Модификација на Marantz CD-46

Почитувани,
Би сакал да се информирам дали постои шема според која би можел да го унапредам мојот CD плеер Marantz CD-46. На некои српски сајтови нешто има, но мене ми треба точна и прецизна шема со деловите кои треба да ги вградам.
Ви благодарам,
Благоја Буба

На интернет има многу шеми за "унапредување" на CD плеери, но најголемиот дел од нив не се верфицирани од мерења, туку се потпираат исклучиво врз субјективни оценки преку слушање. Тоа би било во ред доколку субјективната оценка се добива преку слеп слушен тест (или барем директен споредбен тест), но такво нешто досега не сум видел на интернет. Со други зборови, тоа "унапредување" не е сигурно потврдено, а трошоците на "унапредувањето" се големи. Во најголемиот број случаи тие унапредувања се изведуваат со замена на некои критични делови или цели блокови од CD плеерот со номинално поквалитетни делови или поквалитетни конструкции на блоковите, па логично би било да се очекува подобрување, но сепак досега не сум видел цврст доказ со слеп слушен тест. Како и да е, дури и да има подобрување, сепак не очекувајте чуда – во прашање се нијанси.
ЕМИТЕР не располага со детални информации и шеми за модификација на Marantz CD-46. Обидете се да ги најдете на интернет.
Владимир Филевски

Почитувани,
Ова е тоа што го најдов на интернет (направено и проверено):
"Поседувам Marantz CD 46. Фабричкиот звук би го оценил како шуплив, малку напорен, со матен бас и малку понагласен средно-високотонски спектар. Ги направив следниве зафати: Во напојувањето ставив кондензатори Nichicon од 4700 μF и Elna од 2200 μF. Наместо оригиналниот струен кабел, исплетов жици 2x2,5mm2 и ги преслеков со термо-црево и ставив керамички приклучок. Ставив брзи диоди Филипс, а наместо фабричкиот операциски засилувач ставив LM6172. Од долната страна на операцискиот на изводите 1-4 и 4-7 залемив отпорници од 3,9 kΩ со што операцискиот се поставува во работа во класа А. Во напојувањето за операцискиот ставив два MKT кондензатора WIMA и четири Elna Duorex.
По промените, разликите во звукот беа повеќе од очигледни. Звучната слика се прошири во сите насоки, басот се издефинира и продлабочи, средно-високите се смирија и добија многу детали."
Би ве замолил да ми одговорите дали од горенаведениот текст е јасно што и каде треба да се смени.
Поздрав, Благоја Буба

Ова е токму таков пример каков што очекував - направено, но со катастрофални концепциски грешки, а потоа непроверено со мерења и/или слеп слушен тест, па ниту со обичен споредбен слушен тест! Некој аматер кој во животот слушнал најмногу два различни CD плеери (можеби ни толку), објавил на форум некаква модификација на својот евтин CD плеер, а потоа, без директна споредба со ист таков немодифициран CD плеер, си халуцинира дека добил големи подобрувања во квалитетот на звукот. Тој направил огромна грешка со замена на оригиналниот операциски засилувач (не знам кој?) со LM6172 – тоа е неверојатна глупост! LM6172 е наменет за засилување на видеосигнали, а не за аудио – изобличувањата во аудиоподрачјето му се огромни! Залемувањето на отпорници меѓу пиновите 1 (излез А) и 7 (излез Б) со 4 ("минус" од напојувањето) ја поместува работната точка на излезниот пар push-pull транзистори од класа АБ во single ended класа А на едниот излезен NPN транзистор. Тоа е рамно на катастрофа – еден вид на изобличување се заменува со друг! Единствен правилен начин за модификација е да се замени оригиналниот операциски засилувач со некој многу подобар, но кој задолжително мора да биде наменет за аудиосигнали. Се разбира, притоа треба да се остави да си работи во својата класа АБ – токму како што е проектиран да работи.
Целата оваа глупост со поместувањето на работната точка во класа А на сите можни и неможни операциски засилувачи е многу раширена кај неинформираните аматери на форумите, а ретко кој знае дека тоа е еден реликт од едно одамнешно време, кој имал само една многу ограничена намена, и тоа само за операцискиот засилувач LM 324 (и на нему сличните). Имено, LM324 е еден од првите операциски со мала потрошувачка, која е постигната со работа на излезниот степен во чиста класа Б (нема мирна струја за класа АБ – нема потрошувачка)! Со оглед на огромните изобличувања на класата Б, операцискиот LM324 не може да се користи за аудионамена – тој е обичен, евтин операциски за општа (неаудио) намена. Но, во тие одамнешни времиња вистинските операциски за аудионамена биле скапи, па некому му текнало да го избегне crossover изобличувањето од LM324 со поместување на работната точка (како што е објаснето погоре). На овој начин навистина се добива подобрување на LM324 за аудионамена, но вака модифицираниот LM324 е многу полош во однос на кој било стандарден (и денес – многу евтин!) операциски специјално наменет за аудионамена – на пример TL072 или NE5532 (иако овие работат во класа АБ!).
Модификацијата со замена на постоечките кондензатори и диоди во напојувањето со подобри (и многу поскапи, во овој случај) може да донесе некои подобрувања, но и не мора. Ако има подобрувања, останува прашањето: колкави се тие подобрувања и дали вредат за вложените пари?
Што се однесува до "подобрувањето" со замената на кабелот за напојување, останува моето претходно прашање и длабокиот сомнеж во добивките со овој чекор.
Наравоучение: не верувајте на сè што ќе прочитате на интернет форумите, особено ако го напишале анонимни аматери.
Владимир Филевски