Почитуван ЕМИТЕР,

Имам проблеми со бекапите на документите од мојот компјутер. Бекап правам еднаш ме­сечно. До­ку­­ментите тежат околу 300 GB и кон­тра­продуктивно е копија да се прави примитивно со тоа што ќе се сними целата датотека одново, а старата копија на датотеката ќе се избрише. Системот на фолдери и потфолдери ми е исклу­чително сло­жен и често имам потреба од пре­име­нување на некои стари фолдери и бришење на некои датотеки, како и креирање и смес­тување на нови датотеки.

Условот е бекапот да е верна копија на целата организација и содржина на моите доку­менти во моментот кога е тој направен. Иде­јата е ако ми се расипе работниот диск, да ги имам сите документи со нивната организација во над­во­реш­ниот хард диск (како верна копија) како и на компјутерот за по потреба само да ги насни­мам на новиот хард диск од компјутерот кога ќе го сменам расипаниот хард со нов и да про­должам да работам.

Би ве замолил за совет како да го решам овој проблем. Дали пос­тојат некои програми за бекап кои функционираат така што прават пре­сни­мувања и бришења само на промените во папката со доку­мен­ти или подобро е да одам со пара­лелен (втор) внатрешан хард диск, кој во реално време ги ажурира сите промени во “ори­ги­налниот” хард диск и така јас фактички во реално време имам копија на сите мои до­ку­менти.

Ви благодарам за одговорот,

Томе Скендеровски,

 

Изборот на вистинско решение за бекап на податоците знае да биде вистински “ноќен кош­мар” особено ако се работи за масовни бекапи со мноштво податоци, орга­низирани во папки и со соодветна структура. Да, се сложуваме со констатацијата дека обичното, “пе­шачко” архи­вирање на 300+ GB по­датоци е непрактично и бавно, а постои и можност тие несакано да се избришат, да се удвојат и слично.

RAID, Replication и/или Mirroring техно­ло­гиите, кои главно овоз­мо­жу­ваат чување на една копија од податоците можат да бидат едно од можните решенија. На пример, RAID 1 (Mirroring) овозможува пра­ве­ње верна копија на работниот диск во реално време. Во случај на негово отка­жу­вање, системот про­должува да работи од вториот диск, на којшто дотогаш се правени ко­пии. Но, во случај на каква било корупција на податоците или “ви­русна инфекција” која нема да се открие веднаш, тие коруптирани/заразени документи ќе се насни­маат и на другиот диск. Со тоа, проблемот се удвојува, грубо ре­чено, а и се зголемува брзината на заразување на целиот систем со вирус.

Значи, и RAID опцијата, иако ефикасна, сепак не е најполезно решение.

Како најпрактично решение во овој случај се наметнува правењето бекап во реално време, или т.н. Continuous Data Protection (CDP). Ова реше­ние се разликува од RAID1 по тоа што во случај на корупција на актуелните податоци, дава оп­ција да се повратат претходните, веќе снимени и некоруптирани.

Постојат програми за оваа на­мена – на при­мер EASEUS TO DO BACKUP, ACRONIS BACKUP, LIVE FILE BACKUP. Овозможуваат пра­ве­ње бекап во реално време на системски фајлови, цели партиции/дискови, како и на поединечни да­тотеки. Потребно е малку трпение за да се нагодат, но потоа функ­ционираат беспрекорно. Бекапот може да се врши на интерен или на екстерен диск, мрежно, на друг компјутер, во CLOUD опкружување, а поддржани се и вирту­елни ма­шини.

Не се бесплатни, но овоз­мо­жуваат бес­пла­тен тест-период и не се скапи.

Не успеавме да пронајдеме бес­платно ре­шение, но не значи и дека не го има.

И конечно – каде да се чуваат копиите?

Екстерен или интерен диск, мрежно, на друг компјутер – сето тоа е подложно на хаварии, што би значело губење на податоците. Да, има специ­јализирани сервиси за враќање на податоците од оште­тени дискови, но целосниот успех не е загарантиран, а и самата опе­рација е мошне скапа. За загубе­ното време и да не говориме. Дури и да се одлучиш за ваква опција, тогаш екстерен SSD диск е најдоб­рата опција – можеш да ги носиш со себе податоците насекаде, а и SSD дискот нема механички делови, така што е поотпорен на хаварии. Секако, треба да е заш­титен од статички електрицитет.

CLOUD опкружувањето е мо­жеби најсигурна верзија, но сепак – податоците се на нет...

Се надевам дека барем малку помогнавме во разрешувањето на дилемата.

Зоран Ивановски


Почитуван Емитер,

Во врска со вашиот текст “До­кази за рота­ција на Земјата” (http://emiter.com.mk/vesti/17851), доказот под број 3, кој за вас е најглавен и најубедлив доказ, има своја ано­малија (https://en.wikipedia.org/wiki/Allais_effect). Ако сме искрени и раз­мислуваме логички, заклучок е де­ка Фукоо­во­то нишало не ја регис­трира Земјината рота­ција, туку со­се­ма друг тип на “движење”. А кој тип на движење, во тоа не сакам да навлегувам во дискусија сo вас, а и со кој било друг. Зошто?... Бидејќи не сте подготвени... не е прашање на аргументи, туку на вградени убе­дувања со кои сте про­гра­ми­рани со децении.

Ова ви го пишувам со добра намера, оста­ве­те ја астрономијата (астрофизиката и, особе­но, астро­хемијата)... тоа не се научни дис­ципли­ни, туку PR на Јесуитите, со кој сакаат да го по­доб­рат својот хелиоцентричен модел во кој нè “убе­дуваат” веќе 500 години... дури и самите има­те забележано дека хипотезите се менуваат за многу брзо, и секоја промена е нов “до­каз”... При­мер, вашите текстови во Емитер 2/2012 и 6/2012 :)))

- 2/2012 Месечината е дел од Земјата

- 6/2012 Потеклото на Ме­се­чината, сепак, непознато?

Пишувајте за достигнувањата во медици­ната, електрониката и електриката (вашите најаки стра­ни), особено за IoT и за embedded технологии, бидете единствени кои ќе пишуваат текстови за натпре­варувачка инфор­матика, Томе Скен­деровски нека ги сподели не­говите DIY упатства за возилата... во пи­шаното списание бевте добри на многу полиња!

Но, доколку сакате посетеност на facebook страницата, тогаш про­воцирајте ги заслепените рамно­земјани и имајте по 200 коментари по објава. Изборот е ваш!

П.С. Моделот на рамно­зем­ја­ни­те има дупки и гооолеми не­дос­та­то­ци, но не толку големи како кон­век­с­но-хелиоцентричниот мо­дел што го пропагира модерната “наука”.

Поздрав.

Горан Лазаревски

 

Почитуван г. Лазаревски,

Мило ни е што сте задоволни од содржините во ЕМИТЕР од об­лас­тите на медицината, ин­форма­тиката, електрониката, електротех­никата и автомобилската техника. Според тоа, мисијата на ЕМИТЕР за популаризација на науката и тех­ни­ката е успешна, барем што се однесува за Вас за тие 5 области. Но, длабоко сме разочарани што астрономијата и астрохемијата не ги смета­те за научни дисциплини. Или ние сме потфрлиле во нашите напори на полето на приближува­њето на науката астрономија кон пошироката публика, или потфрлил целокупниот образовен систем во Македонија, или проблемот е кај Вас самиот. Четврто нема.

Докази за ротацијата на Зем­јата околу себе се многубројни – но не постои ниту еден против! Ако знаете за некој доказ против, Ве молиме да го презентирате!

Нишалото на Фуко е само еден од доказите за ротацијата на Зем­јата околу себе. Го избравме за прикажување затоа што тоа е многу едноставен експеримент и секој заинтересиран може сам да го нап­ра­ви и да се увери во резултатите. “Аномалијата” на Allais не е пот­врдена од науката, бидејќи пове­ќето истражувачи никако не мо­желе да ги добијат тие резултати. А сè додека сите истражувачи не ги добијат истите резултати – тоа не е научен факт. Освен тоа, постојат неколку сериозни испитувања кои заклучиле дека аномалијата на Allais воопшто не постои, бидејќи наводните позитивни резултати ус­п­ешно ги објасниле со сосема про­заични причини.

Вчудовидени сме што не го при­­фа­ќате хелиоцентричниот пла­не­та­рен систем!? И тоа денес, во дваесет и првиот век?! Па зарем живеете во темниот, мрачен сре­ден век?! Дури и го прогласувате хелиоцентричниот систем за језуит­ски ПР!? Ако не сте знаеле, Језуи­тите (Езуити, Исусовци, Друштвото Исусово) се формирани во 1534 го­дина, од страна на Ињиго (Игнасио) Лопез де Лојола. А хелиоцентрич­ниот систем се појавил 1800 години пред нив – уште во третиот век пред нашата ера, античкиот фило­зоф Аристарх од Самос (310 -230 година пр.н.е.) го објаснил хелио­цен­тричниот систем! Никола Ко­пер­ник го опишал својот хелиоцен­три­чен систем првпат во 1512 го­дина (пред воопшто да има абер од некакви Језуити!), во своето дело Commentariolus. Неговото главно де­ло за хелиоцентризмот, De Revolu­tionibus Orbium Coelestium го напишал во 1532 година (две години пред да се формираат Језуитите!), но не сакал да го објави во текот на свој­от живот, плашејќи се (со право!) од религиски заслепените и интелек­туално хендикепираните моќници.

Имате забелешка дека во ас­тро­номијата, хипотезите се мену­ваат многу брзо. Не гледам зошто тоа би претставувало некаков проблем? Препоставувам дека не ја раз­бирате суштината на хипотезата во научниот метод, како и разликата меѓу поимите хипотеза, теорија и закон. Прочитајте го нашиот текст “Дали теоријата е докажана”? од ЕМИТЕР 4-6/2017 и многу од Ваши­те недоумици ќе Ви се разјаснат. https://emiter.com.mk/napis/17578

Да се вратиме на Вашата из­јава: “Фукоовото движење не ја ре­гис­трира Земјината ротација, туку сосема друг тип на движење. А кој тип на движење, во тоа не сакам да навлегувам во дискусија со вас, а и со кој било друг. Зошто? ... Би­дејќи не сте подготвени... Не е пра­шање на аргументи, туку на вгра­дени убедувања со кои сте програ­мирани со децении.”

Прилично нарцисоидно е да си мислите дека Вие сте единствениот човек во Македонија без вградени (или стекнати) погрешни предубе­ду­вања. Ви препорачувам да про­читате што е тоа “Dunning-Kruger” ефект и како тој влијае врз луѓето – многу работи ќе Ви станат по­јасни.

Ако мислите дека имате несо­борливи докази против хелиоцен­тричниот систем (а афирмативни за некој друг систем), Ве предиз­вику­вам на “двобој” во рубриката “На граница на науката” – напишете што имате, а јас ветувам ќе бидам достоен и подготвен опонент. По­велете!

Патем, со нашите статии не мислиме никого да провоцираме (во негативна смисла) туку само да информираме, едуцираме и да пот­тик­нуваме на практично занима­вање со науката и со техниката. Накратко, да ја шириме научно-техничката култура во Македонија. Тоа што некои (приврзаниците на Рамна Земја, на пример) се нашле засегнати од нашите статии и со сите сили се трудат да нè убедуваат во нивните псевдотеории – е нивен проблем. Секој човек, и покрај те­жи­ната на научните аргументи, на­место знаењето може да си го из­бере верувањето. Но, тогаш треба да биде свесен дека со тоа си соз­да­ва извор на вечни фрустрации, секогаш кога неговите верувања ќе се соочат со реалниот свет.

Владимир Филевски


Здраво

Поздрав од Гевгелија, за по­четок, и молба за мала инфор­ма­ција.

Пред многу години, имав еден примерок од вашето списание во коешто имаше статија за некои звуч­ници од британско произ­вод­с­тво, или така ми е останато во се­­ќавање, КИНГ или слично. “High-End” звучници со многу добри ка­рак­теристики. Во сеќавање ми се 250W, висока осетливост и многу тешки, британско производство и, се разбира, убава цена.

Па, би бил многу благодарен ако некако добијам информација за тие звучници.

Срдечен поздрав,

Ице Просев

 

Најверојатно станува збор за звучниците Kingdom Royal, од бри­танската фирма Tannoy - осетливост 92 dB/2.83V/1m, максимална кон­тинуирана моќност 300 W, тежина 120 kg, со 18-инчен (46 cm) ниско­тонец, 12-инчен (30 cm) коаксијален звучник и 25 mm supertweeter. Новата верзија е со ознака Kingdom Royal Mk II и има 15-инчен (38 cm) ниско­тонец наместо стариот 18-инчен, но и повисока осетливост – 96 dB/2.83V/1m. Цената за еден пар е околу 50 000 евра.

Не сум ги слушал овие звуч­ници (иако во Скопје има еден пар), но сум имал можност да слушам звучници со цена далеку над 100000 евра. Морам да Ве разо­чарам, ниту еден од нив не може потполно да го долови звукот на музика во живо (иако биле блиску до тоа). Ваквите (пре)скапи звуч­ници, пред сè, се објекти на соци­јален статус. Сметам дека за по­малку од 20000 евра може да се добие слично ниво на квалитет на звукот, на пример со студискиот монитор JBL M2 (15-инчен ниско­тонец, двоен средно/високотонски драјвер во специјална хорна, осет­ливост 92 dB/2.83V/1m, максимална континуирана моќност 500 W, те­жина 59 kg). Ако Ве интересира на­бавка на JBL M2 или на некој друг JBL студиски монитор по многу при­­фат­лива цена, јавете се на contact@audioexpert.com.mk.

Владимир Филевски


Здраво,    

Сакам совет за звучниците Ja­mo S 608: http://www.jamo.com/speaker-types/floorstanding/?sku=S608

Општо мислење е дека имаат слаб среден опсег па ме интере­сира дали вредат за парите (во стран­с­тво се околу 350 евра за пар). Би ги користел во соба од 22 квадрата со стере засилувач за денс, хаус и R'n'B музика. Може ли со промена на филтрите да се до­бие одличен звук и колку би чи­нело?

Дали можеби имате некој со­вет?

Однапред благодарам!

Поздрав,

Војчо Јовановски

 

Не купувајте звучници на сле­по, без да ги чуете! Не потпирајте се многу на “тестовите” што ги има на интернет, освен ако не доаѓаат од сериозни и етаблирани списанија – но и нив земете ги со одредена доза на резерва. Во тие тестови најмногу внимание посветете на измерената амплитудно-фрек­вен­циска карактеристика и на изо­бли­чувањето, но сепак, на крајот нај­дете начин да ги слушнете тие звуч­ници во живо и да ги споредите слуш­но со некои други звучници со слична цена. Конструкциски, кон­фигурацијата кај Jamo S 608 со три среднотонци тешко дека ќе обез­беди кохерентна среднотонска ре­продукција. Тука можеби ќе по­могне преправка на свртницата (филтрите), но однапред нема га­ранција дека тоа би довело до не­кое подобрување. Според фото­графијата на свртницата што ја нај­дов во еден тест на Jamo S 608, ми изгледа дека свртницата е пре­мно­гу упростена и дека има место за подобрување, но сепак не можам да гарантирам за тоа додека не направам детални акустички ме­рења на звучникот и анализа на шемата на свртницата. Ако пре­правката на свртницата што би ја направил доведе до подобрувања, таа ќе биде бесплатна бидејќи ќе биде објавена во ЕМИТЕР, со цел и останатите сопственици на Jamo S 608 да можат да го направат истото подобрување на свртницата.

Цената од 350 евра е многу пониска од нормалната и веројатно се должи на некоја временски огра­ничена акција на чистење на мага­цините од старите модели. Како и да е, водете сметка дека ќе имате дополнителни трошоци за превоз од странство, плус царина и ДДВ, па на крајот цената ќе биде сериозно повисока од тие 350 евра.

Моја препорака е да пре­сме­тате колку би чинел превозот за­едно со царината и ДДВ за Jamo S 608 и да ги слушнете Jamo S 608 во споредба со Monitor Audio MR4 или MR6, или со Monitior Audio BX5, па на крајот да одлучите што е по­добро за Вас.

Владимир Филевски


Здраво.

Работам на едно старо возило, па морам да ја преработам инструмент-таблата. За таа потре­ба, тре­ба да го сменам флет кабелот, кој е иски­нат. Дали знаете каде можам да купам матери­јал за “flexible pcb”? Веројатно тоа е странскиот назив за ова.

Благодарам однапред,

Дарко Кузманов

 

За флесибилна ППК (flexible pcb), или ППК на фолија обратете се во Логинг електроник и во ГАЦ елек­троник. Не верувам дека има­ат “на лагер”, но веројатно можат да нарачаат на Ваше барање. Друго решение е флексибилната ППК да ја замените со обичен флет кабел.

Слободан Таневски