Почитувани
Во нашето списание ЕМИТЕР, кое се уште со нетрпение го очекуваме и читаме како во времето од пред интернет ерата кога беше единствен буквар за електроника на повеќето хоби електроничари, би ве замолил да посветите повеќе внимание на запоставените теми од приземна електроника, на пример, автоелектрониката – мототроника. На пример, за почеток да се објави конструкција на еден обичен издржлив и квалитетен електронски регулатор на напон – реглер за алтернатор.
Досега имавме можност на страниците од Емитер да видиме конструкции на лампашки засилувачи, но сè уште не е објавена барем една конструкција на singl-ended лампашки засилувач (со EL84 или EL34), а исто така и некоја конструкција на високоефикасни звучници компатибилни со singl -ended засилувачи кои вообичаено се со мала снага.
Полезно ќе биде да продолжите со серијалите за одржување како што беше тој за одржување на автомобилите. На пример, добро би дошле серијали за одржување на машини за перење, разгласни уреди, за клима уреди, коректори на напон на градска мрежа итн... Да не заборавиме дека електорниката поевтинува, но услугите од која било област ги задржуваат цените. Се разбира целта на ЕМИТЕР не е да биде курс по сервисна електроника, но, сепак, покрај теоријата малку практика нема да штети. Веќе долго време очекуваме вашите соработници, кои досега имаа убави написи низ изминатите години, да објават една книга како целина за звучните кутии.
Целта на ова мое јавување е да се добие разноликост на содржината на списанието со цел да се задржи интересот не само на оние кои се ориентирани кон езотерична електроника туку и обичните електроничари кои имаат практичен, утилитаристички пристап кон електрониката, со цел да не ни се случи згаснување на овој наш првенец од електрониката кој со радост го читаме.
Аријан Асани

Ви се заблагодаруваме на предлозите кои ни ги упативте со цел ЕМИТЕР да биде уште подобар. Но, истовремено мораме да потенцираме дека ЕМИТЕР според својата концепција, колку што е теоретско-информативно списаните исто толку (ако не и повеќе) е практично списание. Потврда за ова се големиот обем на написи со практична природа, како градба на разни електронски склопови, разни "школи" кои ги негуваме, како Школа за електроника и серијалите (и книгите и брошурите) за поправка на телевизори, аудиотехника, автомобили и слично. Впрочем, и уредите и направите кои се објавуваат како проекти за самоградба во ЕМИТЕР (езотерична електроника + утилатеристичка "обична" електроника + механика и др.), покрај градбата на склопот секогаш, сакале тоа ние или не, задолжително ја имаат и вклучуваат во себе и компонентата на нивната поправка или отстранување на некој нејзин дефект или неправилност т.е. сервисерскиот дел на проблемот. Исто така и рубриката ПИСМА изобилува со решенија за вакви проблеми, како за прикажаните проекти така и за разни домашни апарати.
Во секој случај, вашите предлози ќе бидат разгледани од нашите соработници и се надеваме дека, барем дел од нив, ќе бидат реализирани. На пример, наша одамнешна желба е да направиме проект за push-pull засилувач со EL84, но голем проблем се цените на излезните трансформатори и тоа што ги нема во македонските продавници. Во случајот на single-ended засилувач со EL34 тој проблем е уште понагласен. Стапивме во контакт со некои фирми од соседството кои произведуваат вакви трансформатори, па ќе видиме дали ќе можеме да добиеме поволна цена. Исто така, книгата за звучници одамна е во план, но секојдневните обврски засега не го дозволуваат тоа.
Слично, за голем дел од вашите предлози проблем е да се најдат автори кои би имале знаења, време и ентузијазам да подготват и објават некој таков практичен проект или серијал за сервисирање (на машини за перење, клима уреди и други домашни апарати). Соработниците во ЕМИТЕР се малку на број и не можат да ги покријат сите области, а на нашиот отворен повик за соработка ретко кој се јавува. Во Македонија има илјадници инженери, техничари и напредни хобисти па кога секој од нив би подготвил за ЕМИТЕР само по еден напис или еден проект од својата област, тогаш би имале неисцрпнен извор на теми и проекти за објавување, на општа радост на сите читатели.
Томе Скендеровски и
Владимир Филевски


Здраво ЕМИТЕР,
Имам засилувач од 100 W. Ако потенциометарот е завртен во крајна десна положба, со колкава моќност треба да биде звучникот за да се добие чист и неизобличен звук?
Александар Јованов,
преку e-mail

Под претпоставка дека таа ваша крајна десна положба за вас значи "полна" моќност, односно 100W, звучникот треба да биде димензиониран трајно да ги издржи тие 100W. Друга работа е дали првите и вторите 100 W се мерени со ист аршин! (поопширно во Емитер 12/05 – стр. 43 и Емитер 1/07 – стр. 38).
Што е за вас чист и неизобличен звук останува енигма! За мене таква категорија во реалниот свет не постои! Да направиме аналогија со едно магаре. Магарето има носивост од 100 kg. Ако истото го оптовариме со номиналните 100 kg, неговите нозе може да почнат да "се тресат" и истото нема да може да ја постигне својата номинална "магарешка" брзина од 11 km/час. Дотолку повеќе, по некое време истото може да "папса", а не дај боже и да "липса". Друга би била ситуацијата ако истото магаре го оптовариме со само 10 kg. Тоа, вака "лесно оптоварено", просто би "летало" по патот, неговите нозе нема да "се тресат" и многу малку би отстапувал од предвидениот итинерар. Со други зборови, колку сме подалеку од максималните перформанси на еден систем, тој толку помалку ќе изобличува.
Ако вие се стремите да постигнете "чист и неизобличен звук", пробајте истиот да го користите што е можно подалеку од неговите максимални можности. Ако вашиот систем од 100 W нагоден да работи на само неколку вати, не е доволно гласен за вашите уши, пробајте да набавите некој систем од неколку киловати, па слушајте го истиот на 100 W! Пазете притоа да не го оштетите слухот! Не заборавајте дека и вашето уво може да "се тресе" и да "папса" под дејство на голем товар!
Емилијан Иљоски

Никогаш, ама баш никогаш, па дури ни тогаш, не вртете го потенциометарот во крајна десна положба!!! Ако го завртете потенциометарот во крајна десна положба, ќе добиете максимално изобличен звук и прегорен високотонец (и среднотонец), независно од моќноста на звучникот! Всушност, многу е веројатно дека истото ќе се случи и кога потенциометарот се наоѓа "на средина", во позиција "12 часот". Повторувам: не е проблемот во моќноста на звучникот (може да биде и од 1000 W !), туку во позицијата на потенциометарот!
Постојат два начина да ја најдете позицијата на потенциометарот со која се добива максимално гласен, но чист и неизобличен звук.
Првиот начин е без користење на мерни уреди (и е помалку прецизен): завртете го потенциометарот на засилувачот во скоро крајна лева положба (на минимум) и вклучете го CD-плеерот. Најдете го најгласното место на CD-то и полека засилувајте ја јачината на звукот (вртете го потенциометарот на десно), сè додека не чуете дека звукот почнува да изобличува. Ова изобличување најлесно може да се открие по промената на квалитетот на средните и високите тонови (стануваат непријатни и крескави). Брзо означете ја оваа позиција на потенциометарот и веднаш потоа завртете го на лево. Целата оваа постапка повторете ја со неколку CD-а (колку повеќе, толку подобро) на најгласното место, и означете ја најмалата ("најлевата") позиција на потенциометарот. Е, оваа позиција треба да биде онаа максималната ("најдесна"), односно тоа е позицијата на потенциометарот кога засилувачот на својот излез испорачува чисти, неизобличени 100 W. На вака "наштиман" засилувач треба да се приклучи звучник со моќност од најмалку 100 W. Никогаш не го поставувајте потенциометарот "подесно" од оваа позиција, бидејќи нема да ве спаси ниту звучник од 1000 W - звукот ќе биде изобличен и нечист, а може да прегори високотонецот (и среднотонецот)! Ако оваа максимална јачина на звукот не ви е доволна, купете си други, високоефикасни звучници за професионално озвучување, со осетливост ("ефикасност") повисока од 95 dB/1m/2,83 V.
Идентична е постапката во случај кога изворот на звук е радиоприемник (тјунер), касетофон или нешто друго. Овие уреди даваат понизок излезен сигнал отколку CD-плеерот, па затоа максималната позиција на потенциометарот ќе биде малку подесно.
Вториот начин е со мерење и ќе ви треба дигитален волтметар и тест-CD. На излезот од засилувачот приклучете пегла, решо, или некој друг отпорник со моќност од најмалку 200 W и отпорност од најмалку 20 Ω. Завртете го потенциометарот на засилувачот во скоро крајна лева положба (на минимум) и вклучете го CD-плеерот. Пуштете го тест-CD-то на оној дел каде е снимен синусен тон (најмногу до 1000 Hz) со ниво од 0 dB, полека засилувајте ја јачината на звукот (вртете го потенциометарот на десно), сè додека не измерите напон на излезот од засилувачот еднаков на 28 V (ако е деклариран како 100 W на 8 Ω), односно 20 V ако е деклариран како 100 W на 4 Ω. Означете ја оваа позиција на потенциометарот. Оваа позиција треба да биде онаа максималната ("најдесна"), односно тоа е позицијата на потенциометарот кога засилувачот на својот излез испорачува чисти, неизобличени 100 W. Всушност, најточни мерења би биле кога мерниот отпорник би бил со иста минимална импеданса како и звучникот, но тоа би бил голем стрес за засилувачот и вакво мерење не препорачувам на почетници.
Идентична е постапката во случај кога изворот на звук е касетофон. На CD-плеерот пуштете го тест-CD-то на оној дел каде е снимен синусен тон (1000 Hz) со ниво од 0 dB и тонот снимете го на касетофонот со ниво од +3 dB. Потоа касетата пуштете ја на касетофонот и полека засилувајте ја јачината на звукот (вртете го потенциометарот на десно), сè додека не измерете напон на излезот од засилувачот еднаков на 28 V(ако е деклариран како 100 Ω на 8 Ω), односно 20 V ако е деклариран како 100 W на 4 Ω. Означете ја оваа позиција на потенциометарот.
За тјунери не може да се изведе ваква постапка со мерење (барем не вака едноставно).
Владимир Филевски


Здраво,
ви пишувам во врска со алармот за во автомобил од број 5-6/2К (мај/јуни 2000г). Значи, целата плочка ја направив и кога ќе ја вклучам на напојување од 12V, интегрираното коло IC1 загрева и не продолжува струјата низ плочката. Со професорот по пракса ја проверивме плочката и не откривме никаков спој при лемењето. Пастата е исчистена од плочката, а елементите ни се поставени правилно. Значи, проблемот ни е со интегрираното коло. Ве молам, ако можете да ни помогнете.
Александар Тошевски

Внимателно прегледувајќи ја електричната и монтажната шема не забележав видлива причина поради која би можело интегрираното коло IC1 да се прегрева. Во применетата конфигурација, тајмерот би можел да прегрева во некој од следните случаи:
- неправилно поставување на колото на плочката, поради "ротација" пин 8 да се најде по грешка на позицијата на пин 1, па така колото да добие инверзно напојување, наместо плусот од напојувањето да биде на пин 8, а масата на пин 1 напојувањето ќе биде обратно (пин 8 на маса, а пин 1 на плус). На ваков начин колото ќе "прегори" и ќе се прегрева.
- краток спој на излезниот приклучок (пин 3), неправилна (премала вредност на R3 или отпорноста на релејот Re1) или обратна поларизација на диодата D1. Овие можни грешки би довеле до протекување на поголема струја низ колото и до негово загревање. Обратно поларизирана диода би ги "премостила" контактите од релејот и поголема струја би протекла низ отпорникот R3.
Како да си помогнете сами, поради тоа што не е лоцирана можна грешка за споменатото загревање на колото?
Извадете го од подножје колото IC1 (или одлемете го). Проверете на плочката или подножјето од колото дали пин 1 (маса) е на потенцијал нула, а пин 8 на потенцијал на напонот на напојување од В:12V. Проверете ја правилната поларизација на диодата D1, измерете ја вредноста на намотките од релејот Re1 и вредноста на серискиот отпорник на релејот, отпорникот R3. Потоа пред да го ставите колото, подигнете ја ногичката (пин 3) да не навлезе во подножјето или не ја лемете, а потоа ставете го колото и измерете колкава е струјата што ја "повлекува". Мирната струја не би смеела да биде поголема од неколку mA. Ако во овој случај нема загревање вклучете ја ногичката (пин 3) и проверете дали IC1 се загрева. Ако загревањето сè уште е присутно можно е причината да е во самото интегрирано коло, па обидете се со некој друг примерок на 555 или ставете CMOS интегрирано коло 555.
Ако после неколку обиди не се снајдете со причината за прегревање според нашите упатства, тогаш побарајте помош од некој искусен електроничар. Но, задоволството е поголемо ако грешката ја откриете сами.
Да ја искористам можноста да ви напоменам дека за овој проект во ЕМИТЕР 6/03 е објавена една исправка за корекција на ППК, но таа нема никакво влијание врз дефектот кој го спомнувате. Имено, на ППК треба дополнително да се направи еден спој помеѓу десната ногичка од отпорникот R27 и долната ногичка на отпорникот R9 (гледано од страната на компонентите). Ако ППК ја имате набавено од ППК сервисот на ЕМИТЕР, овој спој е маркиран со црвена боја. Без овој спој, пин 8 од колото IC3 не добива напон од 12V и биперот нема да работи.
Петар Аврамовски