Здраво почитувана редакцијо,
Ви пишувам во врска со 150W-ниот транзисторски аудиозасилувач со комплементарен Дарлингтон транзисторски пар TIP142 и TIP147, проект објавен во Емитер 10/2005.
Проблемот со мојот засилувач е во тоа што на својот излез дава 45Vdc. Мислам дека проблемот е во транзисторот T3 (TIP41) кој не можев да го најдам, па наместо него ја вградив неговата замена BD243C. Сакам да прашам дали проблемот е до него или да го барам проблемот на друго место? Ако случајно знаете во што може да биде проблемот, ве молам да ми помогнете.
Однапред благодарам и поздрав.
Иван Илиев, преку е-пошта
Бидејќи се работи за релативно едноставен аудиозасилувач, затоа и проблемот може да се реши многу брзо. Вие не наведувате дали напонот на излез има позитивен или од негативен предзнак, но како и да е, на излезот од вашиот засилувач се јавува напонот од позитивната или негативната гранка од напојувањето. За вакво нешто не може да биде одговорна употребената замена за T3 бидејќи BD243C е соодветна замена за TIP41. Причината за појавата на напонот за напојување на излезниот приклучок може да биде банална, од краток спој на плочката до погрешна монтажа или неисправност на некоја компонента, особено на некој од транзисторите. Тука посебно би ги посочил транзисторите во диферанцијалниот засилувач (степен) кој од повеќето функции кои ги извршува има и задача излезниот DC-offset напон на излезот да го држи на нула.
Во секој случај, прво проучете го добро принципот на работа на засилувачот, како и текстот во рамката "Информации и упатства за електроничарите". Потоа внимателно проверете дали на плочката има некој краток спој, прекин или погрешно поставена компонента, како и дали транзисторите T3, T4 и T5 се прописно изолирани од ладилникот на кој се монтирани. Ако вака не ја најдете грешката, тогаш проверете ја исправноста на транзисторите, а бидејќи транзисторите T1 и T2 (BC556) не чинат многу пари, можете и веднаш да ги замените со нови. Ако и понатаму засилувачот се однесува исто, проверете го напонот на Зенер диодата ZD1 кон маса – тој треба да биде околу 12V, па ако не е, заменете ја со нова. Исто така, проверете ги тримерот P1 и другите отпорници дали се со препорачаните вредности. По овие проверки и поправки, сигурно засилувачот ќе проработи, па ќе треба само да извршите нагодување на DC-offset напонот на излез на засилувачот, како што е наведено во проектот.
За крај, моја препорака: наместо трите диоди D1, D2 и D3 ставете само две поврзани во серија, отпорникот R7 заменете го со вредност од 27kΩ, а отпорникот R6 со 1kΩ.
Славко Стојковски
Здраво,
Сакам да го направам универзалниот тајмер (од ЕМИТЕР бр. 7-8/05 стр.86-89). Во списанието видов пример за пресметка за време од 10 секунди. Јас сакам тајмерот да ми работи за време од 1 час и пресметав дека 1час=3600 s, значи T=3600 s, f=0,00027Hz, што дава fosc=18,2 Hz (со делител 65536). Но во текстот пишува дека fosc треба да е поголемо од 1 kHz, а помало од 100 kHz. Дали овој тајмер има можност да работи со време од 1 час, или 3600 секунди, и како?
Благодарам однапред,
Мартин од Битола
Пресметката е точна, но проблем е што fosc=18,2 Hz, што е многу помалку од 1 kHz. Според упатството во текстот, fosc треба да биде поголемо од 1kHz. Овој услов не е исполнет, па затоа тајмерот нема да работи добро. Доколку сакате да добиете промена на излезот по 1h треба да додадете дополнителен делител со фактор Ndop. Тогаш пресметката ќе биде:
fosc=(2N•2Ndop)/T = (65536*64)/3600 = 1165,1 Hz
Сепак, и да ја направите оваа корекција, тајмерот нема да работи добро затоа што е многу тешко да ја нагодите фреквенцијата да биде точно 1165,1Hz и не постои начин да биде стабилна во текот на мерениот период кој е многу долг за употреба на RC-осцилатор. Оваа нестабилност не е толку проблематична, кога се мерат мали времиња како наведените во проектот, затоа што отстапување од 20% значи разлика од 2 секунди, но 20% од еден час е веќе голема разлика. Затоа, ако сакате да мерите долги времиња, тогаш ќе ви треба кварцен осцилатор кој има поголема стабилност. Доколку Ви треба голема стабилност, тогаш треба да набавите температурно стабилизиран кварцен кристал.
Благој Ќупев
Времето кое Ви е потребно можат да го постигнат тајмерите за кои имавме објавено проекти во броевите 3/2000 и 9/2008. Погледнете ги и тие проекти, па одлучете кој од нив Ви одговара повеќе.
Слободан Таневски
Почитуван ЕМИТЕР,
Не можам да си објаснам како луѓето можат да им веруваат на глупави и лажни научни "факти". Не можам ни да си објаснам како можат да шират лажни научни "факти".
За пример да го земеме г. Стојмир Симјаноски. Толку многу се револтирам кога ги читам неговите тврдења во рубриката "На граница на науката", што не можам да не се прашам самиот себеси некои прашања. Го истрпив кога кажуваше смешни работи во серијалот за НЛО, но сега пак почна да изнесува смешни работи во серијалот "Апокалипса 2012". Натчовечки способности на Маите, чуда невидени кај Маите, генетски модифицирани, Маите сите биле исти... ГЛУПОСТИ. Дали е свесен што кажува и што изнесува како информација? Дали е свесен какви глупости изнесува? Тука е господин Владимир Филевски да го освести, да, но што ако господин Симјаноски му ја наполни главата со глупости на некој човек кога во близина нема да биде господин Филевски за да го освести слушателот?
Кога бев мал го гледав господинот Симјаноски на МТВ1 како кажува за средби со НЛО над тлото на Македонија. Го слушав со подзината уста и ме натера да поверувам дека навистина вонземјани иделе на Земјата и им се рушеле чиниите на Земјата. Сега кога пораснав, кога дипломирав и кога сфатив дека нема такви глупости како што тврдеше господинот, сфатив дека залудно сум си го потрошил времето во собирање информации за НЛО и сфатив дека тоа е една лага. Затоа, му препорачувам на господинот Симјаноски да не си го губи времето барајќи информации за лаги и измислици.
Што се однесува за НЛО, мојот став е дека некаде таму, многу многу далеку од нас можеби живее некој, некаква форма на живот, но сум апсолутно, АПСОЛУТНО сигурен дека ниту една летечка чинија се нема довлечкано на Земјата, за на крај да се сруши или да киднапира крави за да ги испитува. Пресигурен сум дека никакви вонземјани не се срушиле на Земјата, дека никакви одблесоци навечер или светкања не претставуваат НЛО. Светот ќе биде подобро место кога и господинот Симјаноски и останатите како него ќе се уверат дека нема ниту паднато ниту слетано НЛО на Земјата. Не може г. Симјаноски да прашува сенилни дедовци и баби во некое село, па тие да кажуват дека виделе НЛО и овој потоа цел озарен да верува дека имало НЛО. И го молам господинот Симјаноски да прекине да изнесува "факти" кои ги читал во некои "леви" книги пишувани од силно надувани квазинаучници-писатели.
За Тото, кој не се осмелувам да го наречам господин! Дали не гледа дека за науката не постои HHO, перпетуум мобиле, дали гледа дека математиката, физиката и хемијата не дозволуваат HHO-генератор? Очигледно е дека Тото е ангажиран во бизнис со HHO, па си ги штити бизнисот и сопствената лага. Само, сè додека има наивен народ, ќе се најде некој како Тото кој ќе стриже овци и ќе го лаже народот. Мојот став е дека HHO е тешка лага, а господата како Тото кои шират лаги за да заработат – треба да се казнат.
Сè додека луѓето гледаат дебилни серии кои во моментов одат на некои наши телевизии и не гледаат проверени и квалитетни документарни емисии и не читаат списанијакако ЕМИТЕР, личности како Тото и господин Симјаноски ќе можат да го лажат народот.
Искрен поздрав до редакцијата на Емитер.
Дарко Петрески, преку e-mail
Почитуван г. Петрески, Ви благодариме што ги споделивте Вашите размислувања со нас и нашите читатели. Потполно се сложуваме со Вашите критики за HHO-генераторот и неговите поддржувачи. Ви благодариме за поддршката која ни ја давате, во нашите напори научно да ги собориме заблудите во врска со HHO-генераторите. Нашите предвидувања дека ќе има бурни реакции на нашиот текст за HHO-генераторите, се остварија – на општо задоволство на сите читатели, веруваме.
Од друга страна, рубриката "На граница на науката" и дебатите во тие фељтони меѓу мене и г. Симјаноски постојат токму заради разјаснување на некои појави кои се обвиткани (заслужено или не) со превезот на мистеријата. Господинот Симјаноски располага со неверојатно многу податоци и широки познавања за сите можни појави кои се окарактеризирани како мистерии и не го поканивме случајно да учествува во фељтоните "На граница на науката". Можам да кажам дека ми е чест г. Симјаноски да ми биде опонент во овие дебати.
Веруваме дека податоците изнесени и од страна на г. Симјаноски и од моја страна им се помалку познати (или непознати) на поголемиот број читатели, па се надеваме дека нашите дебати се многу интересни и за стручната, но и за пошироката публика. Разликите во моите ставови и ставовите на г. Симјановски се всушност "зачинот" кој ги прави нашите дебати подинамични и поатрактивни, а сведоци сме дека тие наши дебати продолжуваат и подоцна, не само во круговите на нашите читатели, туку и многу пошироко во нивното друштво. Тоа ни укажува дека концептот на нашите фељтони е исправен, а доказ за тоа е и Вашето писмо. Ви се заблагодаруваме уште еднаш и се надеваме дека во ЕМИТЕР и понатаму ќе наоѓате теми за кои вреди да се има "борба" на мислења.
Владимир Филевски
Здраво Емитер.
Имам голем проблем со професионалните MOSFET-и BTS442E2 и VN02AN. Не можам да ги најдам никаде. Ве молам за некој совет во врска со нивна набавка или замена.
Списанието во областа на електрониката ви е закон. Во идно време ако може нешто повеќе да напишете и за агрегати и инвертори.
Однапред благодарам,
Ване Ичков – Богданци.
BTS442E2 и VN02AN спаѓаат во постари генерации MOSFET транзистори за професионална употреба и немаат соодветна замена. Истите не само што нема да можете да ги набавите во Скопје (освен кај приватни лица), туку истите нема да можете да ги набавите во најеминентните продавници за електронски компоненти (NEDIS и DIGI-KEY ги немаат на лагер).
Но, овластениот сервис на уредот е должен да ги поседува истите во сервисниот рок на уредот (сервисен рок на комерцијални уреди = 1 година гаранција + 7 години сервис, а за професионални уреди = 3 години гаранција + 7 - 10 години сервис). Значи, ако уредот е постар од 8 до 13 години тешко и таму да ги најдете компонентите. Производителите претпочитаат да ги фрлат во отпад резервните делови за нивните уреди кои се со изминат сервисниот рок наместо да ги отстапат на корисниците. Причината за тоа сосема е јасна!
Ако нема овластен сервис за уредот во Македонија, ви препорачувам да се обратите директно до производителот, заобиколувајќи ги овластените сервиси во соседните држави кои, патем речено, не се ништо подобри од очајните во Македонија (со секоја чест на одделни исклучоци од ова правило).
Емилијан Иљоски