви ја испраќам, а неа ја има и на наведениот сајт. Инаку, во шемата необележаната диода D3 е од типот SF1600TFK.
Ги прочитав и ги следев неговите упатства, но испадна дека во мојот случај уште една диода е прегорена, а не само едната како кај него. Ги променив двете диоди и, напојувањето проработе, ама почна да чади диодата D6. Затоа ги сменив и FET-транзисторот и интегрираното коло, но пак истото се случуваше. Ми остана уште транзисторот ZTX, кого не можам да го најдам во продавниците.
Што ми препорачувате вие и дали може да се направи надворешно напојување со класичен трансформатор?
Дејан (deki21) преку e-mail
Тоа што не успевате да го поправите уредот, во прв ред се должи на фактот што вие постојано се обидувате да ги отстраните последиците, а не причинителите на прегорувањето! Наиме, полуспроводниците – транзисторите, диодите или интегрираните кола речиси во никој случај не се причинители на прегорувањето. Просто, кога ќе доведеме некој полуспроводник во одреден работен режим, тој ќе продолжи да работи сè додека не се сменат почетно зададените параметри. Дури и прегорувањето на транзистор поради преоптоварување е само последица, вистинската причина за тоа е неговото преоптоварување!
Значи, залудно се обидувате да ги замените прегорените полуспроводници, тие не се причината за прегорувањето. Сè додека не ја најдете вистинската причина, вие по фамозната метода на безуспешни обиди, ќе прегорувате сè повеќе и повеќе полуспроводници во колото, сè додека не дојдете до констатацијата: "Ова веќе не се поправа!"
Каде да ја барате причината?
Некој пресметал дека кај импулсните претворувачи, околу 70% од дефектите се причинети од промена на параметрите на кондензаторите и, грубо, останатите 30% од дефектите се должат на неисправна работа на колото кое е напојувано со дотичниот претворувач. Само 1 дефект од 2500 се должи на состојби врзани со промена на параметрите на испорачаната ел. енегија. Исто така, пресметано е дека само во 76 ppm (parts per million – 76 случаи од милион = 0,0076%), дефектот е предизвикан од слабиот квалитет на уредот.
Затоа, решението на вашиот проблем прво побарајте го таму каде што има најголема веројатност да се случи: Во прв ред тоа е промена (деградација) на параметрите на еден или повеќе кондензатори во самиот импулсен претворувач и кондензаторите за филтрирање на напонот во колата напојувани од претворувачот. Нема да биде доволно да измерите капацитивност на кондензаторите туку ќе треба да им измерите и ЕСР (еквивалентна сериска отпорност) – тема која е обработувана на повеќе наврати во Емитер (броевите 2/2000, 6/2004, 10/2012 и 11/2012).
Без разлика дали со овие мерења ќе се уверите дека причината е или не е во самиот претворувач, заменете ги неисправните елементи и испробајте го истиот "на суво" – со исклучување на колата напојувани од претворувачот и со приклучување соодветен отпорник наместо нив. Прво, отпорникот нема биде со таква вредност што да предизвика мала потрошувачка, а потоа постепено да се намалува за да се добие потребната номинална потрошувачка. Само понекогаш, поради лошиот квалитет на заменетите компоненти или поради несоодветно нагодување таму каде што го има, уредот не ќе може да ја даде максималната струја, а да не се прегрева или дури да предизвикува прегорување на нововградените елементи.
Само кога ќе се уверите во исправната работа на претворувачот, тогаш ќе можете да одите понатаму. Не брзајте со вклучување на "вистинските" потрошувачи, односно колата напојувани од претворувачот, и нив ќе треба да ги проверите!
Општо земено, сервисирањето уреди не е нешто што може да се направи преку форуми или интерет воопшто. Верувајте, да можев воопшто да поправам електронски уреди на далечина, преку некое средство за комуникација како посредник, најверојатно ќе бев најбогатиот човек на земјата! Сервисирањето електронски уреди е еден од најсложените занаети воопшто и бара не само широко практично познавање на работите туку пред сè голема теоретска подготвеност. Тоа е една од причините зошто најновите електронски уреди сè помалку се предвидени за сервисирање, а сè повеќе се наменети за "еднократна употреба".
На крај, се разбира дека можете да изработите некое класично решение со мрежен трансформатор, но имајте предвид дека тоа ќе биде поскапо, потешко и со поголем габарит. Затоа, проверете дали е поевтино да купите ново оригинално напојување за тој миксер.
Емилијан Иљоски