Го прочитав одговорот на писмото за авторските права (објавен во Емитер 10/11), и ви испраќам линк од интернет страница (http://www.electronics-lab.com/projects/power/001/index.html) за еден од многуте проекти што Славко Стојковски ги има преземено од интернет. Станува збор за стабилизираниот извор од Емитер 3/05. Исто така и стабилизаторот со LM723 од бројот 1/08 го има на интернет со истата плочка, а единствена разлика е тоа што вашиот соработник има додадено отпорник и диода, другото сè е исто. Исто така и други луѓе имаат кажувано како наоѓале шеми што биле претходно објавувани на интернет.

Бојан Јаневски, преку и-меил

Одговорот сте го прочитале, но по сè изгледа не сте го разбрале. Поентата на тој одговор е дека за шеми (електронски конструкции) какви што вообичаено се објавуваат во ЕМИТЕР и во другите популарни списанија за електроника (наука и техника), веројатноста дека се под патентна заштита речиси и не постои, затоа што најчесто станува збор за шеми од каталозите (datasheets) на производителите на ИК или за шеми во кои се искомбинирани основните електронски кола или, пак, за постари шеми за кои патентните права се одамна истечени. Таков е случајот и со овие две шеми кои ги посочувате. Едно толку едноставно коло како што е сериски стабилизатор со LM723 зајакнат со моќен транзистор го има во сите учебници за електроника и се учи уште во средно електротехничко школо. Оваа шема и плочка се познати повеќе од 40 години, пред да бидат измислени интернетот и персоналниот компјутер! Производителот на LM723 уште тогаш ги објавил сите основни варијанти на употреба на нивниот интегралец заедно со нацрти за печатени плочки, а сето тоа е јавно објавено (отпечатено) и дадено на СЛОБОДНА употреба на сите заинтересирани! Логиката зад оваа навидум неверојатна великодушност е најобичен профит! Ако заинтересираните добијат разработена и испитана шема и плочка која одлично работи, тие од заинтересирани љубопитници стануваат верни купувачи на LM723! Исто постапуваат сите производители на електронски компоненти во светот - нивни експерти разработуваат цели шеми и плочки и тоа го даваат како datasheet, application note и сл. на бесплатно користење на сите. Тешко дека денес некој ќе смисли некој нов и досега невиден склоп (шема) и плочка, нешто што на тие експерти не им текнало претходно, особено кога станува збор за нешто толку едноставно како што е обичен сериски напонски стабилизатор со LM723 и моќен транзистор. Оваа шема ја има во сите книги за основна електроника, задолжително се објавува во сите списанија за електроника во светот, па така и во ЕМИТЕР. Но тоа воопшто не значи дека авторот на средношколскиот учебник по електроника (или авторот на текстот во ЕМИТЕР) направил плагијат со тоа што ја објавил шемата и плочката за сериски напонски регулатор и што објаснил како тоа функционира. Слична ситуација е и со проектот од посочената интернет страница – таа иста шема и плочка сум ги видел пред повеќе од 25 години на друго место (во некое од тогашните списанија Elektor, EPE, ELV, Радиоаматер, САМ...). Впрочем, таа шема претставува една варијанта на класичните решенија за напонска и струјна регулација со помош на операциски засилувачи, што се познати повеќе од 40 години. Претходно кажаното е доволно за да сфатите дека не станува збор за неовластено користење и повреда на нечии патентни или други права. Но, можеби Вашата реакција не е заради патентните права туку затоа што очекувате во ЕМИТЕР да има само оригинални конструкции од неговите соработници? Во тој случај Вие (и "другите луѓе" кои ги спомнувате) имате погрешна претстава за функцијата и содржините на списанијата за популаризација на науката и техниката. Главната улога на списанијата за популаризација на науката и техниката, во кои спаѓа и ЕМИТЕР, е да пренесуваат веќе познати работи на заинтересираните читатели, работи кои некој претходно ги пронашол или измислил и ги објавил некаде на друго место. Тоа не значи дека тоа е плагијат и дека тие списанија крадат сè што ќе стигнат! Дури и во Scientific American, најпознатото и најстарото светско списание за популаризација на науката, никогаш нема претставување на нови, до тогаш непознати откритија. Новите откритија прво се објавуваат во научните списанија, како што се Nature или Astrophysical Journal, а по некој месец истите тие научни трудови се претставуваат на поедноставен и популарен начин во Scientific American. Тоа не е плагијат! На истиот начин се претставува и електрониката во ЕМИТЕР, Elektor, Everyday Practical Electronics и во секое друго слично списание во светот - таму нема нови откритија, туку само преџвакани, познати работи. На пример, во ЕМИТЕР (или во Scienific American) сте прочитале вест за откритие за некоја интересна екстрасоларна планета и детално објаснување околу тоа. Зарем мислите дека авторот на тој текст мора да биде само астрономот кој ја открил таа планета, и никој друг? Всушност, тој астроном ќе го објави своето откритие во научното астрономско списание Astrophysical Journal, кое го читаат неговите стручни колеги. Но јазикот, податоците и стилот на пишување во Astrophysical Journal не се за обична публика. Тука на сцена стапуваат списанијата како ЕМИТЕР (или Scientific American) кои високостручниот текст напишан со строго научен јазик ќе го преведат, упростат и адаптираат на многу пониско ниво. Така преработената информација не е плагијат, како што мислите Вие! Како инаку ќе се пренесуваат низ светот вестите за најновите астрономски откритија, ако нема новинари и списанија кои комплицираната научна информација ќе ја пренесат поедноставено на пошироката публика? Со електрониката е слично. Еве на пример, некаде постои некаква шема на интернет, која обично доаѓа без никакви објаснувања, или евентуално само со неколку реченици на англиски јазик. Колкава е нејзината употребна вредност за обичниот македонски електроничар (посетител на интернет)? Многу мала, а уште е помала ако електроничарот не знае добро англиски. А сега разгледајте го овој пример: некој македонски ентузијаст практично ја реализирал таа иста шема, напишал текст (на македонски!) во кој детално го објаснил начинот на функционирање на шемата, нагодувањето, своите практични искуства и сето тоа го објавил во ЕМИТЕР. Колкава е сега вредноста на таа шема? Голема, се разбира! Иако ја содржи истата шема, тој напис веќе не е плагијат туку сопствен авторски труд – токму заради внесениот сопствен труд на авторот. Како Вие ќе ги окарактеризирате сопствените проекти на авторите во ЕМИТЕР, на пример проектот за картинг на нашиот соработник Томе Скендеровски? Дали тоа е плагијат, бидејќи картинзи постојат многу одамна и сите тие имаат четири тркала, мотор и волан, меѓусебно поврзани на единствениот можен начин? Или, како Вие ќе го окарактеризирате мојот проект во ЕМИТЕР "100 W филтер-засилувач за сабвуфер"? Тој содржи интегралец TDA7294 што го измислил некој друг, шемата е 90% иста како од оригиналниот datasheet (го има на интернет!), а целата шема во глобала всушност е обичен активен филтер што го пронашле R. P. Sallen и E. L. Key во 1955 година. Дали ова е плагијат? Да резимираме – во популарните научно-технички книги и списанија (вклучувајќи го и ЕМИТЕР) се објавуваат четири типа на написи, кои во општ случај не се плагијати:

1. Текстови за едукација, во кои се прикажуваат одамна познати шеми (или одамна познати работи од астрономијата, физиката, машинството...), со детални објаснувања за почетниците;

2. Сопствени авторски проекти, во кои се користат познати елементарни склопови (стабилизатор на напон, диференцијален засилувач, push-pull и сл.), но составени во една функционална целина според замисла на авторот;

3. Информации, објаснувања и коментари за најновите достигнувања и откритија од некоја научно-техничка област, кои не се откриени од авторот на текстот.

4. Информации за најнови производи и настани од науката и техниката.

Во ЕМИТЕР (и во некои ретки други популарни списанија) понекогаш навистина се објавуваат потполно нови, дотогаш невидени откритија (како во рубриката Еурека во ЕМИТЕР), но тоа не ја менува поентата на претходно кажаното.

Што се однесува до електронските конструкции кои се објавуваат во ЕМИТЕР, дел од нив влегуваат во првата категорија (кога се направени според позната, претходно објавена шема), а дел во втората категорија – сопствени авторски конструкции. Вака е во сите списанија за електроника, па дури и во светски најпознатото и најценетото списание за електроника Elektor. Секако, во Elektor има поголем процент на сопствени авторски проекти отколку во ЕМИТЕР но, сепак, во тој сегмент ЕМИТЕР не заостанува многу. А ако се земат предвид условите во кои егзистира ЕМИТЕР, како и бројот на електроничари во Македонија, тогаш со бројот на сопствени авторски проекти можеме да бидеме повеќе од задоволни.

На крај, на сите луѓе кои немаат друга попаметна работа освен да бараат "влакно во јајцето", би можеле да им препорачаме: Наместо лагодни сеирџиски обвинувања од фотелја пред компјутер, да седнат на работна маса и практично да направат некој проект, по сопствена шема или по некоја веќе позната шема, да ги нацртаат сите потребни цртежи, вклучително и дизајнот на печатената плочка и сето тоа добро да го објаснат на неколку страници текст. Со други зборови, да достават до ЕМИТЕР комплетен напис за проектот, а ние ветуваме дека ќе го објавиме и ќе им исплатиме хонорар. Ако не го направат тоа, ќе сметаме дека тие исти "сеирџии" не се способни да сработат ниту наједноставно проектче за објавување во ЕМИТЕР или се плашат дека некој друг "сеирџија" ќе ги критикува за плагијат, за лошо реализиран или лошо презентиран проект! Најпосле, ако не сакаат во ЕМИТЕР, може да го објават својот проект каде било, ама конечно нека се фатат за работа, а не само неосновано да критикуваат други.

Владимир Филевски и Слободан Таневски


Почитувани, Во минатиот број на Емитер (ноември 2011) под наслов "Макинова 2011 го допре дното" авторот на написот изјавува огромна зачуденост како може едно перпетуум-мобиле да добие Сребрена плакета на Макинова 2011, бидејќи според ноговите сознанија такво нешто не е можно. Како автор на Генераторот на слободна енергија, чувствувам за потреба да им објаснам на читателите за што се работи, па тие самите нека одлучат дали е тоа можно или не. Точно е дека генераторот треба да дава поголема енергија отколку што е вложено, но треба да се има предвид дека главниот дел на генераторот, кој е еден кружен диск, притоа ќе ја намали својата енергија/маса. Со други зборови станува збор за претворање на масата во енергија, односно од еден вид на енергија во друг. Се работи за маханички ефект, така што намалувањето на масата не значи намалување на бројот на атоми или молекули на дискот, туку целиот диск ќе има намалена енергија. Имено, според квантната теорија енергијата е пропорционална со фреквенцијата, па во таа смисла и намалувањето на фреквенцијата доведува до помала енергија односно маса на дискот. Според тоа не станува збор за нарушување на законот за запазување на енергијата, вклучувајќи ја и масата како еден вид енергија. Да напоменам и тоа дека вакво претворање на маса во енергија не е ново. При хемиските процеси доаѓа до таков феномен, а промената на масата притоа е занемарлива. Втор пример на такво претворање се нуклеарните реакции, каде уште подрастично доаѓа до промена на хемискиот состав. Генераторот на слободна енергија предложен на Макинова 2011 ја има таа предност што не доаѓа до никаква промена во хемискиот состав и постапката може да се повтори практично неограничен број пати. По стотици или илјади години може да се констатира намалување на масата на дискот или поопшто промена на неговите физички својства. Механичкиот ефект кој е искористен во овој генератор е нобјаснив со помош на нашиот упростен модел на просторот, туку е најпрво теоретски предвиден со пософистициран пристап кон поимот за простор. Потоа тој механички ефект како феномен е констатиран и експериментално (во домашни услови), а снимка од експериментот е презентирана на Макинова 2011.

Костадин Тренчевски, автор на "Генераторот на слободна енергија" на Макинова 2011

Почитуван г. Тренчевски, Мојата критика во споменатиот текст се однесува на политиката на МАКИНОВА, а не на Вас. Во мојот текст воопшто не е спомнато Вашето име, ниту називот на Вашиот уред. Што се однесува до Вашите објаснувања, тие воопшто не држат! Вашата аналогија со хемиските или нуклеарните процеси не е точна, затоа што хемискиот состав на Вашиот диск не претрпува никаква промена! Понатаму, спомнувате некаква промена на фреквенцијата, но не ми е јасно на што се однесува – материјален објект (диск) нема некаква "сопствена фреквенција", освен ако не мислите на сопствената температура на дискот, која зрачи како топлотен (инфрацрвен) електромагнетен бран со одредена фреквенција. Но промената на таа фреквенција би значела дека температурата на дискот се променила, а тоа сигурно не се случува со Вашиот диск! Вашето теоретско објаснување од кое го извлекувате принципот на работа на "Генераторот на слободна енергија" е само теорија која допрва треба да се докаже, а овде зборуваме за практични, лесно опипливи физички ефекти. Ефектот кој беше презентиран на МАКИНОВА 2011 со видеоснимка (од експериментот) многу лесно може да се објасни со други, обични и сосема прозаични причини. Освен тоа, ефектот и силата кои произлегуваат од Вашата теорија досега не се забележани во севкупната историја на машинството, а барем таму има безброј примери на кои тоа би се покажало – целото машинство, со сите свои гранки, почива на ротациони дискови кои забрзуваат и успоруваат. Можеби не сте знаеле, но во машинството детално се испитуваат дури и најмалите сили кои се појавуваат кај машините – особено оние со мегаватна моќност (!), па така запчаниците и лежиштата се анализираат под електронски микроскоп (!) и се бараат и најмалите траги на абразија која доаѓа од непредвидени сили (аксијални и радијални сили, нецентрираност, вибрации,...). Таква сила каква што Вие ја опишувате, до сега не е забележана ниту кај машини со мегаватна моќност, а според Вашата теорија таа сила би била значаен дел од таа мегаватна моќност, во текот на забрзување и успорување на дискот. Такви моќни сили би предизвикале кршење на лежишта, осовини и запчаници, а такво нешто досега не е забележано! Вашето клучно објаснување е дека енергијата што ја генерира Вашиот "Генератор на слободна енергија" доаѓа од намалувањето на масата на дискот. Неточноста на овој Ваш став ќе го докажам со следново: Ако "вишокот" на енергија доаѓа од намалувањето на масата на Вашиот диск (според формулата E=mc2), тогаш тоа намалување на масата може да произлезе само> од овие две причини: 1. Се намалил бројот на атомите (молекулите) од материјалот од дискот; 2. Бројот на атоми (молекули) од дискот останал ист, а им се намалила нивната маса. Иако не е сосема јасно кажано од Ваша страна, мислам дека и Вие сметате дека причината под број 1 не е валидна, но сепак да прецизирам: објаснувањето под број 1 не држи, затоа што тоа би значело дека некои атоми (молекули) од дискот ќе исчезнат – претворајќи се во механичка (!?) енергија! Настрана тоа што такво спонтано исчезнување атоми досега не е забележано во историјата на физиката или хемијата, проблемот е во следново: кој и како (по кое правило?) одлучува кои атоми од дискот ќе останат, а кои ќе исчезнат – претворајќи ги во енергија? Во недостаток на каков било физички закон што би го објаснил тоа, на памет ми доаѓа само еден можен одговор – Бог, по само нему сфатливо правило. Но за несреќа – јас сум атеист! Објаснувањето под број 2 е во спротивност со сите физички закони и со сите експериментални набљудувања, кои докажуваат дека масата на атомот (од одреден изотоп - елемент) е константа! На пример, масата на атомот на железо (од кој е изработен дискот) е непроменлива – не постојат различни маси на атом од железо (зборуваме за еден ист изотоп)! Ако масата на некој атом се променила, тоа би значело дека се променила масата на неговите протони или неутрони или електрони (или траекторијата на нивните орбити), а такво нешто досега не е забележано – масата на протонот или неутронот е физичка константа (при константна брзина)! На крај, да потсетам на едно мудра тактика на сите патентни заводи во светот: ако некој се обиде да патентира перпетуум-мобиле, патентниот завод бара од пронаоѓачот прво да демонстрира практично изработен, функционален прототип! Нема потреба да кажам, но сепак еве – досега во целиот свет не е доделен ниту еден патент за перпетуум-мобиле, затоа што, погодувате, никој досега не прикажал перептуум-мобиле што функционира! Но некои се досетиле, па во патентните пријави воопшто не го споменуваат зборот "перпетуум-мобиле", туку "генератор на енергија". Тоа всушност е исто, но сепак без проблеми проаѓа кај патентите заводи. Но не и кај мене – јас и понатаму барам да ми се демонстрира прототип на "генератор на (слободна) енергија", кој навистина ќе функционира и ќе заврши некоја корисна работа! На пример, да генерира доволно енергија да ми свари еден чај (кафе не пијам), или да генерира доволно енергија за автомобилот да ме однесе до Охрид (или барем до Велес). Додека не се случи тоа, јас сум во право, а Вие – не! Hic Rhodus, hic salta!

Владимир Филевски