Почитувани,
Конечно, со помош на вашите совети, успеав да го проработам интелигентниот прекинувач за сабвуфер од Емитер 6/2006. Имав ставено погрешно ИК (4096 наместо 4069) и сум ги измешал местата на T1 и T2. Но, сега ми се појави друг проблем - уредот работи само што за да се вклучи бара многу да го попуштам мојот ресивер. Пробав со нагодување на P1, меѓутоа и кога е на најмала вредност и тогаш е потребен многу јак сигнал од ресиверот. Како да го решам ова? Дали P1 може да се замени со некоја друга вредност за уредот да биде поосетлив?
Никола Николовски
преку e-mail

Осетливоста на уредот може да се зголеми на неколку начини.
Наједноставно е да се зголеми вредноста на тримерот P1 од 470komi на 1Momi, а лизгачот да се постави на максимален отпор или во крајна десна положба. Слично на ова осетливоста може да се зголеми и со зголемување на вредноста на отпорникот R4 од 470komi на 1Momi. Ако со овие измени осетливоста сè уште не е доволна, како последна опција ја предлагам замената на отпорникот R1 од 100komi со отпорник од 47komi.
Со овие измени осетливоста би требало значително да се зголеми и со тоа уредот да реагира на многу послаб влезен сигнал. Ако и по ова вашиот уред сè уште нема доволна осетливост, тогаш, веројатно, имате некоја грешка во изработката или во вредноста на елементите – проверете ги врските и вредностите на елементите на плочката, а особено на кондензаторите C2 и C4 кои треба да бидат од 100nF.
Дејан Трпески

Со сите 3 измени солидно се зголеми осетливоста на уредот и одлично функционира со влезен сигнал од ДВД плеерот. Но, кога слушам радио (кое е преку кабелската) тогаш сигналот не е баш сјаен на некои станици, па треба ресиверот да го попуштам повеќе. Добро би било доколку може уште малце да се зголеми осетливоста. Дали може?
Никола Николовски

Осетливоста на колото може дополнително да се зголеми со зголемување на вредноста на отпорникот R5 од 220komi на 1Momi. Со ова колото би требало да има повеќе од доволна осетливост.
Дејан Трпески


Здраво Емитер,
Сакам да прашам да не знаете каде може да најдам 10-киловолтни кондензатори од 8,8 nF? Многу сум заинтересиран да го изработам проектот "Теслин трансформатор", но сакам да ја изработам помоќната верзија од него... Пишува дека "старите" кондензатори од 22nF/2KV треба да се заменат со други од 8,8nF/10KV, но не успеав да ги најдам во ниедна продавница за електроника (имаат за максимум 2-3 KV). Затоа, ве молам, да ми кажете каде да најдам такви кондензатори?
Поздрав,
Кристијан преку e-mail

Очигледно дека не сте го прочитале текстот внимателно. Таму многу јасно пишува дека капацитетот од 8,8nF/10kV треба да се добие со сериско-паралелна врска на 10 кондензатора од 22nF/2kV, а тоа дополнително е илустрирано и на слика 1 од проектот.
Слободан Таневски

Благодарам Емитер за исправката... моја грешка било. Но, јас веќе порачав 10 кондензатори од по 8nF/10kV, па сакам нив да ги искористам. Затоа ме интересира, што ќе се случи ако ги ставам тие наместо наведените од 22nF? Дали ќе работи Теслиниот трансформатор?
Сакам да прашам и за примарниот калем кој треба да биде намотан на цевка со дијаметар од 11cm. Но, јас каде што барав немаа од 11cm, туку од 10cm или 12cm, па моето прашање е дали ќе може да го направам проектот со некоја од тие две димензии, дали ќе треба да се зголемат навивките, дали да барам жица со поголем пресек? Исто така, дали може да користам бобина од фиќо или да барам од друг автомобил? И за мрежниот трансформатор - дали може да се стави послаб или појак, на пример од 40W или од 60W, дали е подобро да биде од 60W?
Поздрав,
Кристијан преку e-mail

1. Најголемиот проблем при градба на Теслиниот трансформатор е набавката на кондензаторот Cp, димензиониран за напон на пробивање од најмалку 10kV и доволен капацитет. Ние го решивме проблемот со сериско-паралелна комбинација од 10 кондензатори од по 22nF и добивме капацитет од 8,8nF/10kV. Но, ако Вие сте порачале 10 кондензатори, секој по 8nF/10 kV, како што напишавте, сте го решиле проблемот со само еден од нив. Имено, 8nF/10kV е доволно приближно до 8,8nF/10kV! Единствено што ќе треба да преправите поради нешто помалиот капацитет е да го зголемите индуктивитетот на примарниот дел така што неговата резонантна фреквенција да остане иста како на секундарот. Тоа ќе го постигнете со 14 навивки (наместо 11), но, сепак, точниот број навивки, кој кореспондира со иста резонантна фреквенција како секундарот ќе го утврдите експериментално со "шетање" на контактот по двете крајни навивки од примарната намотка. Нагодувањето на точната резонантна фреквенција ќе го препознаете по максималниот ефект на Теслиното трафо; најдолги светлечки "молњи" од антената на секундарот.
2. Во врска со димензиите на цевката за примарниот дел на трансформаторот, можете да употребите каков било пречник помеѓу 10 и 12 cm бидејќи и онака треба да вршите нагодување на точната резонантна фреквенција поради употреба на нешто помал капацитет (8 nF наместо 8,8 nF). Ако употребите цевка со помал пречник, при добра нагоденост на резонанцијата може да ви се случи искрење внатре помеѓу секундарната и примарната намотка. Тоа се случи и кај нашиот прототип со пречник на примарната цевка од 11 cm! Но, тоа лесно се решава со навлекување на додатна поширока изолаторска цевка помеѓу секундарната и примарната намотка.
3. Може да се користи бобина од "фиќо", и ние употребивме токму таква бобина.
4. Се разбира дека е подобро трансформаторот да биде со поголема снага, 60 VA.
За сето останато видете во ЕМИТЕР 7-8/07!
Петар Лагудин


Ме интересира следното: имам жичена буба микрофон со напојување од 1,5-волтна батерија која е сместена во куќиште од 6,3mm џек. Воедно, користам "Canon" адаптер за да ја поврзам истата на микрофонски приклучок. Значи, бубата ја приклучувам на адаптерот за да можам да ја поврзам со миксетата, ама ми се јавува брум.
Ме интересира дали можам да го сменам ожичувањето и да ја направам бубата директно да "оди" на "Canon" микрофонски конектор. Воедно, сакам да го искористам напојувањето од 48V од самата миксета и, со додавање на отпорник, да го приспособам на потребите на бубата. Во овој случај, која вредност на отпорник би ми бил потребен? Алтернативно, би можеле да дадете некое ваше решение.
Ве молам за одговор.
Дејан преку e-mail.

Иако прашањето е малку конфузно, претпоставувам дека се работи за мал електрет микрофон со штипка. Уред кој во последно време ги "преплави" тезгите на Битпазар и останатите зелени пазари во републиката. Сепак, уредот, иако спаѓа во најниската класа микрофони, ако е правилно приклучен не треба да брмчи. Брмчењето може да биде последица од следното:
- неправилно ожичување, недостаток или "неквалитетна" маса (заземјување);
- приклучување на микрофонот на несоодветен влез на миксетата. Електрет микрофоните, имајќи свој засилувач, обично се приклучуваат на стандарден "line in" влез, а не на микрофонски влез;
- употреба на несоодветно напојување, различно од фабрички предвидената батерија. Од писмото не е потполно јасно дали се употребува батерија или адаптер;
- интерференција и прием на разни радиодифузни сигнали.
Значи, како прво, вие треба да ја решите појавата на брумот, а потоа евентуално да одите со некои други решенија за поврзување.
Во однос на вашата желба да го употребите постоечкото напојување од 48V има 2 сериозни пречки:
1) За да има сето тоа некаква смисла, треба да "преработите" еден влез и на еден од неговите приклучоци да го донесете бараниот напон. Тоа ќе значи простување со основната намена на влезот и нема да можете да приклучувате ништо друго освен електрет микрофонот. Штотуку повеќе, вака преправениот влез може ефикасно да "онеспособи" други на него приклучени уреди, трајно оштетувајќи ги. Алтернативно решение: влечење на некоја одделна жица (жици) за напонот на напојување мислам дека е сосема непрактично и потполно неестетски, а со негова евентуална куса врска рискирате трајно да ја онеспособите миксетата.
2) Сосема несоодветно е добивање на 1,5V од 48 присутни во уредот со помош на едноставни средства, како што е отпорник. Така добиениот напон практично ќе биде неупотреблив за вашиот електрет микрофон, бидејќи истиот ќе биде генератор на големо количество на брум! Невозможно е да добиете некое конзистентно решение кое ефикасно би ја заменило батеријата без да вложите 5 - 10 евра во компонети. За тие пари, на истите "зелени пазари" можете да добиете одличен динамички микрофон кој ќе има далеку подобри перформанси од вашиот електрет микрофон, а воедно нема да има потреба од никакви преправки.
Емилијан Иљоски


Почитувана Редакцијо, здраво!
Имам едно прашање: Го изработив електронското транзисторско палење од проектот "Транзисторско палење" објавен во ЕМИТЕР бр. 10/07, кое го монтирав на "Лада". Арно ама, сега се случува инструментот за покажување на вртежите на моторот да не работи рамномерно, односно стрелката подрипнува, а забележувам и "бобината" е малку топла, а ладилникот монтиран на излезниот транзистор T4 е ладен. Дали има некаков проблем со палењето или е до бобината?
На бобината помеѓу конекторите +15 и -1 измерив отпор од 3,2Ω - во што е проблемот, зошто се слуша зуење на радиото кога работи автомобилот?
Однапред ви благодарам,
Горан Василевски
преку и-меил

Најнапред да напоменам дека ова транзисторко палење го имам монтирано во "Лада" пред повеќе од 15 год. и работеше одлично без никакви проблеми!
Отскокнувањето на стрелката од инструментот за покажување на вртежите може да биде како последица од начинот на негово поврзување со "платината". Инструментот пред да го монтирате електронското палење беше поврзан на плусот на акумулаторот, а неговиот минус на маса, а третата жица беше поврзана на (–1) од бобината. Во дадениов случај сега таа трета жица треба да ја поврзете директно на завртката од платината (погледнете ја слика 6 од проектот). Ова сето треба да се направи, бидејќи инструментот ги мери импулсите од платината, а не импулсите на транзисторот T4. Ако и по ова стрелката откскокнува, намалете ја вредноста на отпорникот R1 на 220Ω, и, по потреба, заменете ја платината со нова. Исто така, пробајте со повторно спојување на кондензаторот C од платината кој претходно беше отспоен.
Зуењето кое се јавува од радиото може да биде последица од повеќе причини. Една причина може да биде влагата која навлегува во ППК од палењето, која многу ја има во овие есенски/зимски услови. Друга причина може да биде кондензаторот C4. Него треба да го замените со нов со вредност од 330…470nF/630V и да го залемите што поблиску до транзисторот T4. Сепак, проблемите поврзани со зуењето најчесто се од електромагнетна природа. Искрењето на свеќичките и платинката, како и напонско-струјните скокови во бобината, создаваат електромагнетни пречки за чие целосно елиминирање е неопходно да се примени оклопување на најчувствителните делови на радиото, како и на целиот уред. Исто така, треба да се обрне внимание и на начинот на поврзувањето на радиото со електричната инсталација во автомобилот. Секогаш треба да се тежнее за напојување да се користат посебни жици кои ќе бидат приклучени што е можно поблиску до акумулаторот. Електромагнетните пречки кои се индуцираат во каблите за напојување на радиото можат да се намалат или целосно да се елиминраат со додавање на "филтер за блокажа": кај радиото помеѓу плусот и масата поставете паралелно електролитски кондензатор од 1000 до 4700µF/25V и керамички кондензатор од 100nF, а жицата за плусот поврзете ја на плусот од напојувањето преку реден калем од неколку mH/5A.
На крај, за вредност на отпорот на "бобината" R поголема од 2,2Ω, како што е во дадениов случај, вредноста на отпорникот R9 треба да е 120Ω/2W, ова доаѓа од препораките од проектот.
За загревањето на бобината не "берете гајле", бидејќи како што наведовте во писмото таа има отпор од 3,2Ω, тоа значи ако тече струја низ неа заради нејзиниот отпор струјата ќе изврши нејзино загревање. Постои еден услов, температурата на бобината да не е многу голема за да не предизвика нејзино уништување. Ако со допир со рака можете да ја издржите температурата создадена во бобината, тоа докажува дека со неа сè е во ред.
Ви посакувам на крај успешно да ги отстраните проблемите на кои наидовте.
Славко Стојковски