Почитувани,
Би сакал да се информирам дали постои шема според која би можел да го унапредам мојот CD плеер Marantz CD-46. На некои српски сајтови нешто има, но мене ми треба точна и прецизна шема со деловите кои треба да ги вградам.
Ви благодарам,
Благоја Буба

На интернет има многу шеми за "унапредување" на CD плеери, но најголемиот дел од нив не се верфицирани од мерења, туку се потпираат исклучиво врз субјективни оценки преку слушање. Тоа би било во ред доколку субјективната оценка се добива преку слеп слушен тест (или барем директен споредбен тест), но такво нешто досега не сум видел на интернет. Со други зборови, тоа "унапредување" не е сигурно потврдено, а трошоците на "унапредувањето" се големи. Во најголемиот број случаи тие унапредувања се изведуваат со замена на некои критични делови или цели блокови од CD плеерот со номинално поквалитетни делови или поквалитетни конструкции на блоковите, па логично би било да се очекува подобрување, но сепак досега не сум видел цврст доказ со слеп слушен тест. Како и да е, дури и да има подобрување, сепак не очекувајте чуда – во прашање се нијанси.
ЕМИТЕР не располага со детални информации и шеми за модификација на Marantz CD-46. Обидете се да ги најдете на интернет.
Владимир Филевски

Почитувани,
Ова е тоа што го најдов на интернет (направено и проверено):
"Поседувам Marantz CD 46. Фабричкиот звук би го оценил како шуплив, малку напорен, со матен бас и малку понагласен средно-високотонски спектар. Ги направив следниве зафати: Во напојувањето ставив кондензатори Nichicon од 4700 μF и Elna од 2200 μF. Наместо оригиналниот струен кабел, исплетов жици 2x2,5mm2 и ги преслеков со термо-црево и ставив керамички приклучок. Ставив брзи диоди Филипс, а наместо фабричкиот операциски засилувач ставив LM6172. Од долната страна на операцискиот на изводите 1-4 и 4-7 залемив отпорници од 3,9 kΩ со што операцискиот се поставува во работа во класа А. Во напојувањето за операцискиот ставив два MKT кондензатора WIMA и четири Elna Duorex.
По промените, разликите во звукот беа повеќе од очигледни. Звучната слика се прошири во сите насоки, басот се издефинира и продлабочи, средно-високите се смирија и добија многу детали."
Би ве замолил да ми одговорите дали од горенаведениот текст е јасно што и каде треба да се смени.
Поздрав, Благоја Буба

Ова е токму таков пример каков што очекував - направено, но со катастрофални концепциски грешки, а потоа непроверено со мерења и/или слеп слушен тест, па ниту со обичен споредбен слушен тест! Некој аматер кој во животот слушнал најмногу два различни CD плеери (можеби ни толку), објавил на форум некаква модификација на својот евтин CD плеер, а потоа, без директна споредба со ист таков немодифициран CD плеер, си халуцинира дека добил големи подобрувања во квалитетот на звукот. Тој направил огромна грешка со замена на оригиналниот операциски засилувач (не знам кој?) со LM6172 – тоа е неверојатна глупост! LM6172 е наменет за засилување на видеосигнали, а не за аудио – изобличувањата во аудиоподрачјето му се огромни! Залемувањето на отпорници меѓу пиновите 1 (излез А) и 7 (излез Б) со 4 ("минус" од напојувањето) ја поместува работната точка на излезниот пар push-pull транзистори од класа АБ во single ended класа А на едниот излезен NPN транзистор. Тоа е рамно на катастрофа – еден вид на изобличување се заменува со друг! Единствен правилен начин за модификација е да се замени оригиналниот операциски засилувач со некој многу подобар, но кој задолжително мора да биде наменет за аудиосигнали. Се разбира, притоа треба да се остави да си работи во својата класа АБ – токму како што е проектиран да работи.
Целата оваа глупост со поместувањето на работната точка во класа А на сите можни и неможни операциски засилувачи е многу раширена кај неинформираните аматери на форумите, а ретко кој знае дека тоа е еден реликт од едно одамнешно време, кој имал само една многу ограничена намена, и тоа само за операцискиот засилувач LM 324 (и на нему сличните). Имено, LM324 е еден од првите операциски со мала потрошувачка, која е постигната со работа на излезниот степен во чиста класа Б (нема мирна струја за класа АБ – нема потрошувачка)! Со оглед на огромните изобличувања на класата Б, операцискиот LM324 не може да се користи за аудионамена – тој е обичен, евтин операциски за општа (неаудио) намена. Но, во тие одамнешни времиња вистинските операциски за аудионамена биле скапи, па некому му текнало да го избегне crossover изобличувањето од LM324 со поместување на работната точка (како што е објаснето погоре). На овој начин навистина се добива подобрување на LM324 за аудионамена, но вака модифицираниот LM324 е многу полош во однос на кој било стандарден (и денес – многу евтин!) операциски специјално наменет за аудионамена – на пример TL072 или NE5532 (иако овие работат во класа АБ!).
Модификацијата со замена на постоечките кондензатори и диоди во напојувањето со подобри (и многу поскапи, во овој случај) може да донесе некои подобрувања, но и не мора. Ако има подобрувања, останува прашањето: колкави се тие подобрувања и дали вредат за вложените пари?
Што се однесува до "подобрувањето" со замената на кабелот за напојување, останува моето претходно прашање и длабокиот сомнеж во добивките со овој чекор.
Наравоучение: не верувајте на сè што ќе прочитате на интернет форумите, особено ако го напишале анонимни аматери.
Владимир Филевски


Колкава е максималната должина и колкав е пресекот на спроводниците за сензорите во диференцијалниот термостат од Емитер 1/11 за да се задржи точноста на мерењето?
Димитар Георгиевски

Отпорноста на двожилен бакарен кабел со должина L и напречен пресек на спроводниците s се пресметува од изразот
R = 2ρ • (l/s),
каде што ρ е специфичната отпорност на бакарот (ρ = 0,018 Ωmm2/m), l е должината на спроводниците и s е површината на нивниот напречен пресек.
За да има отпорност од 1Ω, должината на кабелот треба да изнесува речиси 14 метри кога напречниот пресек на спроводниците изнесува 0,5mm2, односно повеќе од 27 метри кога напречниот пресек на спроводниците изнесува 1mm2. Ако се има предвид дека отпорноста на најголемиот број PTC и NTC отпорници на температура од 25°C е од редот на килооми, јасно е дека должината и напречниот пресек на спроводниците има минорно влијание врз точноста на мерењето. Од друга страна, сите температурно зависни отпорници се чувствителни на промена на струјата што тече низ нив. На ова треба да обрнете многу повеќе внимание, отколку на должината на спроводниците. Се разбира, ако должината на спроводниците е екстремно голема, нивната отпорност ќе влијае врз точноста на мерењето. Во тој случај е неопходна компензација која се реализира со три или четирижилна врска помеѓу температурниот сензор и електронскиот склоп.
Георги Ефтимов


Здраво,
Јас сум еден од редовните читатели на вашето прекрасно списание. Сакам да ве прашам нешто за еден проект од Емитер, "Коло за мек старт на колекторски мотори", објавен во броевите 10/08 и 11/08. Јас го изработив проектот но брусилката, нејќеше да стартува, па затоа за потенциометарот P11 наместо 22k ставив 47k. Сега за некоја вредност поголема од 22k моторот стартува одлично и има добар старт, но не ја постигнува максималната вредност на вртежите. Го измерив напонот на приклучоците на брусилката и тој изнесува 183V.
Што да правам за да го добијам максималниот напон и максималните вртежи? Дали ке треба да го сменам и потенциометарот P12 кој е со вредност 5k и да ставам некоја поголема вредност или ќе треба да извршам некоја друга промена? Брусилката со која пробував беше со моќност од 750W, а наместо означениот тријак (кој го немаше во продавниците) имам ставено замена BTA-08 600b. Да не е проблемот во ова, односно дали да ставам некој друг тип тријак?.
Ќе ви бидам многу благодарен ако може да ми дадете некој совет.
Поздрав,
Драганчо Стоиловски

Со промена на тријакот нема да се постигне ништо. Со промена на вредноста на потенциометарот P11 се зголемила вредноста на временската константа која ја определува овој потециометар и кондензаторот C3 (22µF). Но, од друга страна сега е "расипан" DC напонот на инвертирачкиот влез од компараторот K2. Затоа вратете го оригиналниот потенциометар (22K), а зголемете го C3 на следната стандардна вредност (33µF), па повторно нагодете го склопот. Мислам дека тоа ќе го реши проблемот.
Кирил Крстевски


Здраво, ЕМИТЕР
Веќе подолго време сакам да изработам некој засилувач, па решив да го изградам 100W Hi-Fi засилувач од ЕМИТЕР 7-8/2008. Сакам да поставам неколку прашања во врска со тој проект.
1. Која верзија би била подобра да ја изработам, дали таа за 100W или 200W бидејќи имам читано баш во вашето списание дека разликата не била голема (3dB).
2.Ако ја намалам отпорноста на отпорниците R22 и R23 на 180 ома, дали на излезот ќе може да приклучам звучници со импенданса од 4 ома (бидејќи со оваа отпорност треба да се приклучат звучници со импенданса од 8 ома)?
Поздрав
Мартин Гелев,
ваш редовен читател

1. Разликата во максималната јачина на звукот меѓу 100 W и 200 W засилувач навистина не е некоја спектакуларна и изнесува точно 3 dB. Увото за "двојно погласни" ги смета звуците кои се за 6 до 10 dB посилни, а тоа се добива со 4 до 10 пати поголема моќност. Во конкретниот случај "двојно поголема гласност" од 100 W засилувач ќе добиете со засилувач со моќност помеѓу 400 W и 1000 W. Со 200 W засилувач ќе добиете само 3 dB погласен максимален звучен потисок. Дали овие 3 dB ќе Ви изгледаат доволни за да го оправдаат големото покачување на цената на компонентите (особено секцијата на напојувањето) останува само на Ваша субјективна проценка. За мене 100 W се доволни за домашна употреба и нема потреба од посилен засилувач. Но, ако овој засилувач сакате да го користите за (полу)професионално озвучување, тогаш најверојатно засилувачот од 200 W е подобро решение.
2. Ако отпорниците R22 и R23 ги ставите со вредност од 180 оми ќе можете да приклучувате звучници само со импеданса од 8 оми, ако приклучите 4-омски звучници заштитата ќе реагира порано со што ќе спречи достигнување на поголема моќност и преоптоварување на излезните елементи.
Владимир Филевски

Имам уште едно прашање за овој засилувач. Во списанието пишува дека за 8-омски звучници треба напојување 2x30V, а за 4-омски треба 2x24V, но дали ќе се оштети засилувачот ако го напојувам со симетричен напон од 2x30V, а приклучам звучници од 4 ома. Одговорот на второто прашање го разбрав дека ако ставам отпорници од 180 ома и приклучам 4-омски звучници дека засилувачот ќе биде малку послаб. За крај сакам да слушнам ваше мислење дали да го изработам овој засилувач (100W верзија) или пак 150W мосфет засилувач од ЕМИТЕР 7-8/07.
Однапред благодарам.
Ваш верен читател
Мартин Гелев

Напонот на напојувањето за овој засилувач е различен за 4 или 8-омски потрошувач со цел да се извлече максималната моќност од засилувачот за одредениот потрошувач. Ако сакате да имате универзален засилувач на кој во секое време, по потреба, ќе можете да приклучите звучник од 4 или 8 оми, тогаш морате да го изберете напојувањето од 2x24 V. Во овој случај засилувачот ќе ја дава својата максимална моќност само на звучник од 4 оми, а ако приклучите звучник од 8 оми засилувачот ќе испорача малку помала моќност.
Ако користите напојување од 2x30 V, тогаш не треба да приклучувате звучник од 4 оми затоа што засилувачот ќе го терате да испорачува моќност поголема од онаа за која е проектиран, па реално може да се очекува негово прегревање и фатален исход. Се разбира, ова важи само во случај кога сакате да испорачате максимална моќност. Ако сакате да послушате тивка музика на 4-омски звучници (со напојување од 2x30 V), ништо лошо нема да се случи. Сепак, за секоја сигурност, користете само напојување од 2x24 V и помирете се со реалноста дека засилувачот на 8 оми нема да може да испорача 100 W, туку малку помалку.
Секој засилувач има свои предности и недостатоци, па токму затоа нудиме различни проекти, со најразновидни засилувачи. Вам ви останува за кој ќе се одлучите.
Владимир Филевски


Здраво !
Имам засилувач 2x16W/4 ома и звучници 2x60W/4 ома со осетливост 89dB/1W/1m. Ме интересира дали може засилувачот да прегори од тоа што е приклучен на овие звучници.
Благодарам,
Петар преку е-пошта.

Се работи за давање спецификации по два различни аршина и затоа аматерите се наоѓаат збунети пред овие бројки. Имено, генераторите на моќност, во овој случај засилувачите, се специфицираат со максималната моќност која можат да ја предадат под одредени услови (2x16W при оптоварување од 4 ома); додека пасивните елементи кои трпат работа, во овој случај звучниците, се специфицираат со максималната моќност која можат да ја издржат (тука 2x60W).
Од вака поставени работите станува јасно дека, без разлика со колкава моќност се специфицирани звучниците, доколку таа моќност е поголема од онаа на засилувачот, тие нема да можат да го прегорат засилувачот сè додека се исправни и не "бараат" од засилувачот да им "испорача" поголема моќност отколку што тој е способен да предаде.
Едно најчесто сценарио на прегорување кај аудиоуредите воопшто не е врзано со овие бројки. Всушност, колку и да е моќен нашиот аудиозасилувач, тој може да отиде во "клипинг" и да предаде големо количество повисоки хармоници кои лесно можат да го прегорат високотонскиот звучник колку и да е тој издржлив (моќен). Тогаш тој, поради природата на работите, оди во куса врска и со тоа го преоптоварува засилувачот кој под вакви услови лесно може да прегори.
Затоа, велиме дека треба да имаме "слух" за да ни траат аудиоуредите: веднаш ако забележиме и најмало изобличување над вообичаеното, да ја намалиме гласноста на уредот. Со тоа недвосмислено ги штитиме и засилувачот и звучниците од "неочекувани" прегорувања!
Емилијан Иљоски