Поздрав до редакцијата
Како долгогодишен ваш верен читател за првпат би поставил едно прашање. Прашањето е: на кој начин би можел да го вклучам домашниот комјутер од далечина користејќи го телефонот (мобилен), или пак на некој друг начин?
Однапред Ви благодарам на одговорот.
Младен, Битола
Претпоставувам дека сакате да го вклучите својот компјутер од многу голема далечина, користејќи телефонски повик од Вашиот мобилен телефон, па, според тоа, на прв поглед постојат две варијанти:
1. Доколку имате активна фиксна линија, полесно е да ја искористите неа, но за таа намена ќе треба да се направи соодветно електронско коло со некој микроконтролер, кој би го примил телефонскиот повик и согласно со тоа би активирал некој релеј (со времетраење од неколку милисекунди) чии контакти треба да бидат поврзани директно на тастерот за вклучување на куќиштето од компјутерот. Проект за таков уред, но решен без употреба на микроконтролер, имавме објавено во ЕМИТЕР 1 и 2 од 2002 г.
2. Втората опција е да се изработи коло со GSM-модем, кое ќе одговара на телефонски повик кон соодветниот број, или пак да одговара на соодветна SMS-порака која може да содржи предефинирани команди што подоцна може да се извршуваат на микроконтролерот. Ова е мошне покомплексно и поскапо решение, но сепак е мобилно и може да се користи за најразлични намени.
Слични вакви уреди, за индустриска намена и со многу повеќе опции, можат да се најдат во Логинг електроникс по цена од околу 600 евра со ДДВ. Сепак, одамна ми стои идејата за ваков проект, па се надевам дека ќе најдам доволно време за негова реализација и да се најде на страниците на Емитер. Тоа решение би било доста поевтино од она индустриското, но сепак зборуваме за сума од околу 100-150 евра. Само да напоменам дека, доколку наместо GSM-модем се искористи некој стар мобилен телефон, решението би било многу поевтино.
Перица Јакимов
Има неколку начини да се постигне тоа:
1. Секоја понова матична плоча има вградена опција WOL (wake on lan), односно со праќање соодветни пакети на соодветна MAC-адреса може да се вклучи одбраниот компјутер во локална мрежа. Но за ова да функционира преку интернет, односно на далечина, потребно е да имате Linksys WRT54GL рутер флешуван со DDWRT firmware, а потоа да се регистрирате на www.no-ip.com за да имате пристап до Вашиот рутер и покрај тоа што вашиот интернет-провајдер Ви доделува динамичка (променлива) IP-адреса.
2. Доколку имате фиксна телефонска линија, можете да го искористите проектот за DTMF-декодер објавен во бројот 1/2000 - овој декодер, со додавање на малку интелигенција (логички кола или многу поедноставно PIC-микроконтролер), може да изврши едноставна задача како вклучување на релеј и вклучување на вашиот компјутер.
3. Стар мобилен телефон Ериксон кој употребува сериски пренос на податоци на својот DATA-конектор, во комбинација со соодветно испрограмиран микроконтролер.
4. Нов мобилен телефон кој има опција за избор на RING-тонови - за сите останати повици одбираме RING-тон без звук, а за бројот од кој ќе се врши вклучување – RING-тон со константна фреквенција, на пример 1KHz. Потоа, со помош на LM567 правиме тон-декодер кој реагира на фреквенција од 1KHz, па секој пат кога мобилниот ќе биде повикан од бројот за активација LM567 преку употребениот микрофон ќе детектира сигнал од 1KHz и ќе го вклучи релејот, а со тоа и компјутерот.
5. Готови уреди (нарачани од интернет или купени во локална продавница) за автоматизација на уреди преку фиксна телефонска линија или СМС-контрола.
Денис Галовски
Здраво Емитер,
Сакам да Ве прашам нешто. Ми треба лаптоп и размислувам да го купам моделот ThinkPad Edge E520 од Lenovo. Компјутерот е со Intel Core i3 2310M, 2GB DDR3, 500 GB 7200RPM HDD, Intel on-board графичка картичка, матиран дисплеј 720p. Имам некои прашања околу купувањето на овој лаптоп.
Од тоа што сум читал, знам дека Lenovo ThinkPad се доверлива и квалитетна марка лаптопи. Или не? Само не знам дали фирмата (Нико компјутери) којашто го продава е квалитетна фирма на нашиот пазар. Да не се некои измамници па да менуваат RAM-ови од лаптопите, да ни ветуваат "брда-и-долини" па потоа кога ќе имам потреба од сервис кај нив да ги нема или да ме "шетаат по тавани". Што велите Вие?
Следно што не ми е баш јасно е тоа што лаптопот има само 2 гигабајти RAM. Не ли е малку тоа? Сите лаптопи што ги гледав имаа по 4 гигабајти RAM.
Друго што ми остана нејасно по гуглањето е дали Intel Core i3 2310M е 32-битен или 64-битен? Ако процесорот е 32-битен, тогаш е оправдана меморијата од 2 GB. Ако е 64-битен, тогаш што бара 2 GB RAM во компјутерот? Ако е 32-битен процесорот, дали ќе можам да си инсталирам Windows XP на тој лаптоп или ќе морам да одам на инсталација на 32-битен Windows 7? Летово инсталирав кај еден внук XP на десктоп-компјутер со Core i5 и 4 GB RAM и не му работеше XP-то сјајно, па го однесе во "Анхоч" и тие му инсталираа Windows 7 и потоа беше ОК. Ако Intel Core i3 2310M е 64-битен, тогаш ќе мора да инсталирам 64-битен Windows 7 или ќе може и 32-битен? Ако инсталирам 64-битен Windows 7 на лаптопот, дали ќе можам да инсталирам 32-битни програми кои ми требаат за работа или ќе морам да инсталирам исклучиво 64-битни верзии на програмите?
Гуглав на интернет и како да сфатив дека Core i3 има поддршка и за 32 и за 64-битни оперативни системи, ама не сум баш сигурен. Дали двојадрен процесор значи и 64-битен процесор или може да биде и 32-битен? Се извинувам за толку многу прашања.
Уште едно. Дали за да ја заштедам батеријата може додека работам близу до некој монофазен штекер таа да биде извадена од лаптоп (тргната настрана и оставена наполнета) и компјутерот да се напојува само преку адаптер? Кога ќе одам каде што нема напојување ќе ја користам батеријата.
Лаптопот е на излог и е последен. Дали е паметно да го земам таков од излог, префаќан од сите купувачи, притискан на тастаура, земан и преместуван кога ќе посака да го види некој купувач?
Ви благодарам за времето,
Зоран Јанкулоски
Сите модерни процесори имаат поддршка и за 32-битни и за 64-битни оперативни системи. Ограничувачки фактор е количеството на RAM-меморија. За V инсталација на 64-битен ОС и за негова нормална/непречена работа, МИНИМУМ потребно количество RAM е 2GB (1 GB за 32 бит). Е сега, зошто има само 2GB? Искрено, нема некое конкретно објаснение, ниту особена причина за тоа. Веројатно за да биде пониска цената во старт. Претпоставка - не сака секој 64-битен ОС, а и просечно искусен/упатен корисник нема ни да ја забележи разликата меѓу 32 и 64-битен ОС. Секако, постои можност за доплата за уште 2 GB (отприлика 20-25 евра). Е сега, 4 GB RAM не играат улога ако се користи 32-битен ОС. Причина – 32-битните ОС не "гледаат" (т.е. не користат) повеќе од 3.25 GB.
Што се однесува до "модел од излог"... тоа е работа на лично убедување, кој како гледа на тоа. Имаш целосна гаранција и на тој примерок, исто како и на примерокот кој стоел во кутија во магацин.
За сервисот... сметај дека сервисните услуги се во доменот на замена на евентуално дефектна компонента, кои, како по непишано правило, РЕЕЕТКО ги има на залиха, па се чека цела мала вечност додека стигне заменската компонента (фамозните 45 денови :) ). А што се однесува до квалитетот на сервисот, т.е. на ажурноста, не можеме да дадеме поединечна оценка. Секогаш имало и ќе има и задоволни и незадоволни. Моето лично искуство се однесува само во поглед на признавањето на гаранцијата, од што сум генерално задоволен. Сервисерските услуги и онака самиот си ги извршувам.
А што се однесува до верзиите на програмите, 64-битните ОС поддржуваат подеднакво и 32 и 64-битните апликации. 32-битните само 32-битни. Секако, можно е и некоја постара апликација да не функционира на Win 7, но тоа се, главно, помали, споредни да ги наречеме така. Како и да е, за секоја апликација е навадено за кој ОС е напишана.
Уште нешто:
Во самата фактура МОРА да стои каква конфигурација се продава – значи, модел на лаптоп, модел на процесор, модел на меморија (тип, брзина, капацитет и колку мемориски модули се вградени), потоа тип на екран, оптички уред, тип на батерија. Тоа не би требало да биде никаков проблем да се наведе. Исто така, добиваш гарантен лист, во кој (зависно од производителот) се наведуваат и компонентите според серискиот број. Побарај, доколку е можно (малку и инсистирај на тоа!), да ти отпечатат нешто такво, доколку не е наведено во гаранцијата.
Сите актуелни процесори се двојадрени, тријадрени и четиријадрени, а наскоро ќе се појават и повеќејадрени. Но, да бидеме искрени, и двојадрен процесор врши добра работа. Јас, онака за своја душа, си 'рчкам и 3D Studio MAX, 64-битна верзија, со двојадрен Core 2 Duo, модел на процесор стар година и пол до две, со 4 GB RAM и Windows 7, 64-битен, и тера БЕЗ ПРОБЛЕМ.
Поздрав,
Зоран Ивановски
Здраво!
Имам засилувач марка BOTS со моќност 16W по канал и имам ставено звучници Lucky star со максимална моќност од 60W-70W. Моето прашање е: зошто засилувачот на два-три месеци морам да го поправам, дали тој не е квалитетен или има некоја друга причина?
Ви благодарам!
Ѓорѓи Сидеров
Вие самите одговоривте на своето прашање, а веројатно исто така Ви е позната народната мудрост: "Колку пари - толку музика". Квалитетните хај-фај засилувачи чинат најмалку 200 евра и со нив, освен супериорниот квалитет на звукот, добивате и повеќегодишен мирен сон (во однос на поправките). Во Вашиот случај еден од можните проблеми е ако звучниците се со импеданса од 4 оми, а засилувачот не може да работи со толку ниска импеданса. Друга можна причина за честите расипувања на засилувачот е неговата мала моќност, а Вие, најверојатно, сакате малку погласна музика и го терате засилувачот да работи над неговите можности.
Решението на Вашиот проблем е едноставно: подарете ги Вашите звучници и засилувачот, па купете ВИСТИНСКИ засилувач и вистински звучници или, направете помоќен засилувач, според некој проект од ЕМИТЕР.
Владимир Филевски
Тоа што постојано треба да го поправате Вашиот засилувач сосема зависи од сервисерот кој Ви ја врши поправката. Имено, ако истиот го дијагностицира дефектот и ако квалитетно си ја изврши услугата, уредот веќе нема да се расипува, барем не од истата причина. Обратно, ако истиот ја изврши работата толку колку да ја задоволи максимата: "Држ’те воду док мајстори не оду" и не ја открие вистинската причина, тогаш засилувачот одново и одново ќе се расипува.
Второ и најбитно: квалитетните мајстори даваат гаранција за извршената услуга и тоа во времетраење од најмалку 3 месеци, токму за да елиминираат ситуации како Вашата! Значи, проблемот барајте го во квалитетот на Вашиот мајстор, а не во квалитетот на Вашиот уред, иако фирмата BOTS не спаѓа во оние на кои може да им се припише некој особен квалитет!
Емилијан Иљоски
Здраво Емитер,
Сакам да Ве прашам нешто. Дипломирав на ЕТФ (ФЕИТ) на неинформатичка насока. Додека студирав, програмирањето добро ми одеше, програмерските предмети ги положив со високи оценки. Гледам дека за мојата струка во МКД нема многу големи шанси за вработување, па затоа сакам да работам со програмирање бидејќи мислам дека во МКД може да се заработува од програмирање. Имам многу колеги кои имаат убави плати и работат како програмери во Скопје. Сакам да прашам дали можам во домашни услови да учам програмирање и да станам добар програмер, за потоа да конкурирам за работа? На факултет учевме структурирано и објектно ориентирано програмирање, т.е. C и C++. Сакам да седнам да ги повторам тие предмети и потоа да седнам да учам PHP, SQL, Java, за да можам да конкурирам за работа со задоволително ниво на познавање на програмерски јазици, па потоа низ работата ќе се усовршувам. Дали тоа е изводливо или, пак, во програмерската пракса треба да се знаат информатичките предмети кои се учат на ЕТФ (ФЕИТ) за да може човек да работи како програмер?
Поздрав,
Продолжете со одржување на убавото ни списание.
Дарко Петрески
Најголем дел од "информатичките" предмети и насоки на ФЕИТ/ЕТФ ги воведоа во 2004 година кога беше направено преструктурирањето на студиските програми. Јас познавам многу колеги кои учеа по старата програма, а денес се одлични програмери, т.е. софтверски инжењери. Ако добро ви оделе СП и ООП, значи ви "работи кликерот" и имате добра основа за кариера како програмер.
Нормално, ве очекува многу работа за добивање на рутината која ја имаат колегите кои студирале на ИКИ или ИНФО бидејќи истите имаат изработено по неколку проекти во текот на студиите. Покрај учењето од дома, јас би препорачал да побарате студентска пракса во некоја ИТ-компанија. Така најдобро би виделе што е тоа што го бараат работодавците и во кој правец да го насочите учењето.
Костадин Солаков
Воопшто нема потреба од други предмети, доколку мене ме прашате.
Програмските јазици, како и софтверските алатки, се сосема независни од на пр. Безбедност на мрежи, Архитектура на компјутерски мрежи и сл. Зависни се тогаш кога ќе сакате, на пример, да напишете програма и во таа програма да обработувате податоци од некое ниво на хиерархија во некој протокол. Како, на пример, TCP/IP. Но, како и да е, податоците, односно протоколите и стандардите што би требало да ги опфатите со програмата ви се на располагање на интернет и сл.
Заради тоа, учете програмирање. Би Ви препорачал следно да работите: Delphi, Java, Cè, SQL. Имате печатени книги и PDF книги на интернет во електронска форма, имате списанија и специјализирани курсеви. Почнете со основите, еден по еден јазик.
И НАЈВАЖНО: имајте трпение !!! Немојте да талкате сега ваму, па после таму. Ако почнете со Java, одете до крај, потоа преориентирајте се на друг програмски јазик.
Добре Блажевски
За програмирањето, препорачувам да учите C/C++ зошто таков тип на програмери недостигаат и земаат поголеми плати од другите. Не морате да имате завршено компјутерски насоки за да бидете добар програмер. Кога ќе научите C/C++ и, ако работите на embedded системи, јавете ми се во Seavus за работа.
Благој Ќупев
Програмскиот јазик, како и обичниот јазик, е средство за разбирање. Некој може да пишува поезија на јазикот што го знае, а некој не може ни формулар да пополни. Значи, сè зависи од тоа какви апликации ќе работите. Јазикот C нема обемна граматика и е јазик на ниско ниво. Значи, ќе морате да користите готови библиотеки кои се однесуваат на решавање на некоја проблематика. C++ е јазик кој со својата семантика го поддржува концептот на објектно програмирање. Многу е посложен, но програмите се поорганизирани и почитливи. Но, како и да е, "чистите" компајлери не ги решаваат проблемите, но нивното познавање е основен предуслов за успех. Кога се програмира најважно е да мислите на апликацијата, а не на тоа како се правеше ова или она... на конкретниот јазик. Сакам да кажам, не е битен толку програмскиот јазик колку што е битно познавањето на начините и постапките на решавањето на проблемите. Во таа смисла, секако дека е потребно познавање на предметите од информатичката насока на ЕТФ. Еве ви еден личен пример. Уште од времето на Windows 3.1 налетав на една C-библиотека за работа со бази на податоци (инаку, јас сум електроничар). Јас требаше од библиотеката да дознаам што е тоа база, што е тоа индекс на база, запис... и уште некои работи кои за мене беа сосема нови. Од друга страна, на информатичката насока имаше посебен предмет "Бази на податоци", каде што тие поими и што уште не, се изучуваат систематски и темелно. Значи, јас секогаш би бил аматер во поглед на правењето програми што ја обработуваат таа проблематика... Ова, секако, не значи дека не можете да направите добри програми, но од областа која ја познавате добро. Значи, не е работата дали знаеш да зборуваш (познаваш програмски јазик) туку за што зборуваш (познавањето на проблематиката).
Кирил Крстевски