Здраво Емитер,
Сакам да Ве прашам нешто. Дипломирав на ЕТФ (ФЕИТ) на неинформатичка насока. Додека студирав, програмирањето добро ми одеше, програмерските предмети ги положив со високи оценки. Гледам дека за мојата струка во МКД нема многу големи шанси за вработување, па затоа сакам да работам со програмирање бидејќи мислам дека во МКД може да се заработува од програмирање. Имам многу колеги кои имаат убави плати и работат како програмери во Скопје. Сакам да прашам дали можам во домашни услови да учам програмирање и да станам добар програмер, за потоа да конкурирам за работа? На факултет учевме структурирано и објектно ориентирано програмирање, т.е. C и C++. Сакам да седнам да ги повторам тие предмети и потоа да седнам да учам PHP, SQL, Java, за да можам да конкурирам за работа со задоволително ниво на познавање на програмерски јазици, па потоа низ работата ќе се усовршувам. Дали тоа е изводливо или, пак, во програмерската пракса треба да се знаат информатичките предмети кои се учат на ЕТФ (ФЕИТ) за да може човек да работи како програмер?
Поздрав,
Продолжете со одржување на убавото ни списание.
Дарко Петрески
Најголем дел од "информатичките" предмети и насоки на ФЕИТ/ЕТФ ги воведоа во 2004 година кога беше направено преструктурирањето на студиските програми. Јас познавам многу колеги кои учеа по старата програма, а денес се одлични програмери, т.е. софтверски инжењери. Ако добро ви оделе СП и ООП, значи ви "работи кликерот" и имате добра основа за кариера како програмер.
Нормално, ве очекува многу работа за добивање на рутината која ја имаат колегите кои студирале на ИКИ или ИНФО бидејќи истите имаат изработено по неколку проекти во текот на студиите. Покрај учењето од дома, јас би препорачал да побарате студентска пракса во некоја ИТ-компанија. Така најдобро би виделе што е тоа што го бараат работодавците и во кој правец да го насочите учењето.
Костадин Солаков
Воопшто нема потреба од други предмети, доколку мене ме прашате.
Програмските јазици, како и софтверските алатки, се сосема независни од на пр. Безбедност на мрежи, Архитектура на компјутерски мрежи и сл. Зависни се тогаш кога ќе сакате, на пример, да напишете програма и во таа програма да обработувате податоци од некое ниво на хиерархија во некој протокол. Како, на пример, TCP/IP. Но, како и да е, податоците, односно протоколите и стандардите што би требало да ги опфатите со програмата ви се на располагање на интернет и сл.
Заради тоа, учете програмирање. Би Ви препорачал следно да работите: Delphi, Java, Cè, SQL. Имате печатени книги и PDF книги на интернет во електронска форма, имате списанија и специјализирани курсеви. Почнете со основите, еден по еден јазик.
И НАЈВАЖНО: имајте трпение !!! Немојте да талкате сега ваму, па после таму. Ако почнете со Java, одете до крај, потоа преориентирајте се на друг програмски јазик.
Добре Блажевски
За програмирањето, препорачувам да учите C/C++ зошто таков тип на програмери недостигаат и земаат поголеми плати од другите. Не морате да имате завршено компјутерски насоки за да бидете добар програмер. Кога ќе научите C/C++ и, ако работите на embedded системи, јавете ми се во Seavus за работа.
Благој Ќупев
Програмскиот јазик, како и обичниот јазик, е средство за разбирање. Некој може да пишува поезија на јазикот што го знае, а некој не може ни формулар да пополни. Значи, сè зависи од тоа какви апликации ќе работите. Јазикот C нема обемна граматика и е јазик на ниско ниво. Значи, ќе морате да користите готови библиотеки кои се однесуваат на решавање на некоја проблематика. C++ е јазик кој со својата семантика го поддржува концептот на објектно програмирање. Многу е посложен, но програмите се поорганизирани и почитливи. Но, како и да е, "чистите" компајлери не ги решаваат проблемите, но нивното познавање е основен предуслов за успех. Кога се програмира најважно е да мислите на апликацијата, а не на тоа како се правеше ова или она... на конкретниот јазик. Сакам да кажам, не е битен толку програмскиот јазик колку што е битно познавањето на начините и постапките на решавањето на проблемите. Во таа смисла, секако дека е потребно познавање на предметите од информатичката насока на ЕТФ. Еве ви еден личен пример. Уште од времето на Windows 3.1 налетав на една C-библиотека за работа со бази на податоци (инаку, јас сум електроничар). Јас требаше од библиотеката да дознаам што е тоа база, што е тоа индекс на база, запис... и уште некои работи кои за мене беа сосема нови. Од друга страна, на информатичката насока имаше посебен предмет "Бази на податоци", каде што тие поими и што уште не, се изучуваат систематски и темелно. Значи, јас секогаш би бил аматер во поглед на правењето програми што ја обработуваат таа проблематика... Ова, секако, не значи дека не можете да направите добри програми, но од областа која ја познавате добро. Значи, не е работата дали знаеш да зборуваш (познаваш програмски јазик) туку за што зборуваш (познавањето на проблематиката).
Кирил Крстевски