Повеќе "приземна" електроника и сервисирање

Почитувани
Во нашето списание ЕМИТЕР, кое се уште со нетрпение го очекуваме и читаме како во времето од пред интернет ерата кога беше единствен буквар за електроника на повеќето хоби електроничари, би ве замолил да посветите повеќе внимание на запоставените теми од приземна електроника, на пример, автоелектрониката – мототроника. На пример, за почеток да се објави конструкција на еден обичен издржлив и квалитетен електронски регулатор на напон – реглер за алтернатор.
Досега имавме можност на страниците од Емитер да видиме конструкции на лампашки засилувачи, но сè уште не е објавена барем една конструкција на singl-ended лампашки засилувач (со EL84 или EL34), а исто така и некоја конструкција на високоефикасни звучници компатибилни со singl -ended засилувачи кои вообичаено се со мала снага.
Полезно ќе биде да продолжите со серијалите за одржување како што беше тој за одржување на автомобилите. На пример, добро би дошле серијали за одржување на машини за перење, разгласни уреди, за клима уреди, коректори на напон на градска мрежа итн... Да не заборавиме дека електорниката поевтинува, но услугите од која било област ги задржуваат цените. Се разбира целта на ЕМИТЕР не е да биде курс по сервисна електроника, но, сепак, покрај теоријата малку практика нема да штети. Веќе долго време очекуваме вашите соработници, кои досега имаа убави написи низ изминатите години, да објават една книга како целина за звучните кутии.
Целта на ова мое јавување е да се добие разноликост на содржината на списанието со цел да се задржи интересот не само на оние кои се ориентирани кон езотерична електроника туку и обичните електроничари кои имаат практичен, утилитаристички пристап кон електрониката, со цел да не ни се случи згаснување на овој наш првенец од електрониката кој со радост го читаме.
Аријан Асани

Ви се заблагодаруваме на предлозите кои ни ги упативте со цел ЕМИТЕР да биде уште подобар. Но, истовремено мораме да потенцираме дека ЕМИТЕР според својата концепција, колку што е теоретско-информативно списаните исто толку (ако не и повеќе) е практично списание. Потврда за ова се големиот обем на написи со практична природа, како градба на разни електронски склопови, разни "школи" кои ги негуваме, како Школа за електроника и серијалите (и книгите и брошурите) за поправка на телевизори, аудиотехника, автомобили и слично. Впрочем, и уредите и направите кои се објавуваат како проекти за самоградба во ЕМИТЕР (езотерична електроника + утилатеристичка "обична" електроника + механика и др.), покрај градбата на склопот секогаш, сакале тоа ние или не, задолжително ја имаат и вклучуваат во себе и компонентата на нивната поправка или отстранување на некој нејзин дефект или неправилност т.е. сервисерскиот дел на проблемот. Исто така и рубриката ПИСМА изобилува со решенија за вакви проблеми, како за прикажаните проекти така и за разни домашни апарати.
Во секој случај, вашите предлози ќе бидат разгледани од нашите соработници и се надеваме дека, барем дел од нив, ќе бидат реализирани. На пример, наша одамнешна желба е да направиме проект за push-pull засилувач со EL84, но голем проблем се цените на излезните трансформатори и тоа што ги нема во македонските продавници. Во случајот на single-ended засилувач со EL34 тој проблем е уште понагласен. Стапивме во контакт со некои фирми од соседството кои произведуваат вакви трансформатори, па ќе видиме дали ќе можеме да добиеме поволна цена. Исто така, книгата за звучници одамна е во план, но секојдневните обврски засега не го дозволуваат тоа.
Слично, за голем дел од вашите предлози проблем е да се најдат автори кои би имале знаења, време и ентузијазам да подготват и објават некој таков практичен проект или серијал за сервисирање (на машини за перење, клима уреди и други домашни апарати). Соработниците во ЕМИТЕР се малку на број и не можат да ги покријат сите области, а на нашиот отворен повик за соработка ретко кој се јавува. Во Македонија има илјадници инженери, техничари и напредни хобисти па кога секој од нив би подготвил за ЕМИТЕР само по еден напис или еден проект од својата област, тогаш би имале неисцрпнен извор на теми и проекти за објавување, на општа радост на сите читатели.
Томе Скендеровски и
Владимир Филевски