Го прочитав одговорот на писмото за авторските права (објавен во Емитер 10/11), и ви испраќам линк од интернет страница (http://www.electronics-lab.com/projects/power/001/index.html) за еден од многуте проекти што Славко Стојковски ги има преземено од интернет. Станува збор за стабилизираниот извор од Емитер 3/05. Исто така и стабилизаторот со LM723 од бројот 1/08 го има на интернет со истата плочка, а единствена разлика е тоа што вашиот соработник има додадено отпорник и диода, другото сè е исто. Исто така и други луѓе имаат кажувано како наоѓале шеми што биле претходно објавувани на интернет.
Бојан Јаневски, преку и-меил
Одговорот сте го прочитале, но по сè изгледа не сте го разбрале. Поентата на тој одговор е дека за шеми (електронски конструкции) какви што вообичаено се објавуваат во ЕМИТЕР и во другите популарни списанија за електроника (наука и техника), веројатноста дека се под патентна заштита речиси и не постои, затоа што најчесто станува збор за шеми од каталозите (datasheets) на производителите на ИК или за шеми во кои се искомбинирани основните електронски кола или, пак, за постари шеми за кои патентните права се одамна истечени. Таков е случајот и со овие две шеми кои ги посочувате. Едно толку едноставно коло како што е сериски стабилизатор со LM723 зајакнат со моќен транзистор го има во сите учебници за електроника и се учи уште во средно електротехничко школо. Оваа шема и плочка се познати повеќе од 40 години, пред да бидат измислени интернетот и персоналниот компјутер! Производителот на LM723 уште тогаш ги објавил сите основни варијанти на употреба на нивниот интегралец заедно со нацрти за печатени плочки, а сето тоа е јавно објавено (отпечатено) и дадено на СЛОБОДНА употреба на сите заинтересирани! Логиката зад оваа навидум неверојатна великодушност е најобичен профит! Ако заинтересираните добијат разработена и испитана шема и плочка која одлично работи, тие од заинтересирани љубопитници стануваат верни купувачи на LM723! Исто постапуваат сите производители на електронски компоненти во светот - нивни експерти разработуваат цели шеми и плочки и тоа го даваат како datasheet, application note и сл. на бесплатно користење на сите. Тешко дека денес некој ќе смисли некој нов и досега невиден склоп (шема) и плочка, нешто што на тие експерти не им текнало претходно, особено кога станува збор за нешто толку едноставно како што е обичен сериски напонски стабилизатор со LM723 и моќен транзистор. Оваа шема ја има во сите книги за основна електроника, задолжително се објавува во сите списанија за електроника во светот, па така и во ЕМИТЕР. Но тоа воопшто не значи дека авторот на средношколскиот учебник по електроника (или авторот на текстот во ЕМИТЕР) направил плагијат со тоа што ја објавил шемата и плочката за сериски напонски регулатор и што објаснил како тоа функционира. Слична ситуација е и со проектот од посочената интернет страница – таа иста шема и плочка сум ги видел пред повеќе од 25 години на друго место (во некое од тогашните списанија Elektor, EPE, ELV, Радиоаматер, САМ...). Впрочем, таа шема претставува една варијанта на класичните решенија за напонска и струјна регулација со помош на операциски засилувачи, што се познати повеќе од 40 години. Претходно кажаното е доволно за да сфатите дека не станува збор за неовластено користење и повреда на нечии патентни или други права. Но, можеби Вашата реакција не е заради патентните права туку затоа што очекувате во ЕМИТЕР да има само оригинални конструкции од неговите соработници? Во тој случај Вие (и "другите луѓе" кои ги спомнувате) имате погрешна претстава за функцијата и содржините на списанијата за популаризација на науката и техниката. Главната улога на списанијата за популаризација на науката и техниката, во кои спаѓа и ЕМИТЕР, е да пренесуваат веќе познати работи на заинтересираните читатели, работи кои некој претходно ги пронашол или измислил и ги објавил некаде на друго место. Тоа не значи дека тоа е плагијат и дека тие списанија крадат сè што ќе стигнат! Дури и во Scientific American, најпознатото и најстарото светско списание за популаризација на науката, никогаш нема претставување на нови, до тогаш непознати откритија. Новите откритија прво се објавуваат во научните списанија, како што се Nature или Astrophysical Journal, а по некој месец истите тие научни трудови се претставуваат на поедноставен и популарен начин во Scientific American. Тоа не е плагијат! На истиот начин се претставува и електрониката во ЕМИТЕР, Elektor, Everyday Practical Electronics и во секое друго слично списание во светот - таму нема нови откритија, туку само преџвакани, познати работи. На пример, во ЕМИТЕР (или во Scienific American) сте прочитале вест за откритие за некоја интересна екстрасоларна планета и детално објаснување околу тоа. Зарем мислите дека авторот на тој текст мора да биде само астрономот кој ја открил таа планета, и никој друг? Всушност, тој астроном ќе го објави своето откритие во научното астрономско списание Astrophysical Journal, кое го читаат неговите стручни колеги. Но јазикот, податоците и стилот на пишување во Astrophysical Journal не се за обична публика. Тука на сцена стапуваат списанијата како ЕМИТЕР (или Scientific American) кои високостручниот текст напишан со строго научен јазик ќе го преведат, упростат и адаптираат на многу пониско ниво. Така преработената информација не е плагијат, како што мислите Вие! Како инаку ќе се пренесуваат низ светот вестите за најновите астрономски откритија, ако нема новинари и списанија кои комплицираната научна информација ќе ја пренесат поедноставено на пошироката публика? Со електрониката е слично. Еве на пример, некаде постои некаква шема на интернет, која обично доаѓа без никакви објаснувања, или евентуално само со неколку реченици на англиски јазик. Колкава е нејзината употребна вредност за обичниот македонски електроничар (посетител на интернет)? Многу мала, а уште е помала ако електроничарот не знае добро англиски. А сега разгледајте го овој пример: некој македонски ентузијаст практично ја реализирал таа иста шема, напишал текст (на македонски!) во кој детално го објаснил начинот на функционирање на шемата, нагодувањето, своите практични искуства и сето тоа го објавил во ЕМИТЕР. Колкава е сега вредноста на таа шема? Голема, се разбира! Иако ја содржи истата шема, тој напис веќе не е плагијат туку сопствен авторски труд – токму заради внесениот сопствен труд на авторот. Како Вие ќе ги окарактеризирате сопствените проекти на авторите во ЕМИТЕР, на пример проектот за картинг на нашиот соработник Томе Скендеровски? Дали тоа е плагијат, бидејќи картинзи постојат многу одамна и сите тие имаат четири тркала, мотор и волан, меѓусебно поврзани на единствениот можен начин? Или, како Вие ќе го окарактеризирате мојот проект во ЕМИТЕР "100 W филтер-засилувач за сабвуфер"? Тој содржи интегралец TDA7294 што го измислил некој друг, шемата е 90% иста како од оригиналниот datasheet (го има на интернет!), а целата шема во глобала всушност е обичен активен филтер што го пронашле R. P. Sallen и E. L. Key во 1955 година. Дали ова е плагијат? Да резимираме – во популарните научно-технички книги и списанија (вклучувајќи го и ЕМИТЕР) се објавуваат четири типа на написи, кои во општ случај не се плагијати:
1. Текстови за едукација, во кои се прикажуваат одамна познати шеми (или одамна познати работи од астрономијата, физиката, машинството...), со детални објаснувања за почетниците;
2. Сопствени авторски проекти, во кои се користат познати елементарни склопови (стабилизатор на напон, диференцијален засилувач, push-pull и сл.), но составени во една функционална целина според замисла на авторот;
3. Информации, објаснувања и коментари за најновите достигнувања и откритија од некоја научно-техничка област, кои не се откриени од авторот на текстот.
4. Информации за најнови производи и настани од науката и техниката.
Во ЕМИТЕР (и во некои ретки други популарни списанија) понекогаш навистина се објавуваат потполно нови, дотогаш невидени откритија (како во рубриката Еурека во ЕМИТЕР), но тоа не ја менува поентата на претходно кажаното.
Што се однесува до електронските конструкции кои се објавуваат во ЕМИТЕР, дел од нив влегуваат во првата категорија (кога се направени според позната, претходно објавена шема), а дел во втората категорија – сопствени авторски конструкции. Вака е во сите списанија за електроника, па дури и во светски најпознатото и најценетото списание за електроника Elektor. Секако, во Elektor има поголем процент на сопствени авторски проекти отколку во ЕМИТЕР но, сепак, во тој сегмент ЕМИТЕР не заостанува многу. А ако се земат предвид условите во кои егзистира ЕМИТЕР, како и бројот на електроничари во Македонија, тогаш со бројот на сопствени авторски проекти можеме да бидеме повеќе од задоволни.
На крај, на сите луѓе кои немаат друга попаметна работа освен да бараат "влакно во јајцето", би можеле да им препорачаме: Наместо лагодни сеирџиски обвинувања од фотелја пред компјутер, да седнат на работна маса и практично да направат некој проект, по сопствена шема или по некоја веќе позната шема, да ги нацртаат сите потребни цртежи, вклучително и дизајнот на печатената плочка и сето тоа добро да го објаснат на неколку страници текст. Со други зборови, да достават до ЕМИТЕР комплетен напис за проектот, а ние ветуваме дека ќе го објавиме и ќе им исплатиме хонорар. Ако не го направат тоа, ќе сметаме дека тие исти "сеирџии" не се способни да сработат ниту наједноставно проектче за објавување во ЕМИТЕР или се плашат дека некој друг "сеирџија" ќе ги критикува за плагијат, за лошо реализиран или лошо презентиран проект! Најпосле, ако не сакаат во ЕМИТЕР, може да го објават својот проект каде било, ама конечно нека се фатат за работа, а не само неосновано да критикуваат други.
Владимир Филевски и Слободан Таневски